Насловна / Архитектура / Последниот градски архитект

Последниот градски архитект

posledniot-gradski-arhitekt-thumb.jpg

Минатото лето, речиси незабележително во јавноста замина последниот Градски aрхитект во Велика Британија, господинот Џон Торп. За жал, со неговото заминување од должноста веројатно е завршено едно забележително поглавје во историјата на архитектурата и градоградителството во оваа земја.
Џон Торп (John Thorp MBE), во 1996 година бил назначен за седми Градски архитект (Civic Architect), функција на која останал до своето заминување од должност во 2011 година. Овој познат архитект- конзерватор, своето архитектонско образование го стекнал на Школата за архитектура во Ливерпул (Liverpool School of Architecture), а најголемиот дел од својата професионална кариера од околу 40 години, ја поминал во Одделот за градски архитекти (City Architects Department) при Советот на градот Лидс (Leeds City Council). Неговото архитектонско творештво ја вклучува креацијата на Милениумскиот плоштад (Millennium Square) и придонесот во развивањето на програмата за Градски плоштади, објекти и простори (City Centre Squares, Buildings and Spaces) вклучително со Градскиот плоштад (City Square), Градската куќа во Лидс (Leeds Town Hall), Градската библиотека и уметничка галерија (City Library and Art Gallery), Градините на Викторија (Victoria Gardens) и обновата на зелените површини како Плоштадот Парк (Park Square), Градините на Мертон (Merrion Gardens), итн. Во 2005 година, Кралицата Елизабета Втора го наградила Градскиот архитект Торп со одликувањето М.Б.Е. (MBE – Member of the Most Excellent Order of the British Empire) за неговиот придонес во областа на архитектурата. Неколку години подоцна, следувала и Наградата за животно дело (Lifetime Achievement Award) во рамките на Наградите за архитектура во Лидс во 2009 година (2009 Leeds Architecture Awards), со која му се оддало признание за создавањето на наградени места и простори како резултат на неговата животна посветеност кон градот Лидс. Исто така, Торп е член на советодавниот Панел за разгледување на проектите (Design Review Panel) за Олимписките игри – Лондон 2012 при Комисијата за архитектура и изградена средина (Commission for Architecture and Built Environment – CABE).

ЗА И ПРОТИВ

За жал, сета посветеност на Торп, резултатите што тој ги постигнал во своето работење, како и националните признанија за неговите заслуги во доменот на архитектурата, не биле доволни да ја укажат потребата за зачувување на функцијата Градски архитект во Лидс. Со неговото заминување од должност, и функцијата Градски архитект била укината. Ваквата ситуација го отсликува трендот на подемот и падот на јавните архитектонски проектантски бироа во Велика Британија, во текот на последните сто години, и тоа од подемот во почетокот на минатиот век, па се до зенитот во 1980 година, кога според Rose (BD 05.01.2007:3) 63 проценти од сите британски архитекти работеле во јавниот сектор за разлика од оценките за само 11 проценти кон средината на првата декада на овој век.

Падот на јавните архитектонски бироа во земјата бил пропратен со распуштања на поголем број од овие бироа, како на пример она на Советот на поголемиот Лондон (The Greater London Council), кое реализирало исклучително значајни објекти, вклучително со South Bank Centre во Лондон, или пак нивно преземање од страна на приватни архитектонски бироа. Како резултат на ова, во Велика Битанија веќе подолго време се води една, за жал, не многу видлива дебата за тоа дали треба или не треба да се има Градски архитект. Поборниците "за" ја истакнуваат потребата од постоење на архитектонска експертиза во рамките на органите на локалната самоуправа, и тоа особено во периодите на големи програми за изградба на јавни објекти, а со цел да се изврши усогласување на предложените проекти за јавни објекти со долгорочните определби на локалната заедница. 

За разлика од нив, оние што се "против" нагласуваат дека повторното воспоставување на функцијата Градски архитект не е гаранција дека квалитетот на проектите ќе се подобри, наведувајќи дека дел од објектите испроектирани од страна на јавните архитектонски бироа во минатото, биле само просечни по своите архитектонски квалитети. Оттука, тие се залагаат за потребата да се истакне значењето на квалитетот на проектирањето во рамките на органите на локалната самоуправа преку зајакнување на тимовите задолжени за јавни набавки во доменот на проектантски и градежни услуги (BD 05.01.2007:3, BD 05.12.2008:9).

Дебата ја усложнуваат и најавите на новата Конзервативна Влада, која навестува формирање на нова функција Главен државен архитект, но и предложените промени во урбанистичката регулатива со која би се отворила можноста органите на локалната самоуправа да имаат право да одбијат да дадат урбанистичка согласност на лошо испроектираните објекти. 

posledniot-gradski-arhitekt-1.jpg

Ова отвора дополнителни прашања со оглед на тоа што вработените во урбанистичките служби задолжени за издавање на урбанистички дозволи најчесто се лица кои завршиле урбанистичко планирање и не се архитекти, и како такви веројатно не се најсоодветно подготвени за оценување на архитектонските квалитети на еден проект. Дали тоа значи дека урбанистичките служби ќе треба да вработат архитекти, наместо општините да отворат свои проектантски бироа со оглед на тоа што веројатно не би имале доволно проектантски задачи да го оправдаaт своето постоење како резултат на масивното пренесување на нивните проектантски функции од јавниот во приватниот сектор во минатото (BD 28.11.2008:2). 

