Историска е изјавата на поранешниот претседател на САД, Џон Кенеди, од пред шест децении, кога во 1961 година, рекол “САД ќе испрати луѓе на Месечината до крајот на деценијата и безбедно ќе ги врати назад на Земјата. Ќе го направиме тоа не затоа што е лесно, туку токму поради тоа што е тешко“. Ветувањето на Кенеди беше исполнето токму на крајот на таа декада, во 1969 година.
Денес, 60 години подоцна, Илон Маск е убеден дека најдоцна до крајот на оваа декада, луѓето ќе заминат на Марс, што е исклучително амбициозна цел. Оваа прогноза Маск ја дал во своето двоиполчасовно интервју во подкастот на Lex Fridman, и тоа главно се совпаѓа со неговите претходни планови. На прашањето кога мисли дека SpaceX ќе спушти луѓе на Марс, тој рекол: „Најрано за 5, а најдоцна за 10 години“.
Главниот предизвик е во оптимизацијата на леталото Starship во однос на неговата маса, односно намалување на трошоците на мисијата. Тој се надева да ги сведе оперативните трошоци на леталото на околу 100 до 200 милијарди долари годишно. За споредба, буџетот на НАСА за програмата за истражување на Марс во 2020 година била околу половина милијарда долари, а мисијата Mars Pеrsevеrеnce во 2021 , чинела речиси 7 милијарди долари.
Според тоа, колку е реална оваа амбиција на Маск? Иако SpaceX направи неверојатни инженерски поместувања, сепак главно е ограничен на лансирање сателити и снабдување на Меѓународната вселенска станица. Леталото Starship наменето за мисијата на Марс, сеуште не се опробало во вселената, а орбитални летови ќе започне во 2022 година. Му претстојат бројни предизвици. Доколку сепак се случи за десет години да испрати екипаж на Марс, човекот ќе може да стапне на површината на Марс само на неколку секунди, и веднаш ќе мора да се врати на Земјата. Самото патување до Марс со Starship ќе трае осум месеци, односно повеќе од година и пол во двата правци. До 2031 година, НАСА планира да изгради постојана база на Месечината, со што долгите патувања до Марс би ги направила поизводливи, доколку воопшто би можело да се употреби ваква формулација. Полетувањето од површината на Марс нема да биде многу потешко, отколку од површината на Месечината. Сепак, гравитацијата на Месечината е околу 16.67% од онаа на Земјата, додека гравитацијата на Марс е околу 38% од нашата.
Дали и кога оваа амбиција ќе се разлизира, останува на тестот на времето. Маск е познат по честите пробивања на роковите кои преамбизиозно ги задава, но ре;иси никогаш не се откажал од реализацијата на ниту еден од своите проекти.