Насловна / Арт и дизајн / Икона на 20 век: Шарлот Перијан

Икона на 20 век: Шарлот Перијан

Заедно со Жан Прув, Пјер Жанере и Ле Корбизје, Шарлот Перијан (1903 – 1999) се смета за една од најзначајните архитекти и дизајнери на мебел од средината на 20 век. Жан Прув велел дека таа е меѓу ретките дизајнери кои се благословени со спонтани, хармонични и современи мисли.

p4

Шарлот Перијан е родена во Париз, татко ѝ бил морнар, а мајка ѝ шивачка на креации на висока мода. Нејзината професорка во средно училиште ги забележала нејзините вештини за цртање многу рано, а мајка ѝ ја охрабрила да се запише на Ecole de L’Union Centrale de Arts Decoratifs (Школа за декоративна уметност) во 1920 година и тоа на насока – дизајн на мебел. Еден од нејзините учители во овој период бил познатиот дизајнер на ентериер арт деко, Хенри Рапин.

p10

РЕФОРМАТОР НА ДИЗАЈНОТ НА ЕНТЕРИЕРИ

По дипломирањето, Шарлот го продолжила своето образование со посета на оддели во стоковните куќи кои имале работилници за дизајн. Таа, исто така, присуствувала и на предавања на Mauriciо Dufrene, директор на студиото „La Maitris“. Во 1925 година, нејзините училишни проекти биле избрани да бидат дел од Меѓународна изложба на уметност.

p13

Bar under the roof, изложен во Salonu d’Automne

Шарлот Перијан има полноправно членство во авангардното културно движење кое, од првите децении на 20 век, доведе до длабоки промени во естетските вредности и доведе до вистинска модерна чувствителност кон секојдневниот живот. Во овој контекст, нејзиниот специфичен придонес се фокусира на внатрешната композиција, замислена како создавање нов начин на живот, кој и денес претставува современ дизајн. Во сферата на историјата на дизајнот на ентериер на 20 век, доаѓањето на модернизмот овозможи претприемачка храброст на овој вистински реформатор на дизајнот на ентериери.

p6

Ле Корбизје и Шарлот Перијан

ПРИСУСТВОТО ВО СТУДИОТО НА КОРБИЗЈЕ Е ОЧИГЛЕДНО

На почетокот на нејзината професионална кариера, критичарите ја пофалиле за проектот Bar under the roof, изложен во Salonu d’Automne, кој бил целосно изработен од никлуван бакар и алуминиум. Шарлот ја измислила и бар-кујната, со шибер кој гледа кон дневната соба и ѝ овозможува на домаќинката да комуницира со гостите. Кога имала само 24 години, започнала нејзината десетгодишна соработка со Ле Корбизје и неговиот роднина Жанере, во прочуените дизајнерски студија на авенијата Rue de Sevres 35 во Париз.

p71

B301

Тоа било во 1927 година, а Ле Корбизје изјавил: „Куќата е машина за живеење“. Но, тој не сфатил од практична, секојдневна гледна точка, како да се живее во машината во дневната или во спалната соба. Да, машината била месија на новиот модернизам, но како да седите во неа? Како да спиете и јадете? Едноставно, како ја опремувате модерноста?

p5

LC2 Grand Confort

Истата година, Корбизје се вратил во Париз од изложбата на објекти во интернационален стил во Штутгарт, каде што неговите куќи биле опремени со столови од „Тонет“ од свиткано дрво, кои делувале ретроградно во споредба со мебелот со челични цевки на неговите германски колеги. Тој стапил во контакт со младата париска дизајнерка на мебел Шарлот Перијан, која неодамна ја одбил како кандидат за работа. Тоа интервју Перијан го опишала на следниов начин: „Стегајќи го портфолиото со цртежи, едно октомвриско попладне 1927 се најдов лице в лице со очилата на Ле Корбизје. Строгите канцеларии беа некако застрашувачки, а неговиот поздрав прилично ладен. ’Што сакаш?ՙ – праша, со очи покриени со очилата. ’Да работам за вас.ՙ Тој брзо погледна преку моите цртежи. ’Ние овде не веземе пернициՙ, одговори и ми ја покажа вратата“. Но, откако ја видел нејзината работа на изложбата во Есенскиот салон, каде што била нејзината рационализирана Bar under the roof – инсталација на мебел, со што таа го преточила духот на машината во соба, Корбизје се предомислил.

93WPR19OCT263.pdf

Присуство на Перијан во студиото на Ле Корбизје е очигледно во сите парчиња мебел дизајнирани со него и Жанере. Шарлот станала камен-темелник во реформскиот проект кој ја промовира архитектурата, додавајќи посебна димензија на хуманост на често студениот рационализам на Ле Корбизје. Во нејзините производи, таа успева да ја анимира основната супстанца на секојдневниот живот со нови естетски вредности: особено нејзиниот талент и интуиција во откривањето и користењето нови материјали.

Во 1928 година, заедно со Корбизје и Жанере, дизајнирала три стола според принципите столот е „машина за седење“, секој стол имал различни позиции за различни задачи. На молба на Корбизје, направени се – стол за разговор: B301; друг за релаксација: LC2 Grand Confort; и последниот стол за спиење: лежалката B306.

