Во четврток (19 мај) во 20 часот во просториите на „Јавна соба“ (Public Room), ќе биде отворена изложба на фотографии „Имагинарен град“ на авторот Александар Наумчески.
Изложбата е во организација на ААМ и е настан во рамките на 18. Биенале на македонска архитектура – БИМАС 2016.
Како составен дел на БИМАС 2016, проектот „Имагинарен град“ на архитектот и фотограф Александар Наумчески, ја следи главната тема на Биеналето, „Рециклирана архитектура“. Градот и архитектурата се подложни на постојани промени со текот на времето, во состојба без конечна, заклучена форма, динамични системи со подеми и падови.
Неретко заради промените, било да се општествени, политички, културолошки или економски, објектите и нивната функција стануваат непотребни, надминати, неисплатливи. Тогаш, или се заменуваат со нови, развој кој може да зафати и поголеми рамки на урбана четврт која се трансформира во форма, структура и функција, или објектот ја задржува старата форма вдомувајќи во себе нова функција. Градот е во постојана состојба на рециклирање, реоформување, редефинирање. Нашите сеќавања за градот се фрагменти, просторни и временски исечоци, инсерти.
„Имагинарен град“ е серија од генерирани урбани сцени и детали настанати со преработка на кадри фотографирани во повеќе градови. Фотозаписот настанат при фотографирањето на различните локации служи како алатка во креирање на нови архитектонски/графички решенија. Процесот претставува своевидно проектирање преку фотографија.
„Имагинарен град“ нуди визуелно искуство од сцени и фрагменти кои секојдневно ги среќаваме, гледаме, (не) ги забележуваме, одминуваме, и е предизвик за публиката за идентификација и препознавање на оригиналните мотиви.
„Имагинарен град“ се фокусира и на аспектите на динамика наспроти статичност на градот. Во неколку серии, кои се дел од проектот, обработени се темите: промени, развој, згуснување, растење, мултипликација и повторување.
Александар Наумчески е роден во Скопје 1975 година, а дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје. Професионално се занимава со архитектура. Основач-партнер е на „Радиус Архитекти“. Негова втора страст е фотографијата, во која главна тема е архитектурата. Композицијата, просторот и светлината се поврзувачките нишки кои ги пронаоѓа помеѓу архитектурата и фотографијата. Едноставноста на композицијата, чистиот геометриски израз и графичката експресија се концептите што ги практикува и во двете области на неговата работа.