Насловна / Арт и дизајн / Илинден и НОБ – идеен идентитет на сликарот

Илинден и НОБ – идеен идентитет на сликарот

Борко Лазески е роден во1917 година во Прилеп, град во кој меѓу двете светски војни се одвивал разновиден ликовен живот. Неговото дело, создадено кон крајот на 30-тите сè до почетокот на 90-тите години на 20 век е вградено во темелите на македонската уметност и култура. Во тој период тој се испробал во разни сликарски техники и правци посветувајќи се на својата прва определба.

7

Еве неколку податоци за неговото школување. Во 1937 година завршува Уметничка школа, а студии во Белград меѓу 1939 и 1941 година. Професорот Мило Милуновиќ го насетил идниот монументалист. Лазески продолжил да учи. Од 1941 до 1943 година студира на Ликовната академија во Софија. Следува усовршување во професијата. Оди во Париз, светски центар на уметноста. Во периодот 1946-1948 година студирал ѕидни техники и сликарство кај Андре Лот, кубист од втората генерација и познат педагог (кратко во неговото ателје учел Лазар Личеноски и други сликари).

5

Во ателјето на Лазески постојано беше закачена фотографијата на неговиот мудар учител. Секој период на неговото школување е означен со дела кои го отсликуваат актуелниот момент во уметноста. Во предвоениот период тоа е социјалниот реализам, а кон крајот на војната, во 1944 година тој се вклучува во работата на агитпропот на народноослободителната војска ангажиран за изработка на пропагандни материјали. Од тој период се датирани серија линеарни цртежи со тема бегалци, партизани и „чистење вошки“.

15

По војната Лазески изработи серија платна со париски мотиви во манир на суптилен протоимпресионизам покрај студиите во темпера со заоблени и меки аглести форми (акт, мртва природа) од ателјето на Андре Лот. Забележлив е основниот белег: тоа е линеарната обработка на цврста форма и нејзина геометризација. По враќањето од Париз Лазески активно се вклучува во ликовниот и културен живот на Република Македонија како дел од втора Југославија. Во 1953 година (период по официјалното отфрлање на соцреалистичките догми од советски тип во Југославија) учествува на изложбите на групата „Денес“ која се залага за осовременување на уметноста (преземајќи некои идеи од загрепската авангардна група „Егзат 51“). Во истата година (покрај Димче Протуѓер и Киро Хаџи Василев) учествува во полемиката (единствена по обем) за модерната (апстрактната) уметност и традицијата (фолклорната уметност). Паралелно со овие активности Лазески работи на скици и на картоните (донирани на Музејот на Град Скопје) за фреската на НОБ која ќе биде изведена во 1956 година на горната зона во шалтерската сала во старата железничка станица (денес Музеј на Град Скопје).

33

Фреската остави силен впечаток на луѓето, кои дотогаш немале можност да видат дело со такви монументални димензии (на вкупно 225 м2), уметност изведена во фреквентен јавен простор, дело во кое, на симболичен начин е претставена блиската тематика од НОБ. Стилот на Борко Лазески е изведен од Лотовиот посткубизам со елементи на социјалниот реализам карактеристичен со хероизам на изразот на робусните стилизирани фигури, со иконографија и нарација кои недвосмислено претставуваат сообразеност со идејниот и политички императив на тогашниот еднопартиски систем. Сликарот работел со ентузијазам, но методично и со емоција следејќи ги принципите на монументализмот и сликарството на рамни форми во дводимензионален простор.

2

Притоа, може да се укаже на можни релации и сродност со одделни слики со ангажирана тематика на Гоја и универзалниот симболизам на Пикасо, особено со раскажувачките дела на славните мексикански муралисти Диего Ривера, кој започнал со кубизмот, Хозе Клементе Ороско и Давид Алфаро Сикеирос кој земал учество во мексиканската револуција. Лазески добро го познавал јазикот на монументализмот и заедно со него говорот на линијата (која заедно со плошните форми претставува основен ликовен елемент и изразно средство на неговото сликарство). Фигурите се крупни предадени во синтетизирани форми со прецизен цртеж и обоеност, како и во комбинирање на плановите.

12

Косите или дијагоналните линии сугерираат динамика и сила, вертикалните стабилни линии значат одлучност и отпор, а хоризонталните смрт или мотив на убиен борец. Цврстите геометризирани форми се распоредени по логиката на рамнината, како и поврзувачкиот систем на агли и деформации на одделни линии на прекршување на формата и нејзиниот ритам во дводимензионалниот простор. Решенијата на формите се движат од типизирани реалистички црти на ликовите „од народот“ до апстрактни монохромно решени апстрахирани површини на облеката.

13

Ликовите и фигурите на окупаторот се јасно и силно спротивставени (со нивните помали димензии) во однос на фронтално поставената маса народни борци симболизирајќи ја победата и ослободувањето. Целината делува со својот драматизам и епски хероизам на борба за слобода. Не случајно познатиот критичар Ото Бихаљи Мерин својот осврт за фреската го наслови „Кубистички ораториум“ што претставува значајно признание за Лазески. Покрај некои различни решенија (како што е преодниот или интермецо мотив „дрво“ кој добил надреални белези) употребен е редуциран хроматизам со доминантни кафеави тонови кои ѝ даваат обединувачки, заеднички тон на композицијата.

