За научно-технолошките паркови, во последно време сè почесто се зборува. Се работи за една од институциите на т.н. „концентриран технолошки развој“, каде уште припаѓаат и иновациските инкубатори, деловни иновациски центри, претприемачки инкубатори, центри за трансфер на технологии и други. Технолошките паркови опфаќаат услуги и активности за оспособување на претприемничките компании, во вид на потребна инфраструктура и интелектуална поддршка на таквите новоотворени компании т.е. „станари“ на паркот. Во суштина се работи за компании ориентирани кон развој на нов производ или технологија, за што ваквите паркови пружаат идеални услови. Посебно е значајна улогата на технолошките паркови во создавањето на врски и контакти помеѓу членките и деловното опкружување.
По правило, технолошките паркови имаат силна развојна функција со сопствени истражувачки центри, работилници и лаборатории. Компанијата членка се издвојува од технолошкиот парк по три до четири години од основањето, но често останува во контакт со останатите компании членки и по нејзиното осамостојување. Од друга страна пак, научните паркови се насочени на научни проекти и применети истражувања, односно првенствено служат за организирање и трансферирање на знаењата од научните и високообразовни институции кон индустријата и стопанските субјекти.
Според тоа, научно-технолошките паркови се една комплексна организација која ги спојува придобивките и предностите од научните и технолошките паркови во една целина, односно во еден субјект.
Додека во регионот, а особено во Македонија овие концепти се новина и во зародиш, светските искуства се разбира се многу поинакви.
Првиот технолошки парк во светот е организиран во педесеттите години на минатиот век недалеку од Сан Франциско, во подрачјето кое денес е познато како „Силиконска долина“. Тој назив настанал во седумдесеттите години како резултат на силната концентрација на водечки светски компании кои го развивале и произведувале најпознатиот хардвер и софтвер како Adobe, Apple, Symantec, Hewlett-Packard, Assus, Western Digital, и десетици други, подеднакво познати (You Tube, Facebook).
Токму во седумдесеттите години создавањето на институции за концентриран технолошки развој зема широки размери во САД и Јапонија. Постојаното генерирање на нови иновативни компании со помош на ваквите паркови е одговор на кризните периоди во кои затворањето на големите компании односно индустриски погони сериозно ја зголемило невработеноста.
Една од главните цели на националните стратегии на развиените земји е организирано развивање на нови производи, најчесто од високата технологија, преку масовна продукција на мали компании кои истите ќе ги произведуваат. Се разбира, конечната цел е зголемување на вработеноста, економско закрепнување и раст. Успешните земји се одликуваат со стабилно и отворено стопанство, како и со натпросечна иновациска способност, базирана на високото и континуирано вложување во знаење, образование, развој и истражување низ солидни национални стратегии. Генерално, Европа бележи постојан пораст на бројот на малите компании со неколку вработени кои се занимаваат со софтвер, инженеринг и слични интелектуални услуги. Успешните и претприемнички ориентирани стопанства не можат да се замислат без субјектите на концентриран деловно-технолошки развој.
Германија уште во 1992 имала 32 технолошки паркови, а веќе во 1994 нивниот број пораснал на 50, со вложувања од околу 1 милијарда тогашни германски марки. Франција, го отвора својот прв технолошки парк во 1983 година (Centres Regionaux d’Innovation et de Transfer de
Technologie). Имајќи ги предвид овие факти, воопшто не треба да сме изненадени зошто овие земји се водечки европски економии. Овде секако голем удел има и фактот колкав дел од БДП се одвојува за наука. Додека успешните земји одвојуваат над 3 %, Хрватска, Србија и Бугарија околу 0.8 %, Македонија за жал издвојува скромни 0.2 %.
НТ парк Загреб
Ако го анализираме регионот на некогашната заедничка држава, најмладата членка на Европската Унија, Хрватска е несомнено лидер во оваа сфера. Вложувањата во технолошки паркови во оваа земја започнуваат во 1998 година, во Загреб, Вараждин, Чаковец и Кутина. Подоцна отворени се технолошки центри и во Риека, Сплит, Осијек, Дубровник, Нова Градишка и други градови. Неодамна научно-технолошкиот парк во Загреб е модернизиран со што условите и капацитетите за работењето на малите компании во склоп на центарот се сериозно подобрени.
НТ парк Белград
Добар пример е и Србија. Научно-технолошките паркови во Белград и Нови Сад имаат одлична инфраструктура и услови кои овозможуваат создавање на нови производи и патенти. Во Белград во прекрасен објект со површина од 11.000 метри квадратни, работат над 60 компании од областа на информатичката технлогија, нанотехнологии, енергетска ефикасност, биомедицина, заштита на животната средина и други. Партнери основачи на овој центар се Владата на Република Србија, Град Белград и Универзитетот во Белград. Во Нови Сад објектот наскоро се очекува да биде завршен (средината на годинава), за да вдоми околу 3.000 инженери на површина од 29.000 метри квадратни. Научно-технолошки центар веќе е во функција и во Чачак.
НТ парк Нови Сад
Во Босна и Херцеговина технолошкиот парк INTERA во Мостар работи одлично и првенствено е фокусиран на компании од ИТ-секторот.
Црна Гора сè уште нема ниту еден ваков субјект, но во актуелниот период постои иницијатива за стартување со првиот ваков проект.
Во Македонија веќе функционира еден научно-технолошки парк во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Неодамна Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за администрација и информатичко општество, а со поддршка од Европската Унија, најави дека до крајот на годинава ќе биде отворен научно-технолошки парк со сериозни капацитети и можности, кој се очекува да ги задвижи позитивните промени во оваа сфера и во нашата земја.
SEEUT – Тетово
За пофалба е и иницијативата на ФЕИТ, кој во април годинава отвори Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. „Наша идеја е компаниите, професорите и студентите во овој Центар да развиваат нови производи и услуги и да вршат трансфер на знаење од научни и истражувачки резултати во прототип кој индустријата може да ги доработи до ниво на производ со минимален технолошки ризик. На овој начин може да се создадат нови производи и услуги со значителна додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на меѓународниот пазар“, рече во своето обраќање по повод отворањето на Центарот деканот на ФЕИТ, Ташковски.
Да се биде конкурентен на меѓународниот пазар е императив на новото време на глобализацијата. Многу пати досега наместо да учиме од позитивните примери, учиме од сопствените грешки. Честопати дури и ги повторуваме грешките, а лекцијата останува ненаучена.