Архитект Радован Раѓеновиќ, интернационалниот мајстор на архитектурата, почина денес на 81 годишна возраст.
Радован Раѓеновиќ е роден 1940 година во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје во 1964 година, а постдипломски студии завршил на интернационалната школа „Бауцентрум“ во Ротердам, Холандија во 1972 година.
Потписот на Раѓеновиќ се наоѓа на многу станбени, туристички и угостителски, деловни, индустриски и меморијални објекти создавани изминативе години на различни страни во светот. Неговиот труд е вграден во проектантските бироа „Алумина“- Скопје, „Мавровопроект“-Скопје, „Технометал“- Москва, „Будимекс“ – Л’вов и „Студио Р“ – Скопје, кои се вистински влог во архитектурата на Република Македонија. Неговите дела се слика на модерниот и современ дух на архитектурата. Меѓу нив се деловниот објект и спортска медицина под Кале во Скопје, хотелот „Електро-Скопје“ во Маврово, Олимписки базен Скопје, „Еуротел –Струга“, хотелски комплекс Запољарје, Сочи Русија, споменикот на слободата во Кочани и ред други како во Македонија така и низ светот.
За комплексот „Запољарје“ во Сочи, Русија, архитект Радован Раѓеновиќ е носител на признанието од Сојузот на друштвата на архитекти на Македонија за афирмација на македонската архитектура во странство во 1981/82 година и на диплома за труд од областа на урбанизмот, проектирањето, ентериерот и дизајнот во 1985 година. За меморијалниот комплекс „Споменикот на слободата“ во Кочани, како коавтор со Глигор Чемерски, архитект Радован Раѓеновиќ е носител на повелбата Почесен граѓанин на Кочани
Во 2016 година Асоцијацијата на архитекти на Македонија му ја додели наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело и достигнувања во архитектурата.