Насловна / Архитектура / Ин Мемориам Александар Никољски(1937-2018): За архитектурата на убавото

Ин Мемориам Александар Никољски(1937-2018): За архитектурата на убавото

Сеќавањето е повеќе од сознајна категорија. Сеќавањето, проекција во една од трите димензии на времето, пред сè е суштествена категорија на себе препознавање. Со сеќавањето за вредностите на другиот, ние истите ги актуализираме во себе и се подвижуваме. Сеќавајќи се постоиме.

ник_resize

Професор Александар Никољски

Се сеќаваме на Александар Никољски. Личност, архитект и педагог, кој остави дистинктивна трага на македонската културна сцена во периодот на втората половина на ХХ век.

Неговото делување е комплексно и во различни медиуми, кои се во постојано содејствие, синергија, надополнување. Од тоа меѓудејствие произлегува парадигматичноста и витализмот, длабокосежноста, но и отвореноста во неговото дело.

objekti

Се сеќаваме на Александар Никољски низ три, за него специфични аспекти, кои произлегуваат еден од друг, кои се неразделни и се проникнуваат.

Прво, Александар Никољски како личност, човек, потоа како творец, архитект и на крајот како педагог.

Како личност го красеше димензијата на добрина.

Добрина, која се реализираше како неконфликтност и уште повеќе како собирачкост. Тој ги обединуваше сите со своето разбирање и умереност. Со тоа влеваше хармонија и доверба. Имаше дар за препознавање на вредностите кај другите и доблест да ги поттикнува. Се радуваше на квалитетот и веруваше во успехот на другите.

Неговата добрина не беше само емоционална категорија, туку уште повеќе, беше егзистенцијална.

Таа негова личносна добрина, својството на собирање, поврзување, обединување понатаму го чинеа да биде вистински архитект. Затоа што вистинската архитектура е акт на составување , соединување, создавање состојба во која целината е повеќе од збир на елементите.

2_resize

Дом на култура во Србица

Значи второ, Александар Никољски како архитект.

Специфична е неговата повеќедимензионалност, афинитет и вештина чувствата и визиите да ги искаже во различни медиуми и мерила. Специфичен е неговиот холистички пристап на неразделност во согледувањето на архитектонскиот простор како внатрешен или како надворешен.

Повеќесетилноста на неговите простори е основата на нивната феноменална длабочина и трајност. Рефлексивната поетика низ различните планови на паралелност создава чувство на присутност, чувство на реализиран хуманизам.

Тој твореше во период на преиспитување на кодовите на дотогашното културно, и нему следствено архитектонското творештво. Период на постмодерната, која ја прифати критички и со свест за вредностите на сопствената културна традиција. Во таа смисла, ја врати сликовитоста, наративноста, асоцијативноста во обликовната пракса во која доминираше формалистичката апстракција.

Двата типски проекти за самопослужни продавници од 1963 година, во обликовна смисла се парадигматичен пример на високи паралели, до ниво на класична композиција, кои од друга страна се надополнети со префинета инженерска логика и реална технологија. Од тој период, 1968, исто така врвно архитектонско остварување е објектот со ентериерно решение „Грација“, кој стана симбол на новиот дух на времето, програмски и јазично формален.

србица_resize

Дом на култура во Витина

Неговите објекти, заедно со арх. И. Пулејков, домови на културата во Витина и во Србица, а потоа и мотелот „Македонија“ во Велес, имаат јасна типолошка референца со постојниот контекст, природен и артифициелен. Тие имаат богата морфолошка синтакса, која обезбедува просторна единственост и идентитет.

Ентериерните решенија во најразличните случаи се длабоко обмислени, со внатрешна хармонија која му дозволува на субјектот позитивна партиципација.

trafika

Систем на урбана опрема, киосци и настрешници

Важно е да се споменат и јавните урбани простори, систем на урбана опрема, киосци и натстрешници, кои претставуваа меки ткива, текстури, кои ненаметливо се вградуваа, но и создаваа места. Важна е и нивната наративност како оддалечување од машинската и враќање кон поетиката на органското.

Од неговата личносна добрина произлегува убавината на неговите простори.

И трето, во ова тројство на делување, создавање е неговата педагогија.

Тој даваше пример, прво со своето однесување, со вредностите кои самиот ги практикуваше. Вредности кои ги отелотворуваше во архитектурата. Потоа педагогијата на постојано истражување, откривање во рамките на наставата на Архитектонскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Истражувања на архитектонски простори, но и на артефакти, како траги на живот. Педагогија на културолошкото обединување на субјектот со апстрактната геометрија, простор преку предметите, објектите.

Неговата хабилитација напишана пред 40 години, „Биолошко психофизички и естетски категории со кои се моделира просторот“, всушност е илустрација на него како личност, творец и педагог. Врвниот заклучок во неа е на етичкото рамниште со тоа што убавината, која потекнува од доброто ја илустрира со пример на вредноста, важноста на искреноста. Со тоа прави дефинитивно фокусирање на човекообразноста,  го враќа човекот, метафизиката на обичното, во центарот на архитектонскиот простор.

Неговата педагогија опфаќаше и директно учење, всушност стручни екскурзии со кои се продлабочуваше појмовниот хоризонт на студентот. Директно знаење.

Како особен пример на педагогија е поттикнувањето и организирањето на изложба „Хартиена архитектура“, со која обединувајќи група од 4 млади архитекти, обединувајќи четири различни архитектонски јазици нè упати на важноста на плуралистичкото. Таквата уметничка верификација всушност беше и социокултурен рефлекс.

На сите овие нивоа, на доброто, убавото и вистинското, Александар Никољски целиот свој живот, со целото свое битие се бореше несебично.

Се бореше за убавината на овој свет, за добрината на овој свет. Вредности кои чувствуваше дека толку ни недостасуваат.

Ќе остане во вечно сеќавање, во спомените, во нашето делување, во тоа како треба да се создава. Како треба да се создаваме.

Со благодарност,

Митко ХАЏИ ПУЉА

kucurelos_resize

Семејна куќа, фам. Куцурелос

3_resize

* * * * *

Позначајни реализирани дела:

1968 – Ентериерно решение на „Грација“- Скопје (со арх. Илија Пулејков)

1972 – Ентериерно уредување на халите за шаховската Олимпијада во Скопје (со арх. Илија Пулејков)

1982 –  Мотел „Македонија“-Велес (со арх. Илија Пулејков)

1984 – Дом на култура во Србица и Витина со (со арх. Илија Пулејков)

1986 – Ентериерно решение Музеи на Македонија – Скопје

1997 – Семејна куќа на фам. Куцурелос

Награди и признанија:

1976 – 13 Ноември за урбана опрема во Скопје

1985 – Борбина плакета за мотел „Македонија“- Велес

1983,1989,1993 – Специјални признанија на БИМАС

1997 – Голема награда на ААМ за семејна куќа Куцурелос

2006 -„Андреја Дамјанов“, награда за животно дело, доделена  од ААМ

Испрати коментар

Scroll To Top