Илон Маск и стотици светски експерти вчера потпишаа апел во кој бараат шестмесечна пауза во истражувањата на вештачката интелигенција, укажувајќи на „големите ризици за човештвото“.
Апелот се однесува на технологијата помоќна од ChatGPT 4, модел на отворена вештачка интелигенција покренат во средината на март.
Во петицијата објавена на веб-страницата futureoflife.org, тие бараат мораториум на истражувањата додека не се воспостави безбедносен систем, вклучително и специјални регулаторни тела кои ќе ги надгледуваат системите и техниките за вештачка интелигенција, кои ќе помогнат да се разликува реалното од вештачкото, како и институции способни да управуваат со „драматичните економски и политички нарушувања (особено за демократијата) што ќе ги предизвика вештачката интелигенција“.
Петицијата собира луѓе кои веќе јавно изразија стравувања од неконтролираната вештачка интелигенција која би ги надминала човечките суштества, а меѓу нив, покрај Илон Маск, сопственикот на Twitter и основач на SpaceХ и Tesla, се и ко-основачот на Apple, Стив Вознијак, член на лабораторијата за вештачка интелигенција на Google, Дип Мајнд, шефот на компанијата Stability AI, Емад Мостак – конкурент на компанијата OpenAI, како и експерти за вештачка интелигенција на американски универзитети, инженери на Microsoft и други.
Сем Алтман, извршен директор на OpenAI, кој го создаде ChatGPT, рече дека е „малку исплашен“ од делото што го создал, доколку се користи за дезинформации од големи размери или сајбер напади.
„На компанијата и е потребно време да се прилагоди“, изјави тој за ABC News во средината на март.
„Последниве месеци видовме како лабораториите за вештачка интелигенција се затвараат во неконтролираната трка да развијат или применат се помоќен дигитален мозок, кој никој, дури и неговите креатори, не можат да го разберат, предвидат или контролираат на разумен начин“, се наведува во петицијата.
Авторите на петицијата се прашуваат дали треба да дозволат на машините „да ги преплават нашите информативни канали со пропаганда и лаги“, дали треба да ги автоматизираат сите работни места, да развијат умови кои не се луѓе, кои еден ден би можеле да бидат побројни, поинтелигентни и да ги заменат луѓето. „Дали треба да го ризикуваме да ја загубиме контролата врз нашата цивилизација“, прашуваат тие, наведувајќи дека одлуките за ова не треба да ги носат лидерите на технолошките компании.