16

Сликовната претстава, развиена како фриз по хоризонтала е заснована на доследно спроведените обликувачки размислувања на сликарот, кој го преферирал правилото и правилното, крутата и робусна форма, а не каприците и непредвидливите ефекти на спонтаниот израз, на вехементната ослободеност на изразот. Во делото се внесени мотиви од народната традиција (шарите или орнаментиката) и на суптилен начин сеќавање на средновековната фрескотрадиција во Македонија (драматизмот и мотивот на Пиета). Таквите белези се уште еден квалитет на фреската што придонесува за добрата комуникација со публиката, со уметничко дело кое е актуелно и кое остварува ангажиран однос спрема историјата, традицијата и стварноста. Остана, во една историска перспектива значењето на темата, како и на социјалната функција и комуникативноста на јавната уметност, посебно вредноста на занаетот и цртежот, меѓутоа со значително редуцирање на она што се нарекува „внатрешна стварност“ или метафизичка содржина на делото.
Следува реализација на муралот во СОК-банките од 1976 година (денес оштетена со некои функционални адаптирања на просторот, што не е единствен случај), што се одбележи со текст од мислењето за прием на делото. Авторот го примени својот препознатлив концепт давајќи нагласка на закосените форми и динамични линии. Македонската критика, во 1980 и 1982 година укажа на прагматизмот и истрошеноста на творештвото на Лазески („Немоќта на еден историски концепт“, Нова Македонија, 24.2 1982 муралите во Поштата на кејот кои се уништени во пожар). Таквиот пристап, повеќе формалистички отколку емотивно поттикнат се потврди со ѕидната слика во новиот Mузеј на НОВ во Крушево, 1988 година (проследено со критички осврт) и делото со нагласена фигуративна нарација „Битола, бабам Битола“, изведено во Главната пошта во Битола (што ја промовираше актерот Илија Милчин). Во него доминира приказната за еден поранешен град на конзули, одбележана со пригоден текст (1992). Една година порано, во 1991 година Лазески, според сочуваните картони ја обнови фреската за НОБ, на двата ѕида во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, меѓутоа без силата, уверливоста и комуникацијата со публиката што ја оствари оваа фреска во 1956 година (уништенa во земјотресот во 1963 година). Тоа се последните зафати на овој значаен монументалист, остварени по државното осамостојување на Македонија, кога се одвиваше континуирано нагрдување и вандализам врз монументите и спомениците посветени на НОБ, во кои, не ретко се симболизирани двата Илиндена.

111
Борко Лазески со своите мурали доживеа успех во поранешниот „југословенски уметнички простор“, потоа со престојот во Багдад (1959-1967) како професор на тамошната ликовна академија кога изработи циклус слики со „егзотични“, геометриски стилизирани мотиви со иконовидни белези. Следеше реализација на два монументални мурали (изведени во акрилни бои) во Сиудад Мексико (1985 година) во кои со нагласена густина симболично е претставен напредокот на модерната цивилизација (решенија кои потсетуваат на делата на Фернан Леже) и во слава на движењето на неврзаните (Нехру, Тито, Насер). Ќе се потсетиме дека Давид Алфаро Сикеирос умира во 1974 година за кого Борко Лазески објави текст во списанието „Културен живот.“

3

Лазески во 70-тите години создаде серија слики со поедноставени апстрактни форми (можеби изведени според мотиви од облеката на борците од фреските). Тој се доближи до апстрахираните форми во темперите од ателјето на Андре Лот (во вид на ликовна вежба, меѓутоа секогаш бил доследен на својот фигуративен и монументален концепт, вклучително во малите формати. Лазески имаше обичај да ја испитува трајноста на боите (од германската фабрика „Шминке“) изложувајќи ги на сончева светлина, што е уште една потврда за неговиот професионализам во работата. Тој беше добар ликовен педагог, автор на учебник и образован сликар (двотомниот Дневник на германски јазик на Паул Кле беше една од поновите книги во неговата библиотека). Не се оствари неговиот предлог за основање школа за фрескосликарството во манастирот Трескавец. Неговото творештво го следев одблизу (со објавени текстови), често разговаравме и остваривме блиска соработка (тој беше промотор на монографиите за „Атанас Мучев“ од 1993, првиот образован сликар во Струмица, потоа инспиратор за монографијата за „Саздо Хаџи Петрушев“, што тој го нарече „Велешкиот Ван Гог“, објавена во 1994, што јас ги подготвив, како и учебникот по историја на уметноста „Ликовна култура“ од 1989 година). Во монографијата, објавена по повод изложбата публикувани се текстови кои ги изнесуваат или прераскажуваат порано веќе објавените содржини и мислења без никаков напор да се предложи барем минимум ново истражување и поцелосно толкување на ликовните факти.

6
Паралелно со геометризмот на Лазески во македонската уметност од 60-тите до 80-тите години ќе бидат остварени споменички комплекси (симболична синтеза на целокупната историја на Македонија) од Богдан Богдановиќ во Прилеп и Штип (европски познат автор), Јордан Грабуловски (споменикот во Крушево 1974 година), Петар Мазев и Глигор Чемерски автори на пространи мозаици (спомениците во Велес и Кочани) изработени во експресионистички дух и со богат колорит.

* * * * *

Невешт скулпторски „монументализам“

Во најново време датира проектот (некој го нарекува движење) „Скопје 2014“, кој со својот, крајно невешт скулпторски „монументализам“ и дилетантски архитектонско-урбанистички решенија, без концепт и визија направи  Скопје да стане лошо место за живеење, срам пред светот, но веројатно не за сите туристи. Организираните млади автори, со концептуалистичка (вербална) определеност го истакнуваа својот ангажиран став против диктатурата на претходниот режим без некоја посебна сила и уверливост. Биеналето на млади поминува мошне скромно во знакот на глобалната и локална загаденост.

Автор: Владимир ВЕЛИЧКОВСКИ

Испрати коментар

Scroll To Top