Креативен „работохоличар“ со огромна страст да го спаси светот. Тоа е накратко описот за еден од најгенијалните инженери и претприемачи на денешницата – Илон Маск, човекот што стои зад компаниите „Тесла“, „Space X“ и „SolarCity“. Секоја од овие компании гради индустриска револуција, а сите заедно ја пишуваат историјата. Биографијата на Маск и успехот на неговите компании е предмет на интерес на многу експерти од областа на менаџментот. Речиси сите се сложуваат со следната констатација – тој е осуден на успех затоа што неговите фабрики се остварување на неговите детски соништа.
Детето со канадски корени родено во Јужноафриканската Република во 1971 година, уште на своја 12-годишна возраст добива награда за компјутерска игра која самиот ја креирал. Свесен дека на светот му се потребни радикални промени, засегнат и загрижен за уништувањето на животната средина од фосилните горива, како и фактот што Земјата станува претесна и со лимитирани ресурси за брзорастечката популација, тој се чувствува повикан и одговорен да преземе нешто големо. Се враќа во Канада, земјата на своите претци, каде завршува факултети по физика и бизнис, а потоа за земја каде ќе ја гради својата кариера ја избира САД, Калифорнија, односно познатата Силиконска долина.
Ентериерот на Tesla S моделот од 2015
Првата голема успешна приказна е „Тесла“ – сонот за електричен автомобил. Фабриката „Тесла“ во Фримонт, Калифорнија, е една од најмодерните и најиновативните фабрики за автомобили во светот. Комплетниот простор „Тесла“ го купува од друга автомобилска компанија во 2010 г. (General Motors и Toyota – New United Motor Manufacturing, Inc NUMMI), но комплетно го реконструира според својот производствен процес и потреби. Првиот модел на Tesla S се појавува во 2012 година, и претставува возило за кое претставниците на џет-сетот чекале ред за нарачка, а денес фабриката има капацитет да произведе 100.000 возила годишно. Интересен е фактот што првите прототипови на ова возило, кои требало да се тестираат низ улиците на градот, имале вграден лажен ауспух, со цел да не се предизвикува конкуренцијата и вниманието на јавноста. Производот бил навистина перфектен, но секојдневно се усовршувал. Најмодерна технологија, беспрекорен компјутер, сензори кои ги следат сите функции. Свесни за одредени „недостатоци“ на првите веќе продадени возила, тимот без никави поплаки или барања од клиентите пристапува софтверски во компјутерот на возилото, и буквално преку ноќ му додадава дополнителни опции. Сопственикот веќе следното утро го чека изненадување за кое не е свесен како се случило. Затоа, многумина со право велат дека Маск комплетно ја смени нашата претстава за автомобил – онаков како што отсекогаш сме го знаеле. Дека соништата можат да станат стварност, зборува и самиот ентериер на фабриката и заштитните бои на компанијата кои не случајно се црвената и белата. Причината е едноставна – Маск едноставно замислил дека фабриката треба да изгледа како работилница на Дедо Мраз.
Фабриката на SpaceX
Компанијата „SpaceX“, основана во 2002 година, е втемелена на неговиот сон да се освои вселената, поточно да се пронајде алтернативно живеалиште за Земјата. Познато е дека во реализацијата на оваа своја идеја, Маск безрезервно се вложил не само како менаџер и претприемач туку и како физичар. Постојано учи и истражува за технологијата на материјалите, термодинамиката и сл., заедно со својот најдобар тим инженери. По милијарди вложени средства, многу неуспешни обиди за лансирања, состојби на работ на банкрот за компанијата и сл., тој успева да се издигне како Феникс и да ги забележи првите но навистина револуционерни успеси со својата вселенска програма. Станува единствена приватна компанија во светот која лансира комерцијални сателити во вселената. На почетокот на годинава, поточно во февруари, компанијата за првпат лансираше своја ракета од комплексот за лансирање 39А на Вселенската станица Кенеди на Флорида, кој првобитно бил изграден за вселенската програма Аполо во 60-тите години на минатиот век. Дестинацијата беше Вселенската станица Мир, а мисијата успешно завршена. Набрзо потоа, на прес-конференција, компанијата објави дека 2020 година е нивниот таргет за мисијата Red Dragon (црвениот змеј), односно патувањето на Марс.
Производствена линија во фабриката Tesla во Фримонт
Иако досега многупати компаниите на Маск ги пробивале роковите, кои за своите следни достигнувања ги ветиле пред јавноста, сепак мора да се признае дека секогаш ја исполниле целта и никогаш не потфрлиле со ниту еден проект. Во биографијата за Маск напишана од Ешли Ванс во 2015-та, опишан е неговиот карактер и неговиот однос кон соработниците. Особено е интересен фактот што тој директно ги интервјуира не само кандидатите за клучните позиции, бидејќи смета дека секој член на тимот е важен. Неговата база на регрутирање кадри се потпира, главно, на два извори – конкуренцијата и најпрестижните универзитети каде главни предмети се физиката и аеронаутиката. Многу способни инженери од НАСА, тој успеал да ги земе во својот тим поради креативноста и иновациите што тој им ги нуди (или исполнување на соништата) наспроти крутите строго пропишани, тешко менливи процедури во националната вселенска агенција полна со бирократија. Секој новопримен инженер добива буџет за самиот да ја опреми и уреди својата канцеларија (вклучувајќи и монтажа на канцеларискиот мебел и сл.), со цел секој поединец да работи во пријатна и персонализирана работна средина.
Интересен детаљ од фабриката на Tesla
Сепак, ако треба да се дефинираат условите за работа, притисоците, роковите, тогаш во компаниите на Маск „спартански“ е можеби благ збор. Интересна е приказната на Гвин Шотвел, госпоѓата која е CОO (Chief Operating Officer) и претседател на компанијата „SpaceX“. Оваа исклучителна жена чија специјалност се машинството и применетата математика, за моментите кога ѝ било јавено дека ја добива работата во компанијата на Маск вели: „Веднаш откако ми беше кажано дека сум ја добила работата, прво што направив беше реконструкција на бањата во мојот стан, бидејќи ми беше јасно дека треба да се збогувам со мојот приватен живот“. Таа е најзаслужна за подемот на компанијата и за развојот на ракетите Falcon. Денес, оваа 54-годишна госпоѓа се наоѓа на листата на Forbes меѓу најмоќните жени на светот.
Приказната за „SolarCity“, барем засега е последна во оваа низа. Првиот револуционерен е соларниот покрив за кој веќе во оваа година е најавена комерцијалната продажба. Тоа не значи само револуција во градежништвото, туку и многу повеќе од тоа. Се создава еден нов концепт за домот, сосема различен од традиционалниот. Домот веќе не е само комфорен и функционален објект за едно семејство, туку истовремено и постројка за производство на електрична енергија.
Претставување за јавноста на мисијата на Марс
Веројатно, сосема за крај, најприкладна е девизата што веќе звучи излитено и ја употребуваат многу претприемачи кога го опишуваат својот пат до успехот – идејата е на прво место, а парите доаѓаат на крајот. Можеби во примерот на Маск најсликовито се гледа значењето на една идеја, а уште повеќе силната посветеност таа да се реализира.