Вечерва (26 ноември) со почеток во 20 часот во просторот на АРТЕ Галерија ќе биде отворена самостојна изложба на реномираниот ликовен уметник Стефан Хаџи-Николов, насловена „Импресии“
Стефан Хаџи-Николов е роден 1955 година во Скопје. Член на ДЛУМ од 1984 година, добитник на повеќе награди, а има учество и на повеќе од 100 групни изложби во земјата и странство.
Во оваа изложбена поставка ќе бидат претставени околу 20 уметнички дела на авторот Стефан Хаџи-Николов, а сите се изработени во техниката масло на платно во изминатиов период.
Комбинациите на боите се смели и модерни, максимално јасни и звучни, така што неговиот ликовен стил можеме да го дефинираме како еден вид на модерен класицизам во кој убаво се проткајуваат и надополнуваат чистото, естетско и сензуалното.
Стефан Хаџи-Николов е годинашен добитник на државната награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста.