Насловна / Форум / Потребен ни е дијалог, а не фрлање бомби од политичките ровови

Потребен ни е дијалог, а не фрлање бомби од политичките ровови

3.jpgФилип КОНЕСКИ, студент на Архитектонскиот Факултет- Скопје

 

Скопје 2014 претставува проект кој во себе содржи толку многу, што е невозможно обичниот македонски граѓанин да се справи со крупноста на залакот. Моментно сите дискутираат, се караат и се докажуваат, а никој не забележува дека проектот треба да се разговара од повеќе аспекти ( урбанистички, архитектонски, социолошки, историски, политички, идеолошки итн.). Се водат дискусии кои разочаруваат во

вистинската смисла на зборот- дебата помеѓу доктор, архитект со завршено средно во ГУЦ, професионален земјоделец, партиски послушник, шпион и музичар и сите заедно разговараат за пубертетот на пеперутките. Значи, една тотална мешаница од секакви “ професионалци” кои создаваат комбинација одлична за затапување на јавноста.

 

Револтот со кој пишувам е резултат на разочарувањето од незаинтересираноста на професионалната елита во која влегуваат сите архитекти, професори, стручни факултети, партиски архитекти од двата табора и додворувачи на власта. Да се покаже толкава немоќ да се остават сопствените тикови, пристрасности, да се предизвика и да се седне на вистинска дебата и да се разговара за секој аспект поврзан со проектот. Едноставно, да се соочат вистините и да се отвори дијалог, а не да се седи во политичкиот ров и да се фрлаат бомби. Ги критикувам и оние професионалци кои се за, и оние кои се против Скопје 2014. Намерно не говорам подетално за сопствениот став за овој проект, бидејќи ова е најглавното нешто кое што не ме остава мирен. Раздорот во професијата, плашењето од вистински разговор и неверојатната плиткост во наводното изложување аргументи покажува за незрелост на нацијата, и тоа не само од страна на архитектите, туку и на сите останати “електричари” што се обидуваат да влечат архитектонско-урбанистички потези.

 

Не знам како би изгледало архитект да отвори трансформатор и да поправа струја, најверојатно ќе снема струја за половина град. Нешто слично се случува и со Скопје 2014, не во идеолошки, туку во архитектонско – урбанистички поглед. Едноставно одиме во крајности, никако да се постигне рамнотежата. Доколку едниот зборува за архитектурата и добивате впечаток дека навистина знае што зборува, во следниот момент почнува да зборува за историја и гледате дека навистина ништо не знае. Од спротива другиот подобро знае историја, меѓутоа не е архитект. Значи видов милион комбинации на добро и лошо, само не ја видов вистинската.

 

Се пропушти можноста Скопје да добие 10-тина нови објекти, сведоци на зрелоста на македонската архитектура, објекти кои ќе ја носеа истата функција, споменици кои ќе ги одбележеа истите македонски јунаци, но ќе оставеа современ белег во градот. Не постои поголем патриотизам и национално зреење како и придонес во напредувањето на нацијата од современиот јазик. На тој начин ќе докажевме за континуитетот на Македонецот повеќе отколку со имитација на стилови. Такви реални примери од македонската историја има многу: македонската народна архитектура која учестуваше во инспирацијата на Корбизје за создавање на модерната, фрескоживописот од Курбиново и Нерези кои се предвесници на европската ренесанса итн… На ова тло во минатото се креирала крунска култура, од која Западот подоцна црпел инспирација само заради нејзиното врвно достигнување. Tогаш таа била пред времето, а не зад него, затоа и претставувала инспирација.

 

На Скопје навистина му недостасуваа споменици и историски паметници, инстиуции и маркантни плоштади. Меѓутоа, овој начин на реализација покажува синдром на недозреана тиква. Другите народите поради историската прилика завршиле со тие споменици и јавни објекти на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Ние поради сите делења на Македонија, ропства и федерации ја добиваме шансата во 21 век. Наместо сега да докажеме дека Македонија е лулка на стара култура, ние го повторуваме клишето на еклектиката. Ја пропуштивме шансата и јас искрено жалам за тоа.

 

Испрати коментар

Scroll To Top