Почина архитект Мимоза Несторова – Томиќ добитник на наградата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2011 година.
Мимоза Несторова – Томиќ е родена 1929 година во Струга. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград во 1953 година. Студиите ги завршила со дипломскиот труд „Урбанистичко решение за туристичкиот опфат Трсија во Охрид“, под менторство на професор Бранко Максимовиќ. По дипломирањето се вработила во Институтот за народна архитектура на Техничкиот факултет во Скопје. Во наредната 1954 година била избрана за асистент на предметот Проектирање на станбени згради на Архитектонскиот отсек при истиот факултет.
Во периодот од 1954 до 1962 година, по краток период работејќи во бирото на архитектот Драго Галиќ во Загреб, Несторова-Томиќ учела и работела во бироа низ целиот свет, започнувајќи со пракса во Франција во 1957 година, и пракса во Велика Британија во 1960 година финансирана од British Council. Во 1964 година, заедно со нејзиниот сопруг, професор Љубомир Томиќ – исто така архитект, заминала во САД, каде работеле во Њујорк, Беркли и Чикаго
Од 1965 година работи во Заводот за урбанизам и архитектура на Скопје како самостоен проектант. Тука како директор на Заводот од 1986 година ја завршила својата активна кариера во 1989 година.
Позначајни реализирани дела:
- 1960 Станбен блок ( П+3) на ул. „Алберт Ајншајн“ бр. 1, во Скопје ( со арх. Љ.Томиќ);
- 1965 Урбанистички план на старата чаршија во Скопје ( со тим );
- 1972-76 Музеите на Македонија во Скопје ( со арх. К.Муратовски);
- 1973 Стоковна куќа „Беко“, подоцна преименувана во „Скопјанка“ на ул. „Даме Груев“ во Скопје;
- 1974 Угостителскиот објект „Менада“ во старата скопска чаршија во Скопје;
- 1983 Урбанистичко-архитектонскиот комплекс „Градска порта“ во Скопје ( со тим);
- 1983 Пензионерски дом во Струга
Награди и признанија:
- 1977 година добитник на наградата „13 ноември“ од Град Скопје за проектот на „Музеј на Македонија“.
- добитник на наградата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2011 година
Несторова – Томиќ, револтирано и немоќно гледајќи што се случува со нејзиното дело Стоковна куќа „Беко“, 2018 година за порталот МАРХ изјави: „Богати финансиски моќници си дозволуваат луксуз на рушење, а воопшто патриотски не делува деструктивниот став кој ни стана начин на размислување. Исплатливоста на рушење на ваков габарит како овој објект, веројатно е утростручување на површината и габаритот. Тоа е навистина непознато. Но каде ова води? Каков град сакаме? Скапо не чини немањето слух за почитување на претходните вредности. Сето тоа е историја на еден град. Цивилизациски е да ги почитуваме, сочуваме и да ги негуваме наследените вредности на градот.“