Cassina_LC_ 175

B306

Лежалката B306, „лежалка-фотелја“ на полукружна потпора со подвижен наслон е едно од брилијантните остварувања на уметноста на 20 век, на граница меѓу употребен предмет и скулптура. На еден цртеж од 1927 година, Корбизје опишал типични положби на седење и лежење, без да предложи вистински дизајн. Пронаоѓањето на мебелот било работа на Шарлот. На скица од 1928 година, таа го сместила опуштеното држење во познатата „chaise longue basculante“, цртајќи подвижна лежалка која се ниша во челична лулка. Со децении, Ле Корбизје во основа го „поседува“ авторството на неколкуте столови на кои соработувале, пред сè затоа што неговото име стоеше на вратата, беше познат и беше машко. До ден денес, италијанскиот производител на мебел Cassina продава четири свои парчиња во рамките на „колекцијата Ле Корбизје“, тој сè уште ги замаглува нејзините достигнувања.

p12

Цртежите сугерираат дека Перијан ги решавала проблемите што ги дефинирал Ле Корбизје. „Ле Корбизие нестрпливо чекаше да го оживеам мебелот“, напишала во 1991 година во својата автобиографија. А тој во писмо од 1932 година, потврдил дека „целата одговорност“ за реализација на „домашната опрема“ на неговите згради е нејзина: „Мадам Перијан поседува исклучителни квалитети на инвентивност, иницијатива и реализација во овој домен“, ќе напише.

p2

Рекреирањето на нивната инсталација, „Модеран стан“, во Есенскиот салон во 1929 година, го прави нејзиното мајсторство за ентериери потполно јасно. Неколку од нивните столови, заедно со  модуларните единици за складирање, слободно кружат во отворен простор. Ле Корбизје долго заговарал отворен план, без ѕидови, а во негови рамки Перијан го опремувала просторот со мебел, кој правел тој да „пее“, како што милувала да каже. Мебелот припаѓал на просторот во конфигурации на слободна форма, кои повеќе не беа залепени до камин и буржоаски правила на симетрија.

p7

УВЕЗУВА МОДЕРНОСТ ВО ЈАПОНИЈА

Десетгодишната соработка со Корбизје и Жанере, како и нејзиното јапонско искуство, претставуваат периоди на интензивна креативност во животот на оваа уметница.

Перијан воспоставила сопствен дизајн. Непосредно пред војната била повикана во Јапонија,  иницирала програма за индустриски дизајн за култура која увезува модерност. За време на нејзиниот долг престој на Далечниот Исток од 1940 до 1946 година, целосно го открива својот уметнички талент, преку реинтерпретација на стварноста на животот за да ги одрази и традицијата и модернизмот. Патувала во Јапонија како официјален консултант за индустриски дизајн во Министерството за трговија и индустрија. На пример, вредно е да се спомене мебелот произведен користејќи традиционални техники за обработка на бамбус, способен да ги подобри новите форми кои веќе се експериментирани со употреба на челични цевки.

p15

Приказната за столот Tokyo Lounge е приказна за патување, соништа, разговори помеѓу еден начин на гледање и размислување за светот и друг. Донесувајќи го мекиот допир на нејзината рака, инспирирана од ориентот во технолошки софистициран дизајн, Шарлот се повлече од острите рабови на модернизмот и повторно се вклучи во природниот свет. Успеала да постигне не само рамнотежа, туку и длабока синергија на културата и природата.

ИСКУСТВО ВО РАЗЛИЧНИ ДИСЦИПЛИНИ

Враќајќи се во повоена Европа, таа се свртела кон реконструкција, проектирајќи соби со минимални димензии во универзитетските домови, кои синтетизираат боја, форма и композиција во концизни ремек-дела на функција.

p16

Работејќи во студиото на Ле Корбизје, таа всушност, станала архитект. Нејзиното искуство во различни дисциплини, од мебел, индустриски дизајн до архитектура, кулминирало со големиот ски-комплекс со 30.000 кревети на француските Алпи, Les Arcs, каде закосените станбени блокови ги следат контурите на падините.

Скијачкиот ресорт во Les Arcs во Франција е нејзино ремек-дело, ги комбинирала интересите во префабрикација, стандардизација, индустријализација и планинска архитектура. Бидејќи гостите поминувале поголем дел од времето на отворено, Шарлот проектирала минимални соби и тоа бил заштитен знак на нејзиниот проект. Наместо тоа, зградите имаат големи простори отворени за природата.

p3

Во 2009 година, оддадено ѝ е големо признание со голема изложба во Центарот „Помпиду“ во Париз. Изложбата се селела низ целиот свет, доживувајќи голем успех.

Шарлот била алпинистка, скијачка, спелеолог и до осумдесеттата година ги негувала телото и духот. Таа била жена на новото време, која ги поттикнувала другите дами да се еманципираат. Била левичар, жесток бранител на културните разлики, противник на конзервативизмот и национализмот.

Шарлот Перијан била жена на безграничен дизајн и неуморно работела на тоа, своите искуства од светот, преку дизајнот, да ги претвори во визии на современиот живот. Била архитект, уметник, патник, дизајнер. Починала три дена по нејзиниот 96-ти роденден во 1999 година.

p19

Испрати коментар

Scroll To Top