Насловна / Дневни Вести / Општина Штип го доби архитектонското решение за градскиот плоштад

Општина Штип го доби архитектонското решение за градскиот плоштад

stip.jpg

Штип  – Општина Штип го доби архитектонското решение за градскиот плоштад што ќе се реконструира со кредит од Светска банка, а во рамки на проектот за уредување на речното корито и изградба на платформи над реката Отиња.  
Градоначалникот на општината Зоран Алексов изјави дека архитектонското решение нуди модерен изглед, но и повеќе искористен простор за граѓаните.
– Во текот на наредните два дена ќе се утврди и бојата на мермерот и каде ќе биде поставен споменикот на Александар Македонски, кој е дел од градскиот плоштад по што идејното решение ќе биде доставено до Светска банка, која треба да ни укаже кога да се распише тендерот за реконструкција, рече Алексов.
Согласно проектот за уредување на речното корито и изградбата на платформите за паркирање на возила предвидено е реконструкцијата на плоштадот „Слобода“ да чини околу 360.000 евра. 
Штипскиот градоначалник соопшти дека од страна на општината избрана е фирма која што треба да го утврди квалитетот на земјиштето во коритото на реката Отиња, каде што е предвидена изградба на платформите, а по добиените анализи се очекува и одобрението од Светска банка за распишување на тендер за нивна изградба. 
Градежните активности за уредување на речното корито, изградбата на платформите и реконструкцијата на плоштадот се очекува да почнат во септември по завршување на тендерските постапки, а реализацијата на проектот треба да заврши во 2012 година. (МИА)

Испрати коментар

Scroll To Top