Детективите во Франција го истражуваат исчезнувањето на повеќе од 50.000 предмети – стотици уметнички дела, антички мебел и садови од Елисејската палата и други згради и резиденции кои се во државна сопственост. Властите го обвинуваат за несоодветно водење евиденција, за недостаток на сигурност. Се испитува дали многу од овие исчезнати предмети се изгубени, украдени или едноставно седат некаде во некое складиште, но државните службеници со „лепливи прсти“ се осомничени дека се виновни за барем некои од исчезнатите предмети, јавува порталот Artnet news.
Националниот центар за визуелни уметности во земјата поднесе официјална тужба до специјална полициска единица во француското Министерство за внатрешни работи во Париз за кражба на седум уметнички дела од претседателската палата. Вкупната вредност на исчезнатите дела, кои вклучуваат дрвени и теракотни статуии и бронзена биста, се проценува на неколку илјади евра. Официјалниот попис на инвентарот покажува дека предметите, кои биле стекнати помеѓу 1879 и 1984 година, исчезнале помеѓу ноември 2012 и јануари 2013 година. Организацијата била принудена да поднесе жалба по детална истрага за тоа каде се наоѓаат предметите.
Но, проблемот е многу подлабок. Илјадници државни уметнички предмети последниве десетици години исчезнале од претседателската палата, резиденцијата на премиерот, Националното собрание и други музеи, градски сали и амбасади. Според извештајот на францускиот комитет за попис на уметнички дела, кој е дел од министерството за култура, повеќе од 50.000 дела во моментов недостасуваат.
Додека голем број од овие предмети се сметаат за загубени поради слабото евидентирање, на пример, лустер кој бил исчезнат 25 години бил пронајден како собира прашина во просторија за складирање во Елисејската палата, за значителен дел од предметите се смета дека се украдени.
„Кон крајот на 2018 година, 2.300 приговори за кражба беа поднесени од институциите задолжени за овие дела”, изјави Jean-Philippe Vachia, претседател на францускиот комитет, за весникот „Ле Парисиен”. Осумдесет и седум од овие приговори поднело француското претседателство, а уште 60 пристигнале од канцеларијата на премиерот.
„Украдените предмети не се ремек-дела, но сепак тие би можеле да вредат десетици илјади евра, а особено да имаат важна вредност како наследството”, вели Vachia, додавајќи дека е „навика на многу државни службеници да „земат сувенир” кога ја напуштаат дплжноста, сè до 2000-тите години, кога владата воведе систем за попис на инвентарот, кој ги принуди претставниците да ги преземат акциите при влез и излез на нивните позиции“.