Веројатно, барем делумно, во прилог на последниот став е и мислењето на бившиот претседател на Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Institute of British Architects) Пол Хајет (Paul Hyett), кој коментирајќи во 2007 година по повод отпуштањето на последните 6 архитекти вработени во Советот на Харингеј (Haringey Council) го изнел своето мислење според кое, во услови на современа пазарно ориентирана потрошувачка демократија не се сака и не е потребно органите на локалната самоуправа да имаат капацитет да проектираат и градат објекти. И покрај ова, тој смета дека е потребно овие институции да имаат капацитет софистицирано да коментираат на архитектонски аспекти од интерес за пошироката заедница (BD 05.01.2007:3). 

Дали некој е поборник "за" или "против" постоењето на функцијата Градски архитект, веројатно е прашање на лично убедување и погледи кон светот. Доколку се анализира подемот и падот на јавните архитектонски проектанстки бироа во Велика Британија, може да се заклучи дека нивниот подем се совпаднал со масивни градежни програми во земјата како резултат од потребата за повоената, особено по Втората светска војна, реконструкција на земјата и расчистување на субстандардните, особено станбените објекти од минатото. Ова резултирало во изградба на големи станбени, училишни и болнички комплекси, како и во изградба на "Новите градови" (New Towns) во земјата. Еден можен начин на интерпретација на ова е дека во услови на големи промени веројатно е пожелно да се има една посеопфатна слика за она што се гради во рамките на изградената средина, што веројатно многу тешко може да се постигне доколку објектите се проектираат и изведуваат на индивидуална основа и без соодветно согледување и усогласување со поширокиот контекст. 

Историјата на архитектурата ни укажува на тоа дека голем број од најпознатите архитекти и објекти се релизрани под покровителство или во рамките на една јавна организација. Веројатно еден добар историски пример е папската "Фабрика" (Fabrica), организација задолжена за обезбедување поддршка на Римските Папи (Papal Rome) во областа на градежништвото преку своите оддели за изведба, предмер и финансиска контрола на изградбата. Најпознатите ренесансни архитекти, Браманте (Bramante), Перуци (Peruzzi) и Микeлaнџело (Michelangelo) за голем дел од своите ремек-дела од 16 век биле зависни од поддршката на папската "Фабрика" (Pepper, 2009 RIBA 03). 

Во 17 век, во Франиција постоела слична градежна администрација (Royal Building Administration), а во Англија Кралската канцеларија за градежни работи (Royal Office of Works) потекнува од владеењето на Тудорите (Tudors). Како Одговорни за премер (Chief Surveyor) во последната во текот на 17 и 18 век биле великани на англиската архитектура како Индиго Џонс (Indigo Jones), Кристофер Врен (Chistopher Wren) и Николас Хоксморе (Nicholas Hawksmore). 

Ваквата традиција на истакнати архитекти на чело на јавните претпријатија за проектирање и градење продолжила и во последователните периоди (Pepper, 2009 RIBA 03). Ваквата ситуација била отсликана и во другите европски земји. На пример, Реинхолд Ѓорѓ Шмелинг (Reinhold Georg Shmaeling), кој во период од 36 години, од 1870 до 1915 година, бил Градски архитект на Рига (Riga), Латвија (Latvia), се смета за заслужен што денес централното градско подрачје е прогласено од УНЕСКО за Локалитет на светско градителско наследство (UNESCO World Heritage Site), со оглед на тоа што под негово раковоство биле воспоставени особените урбани карактеристики на градот. Покрај ова, се смета дека за време на своето работење како Градски архитект, тој испроектирал барем 25 училишта, три болници, пет противпожарни станици, два пазари и голем број други објекти. Според Крастинш (Krastins), тој се смета, заедно со своите ко-автори, и за еден од основоположителите на методологијата за планирање, во која биле искажани основните принципи на современата теорија на урбанистичкото планирање, кои биле отпечатени во 1855 година во "Програма за генерален развоен план на урбан реон" (Programme for the General Development Plan of the Urban District). 

Историјата на архитектурата се чини дека укажува на позитивни примери во оформувањето на урбаната средина во услови на постоење на Градски архитект, но и на тоа дека веројатно најголемите придобивки од ваквиот пристап се во услови на значајни промени во средината, без оглед на тоа дали станува збор за реконструкција по катастрофи и воени разурнувања, или пак во услови на расчистување на субстандардните делови на градовите што биле стихијно градени.

СЕАЧ НА СЕМЕ

Со оглед на тоа што во Република Македонија веќе повеќе од 20 години се наоѓаме во состојба на бесконечна транзиција, и дека континурано се соочуваме со посложени проблеми во рамките на изградената средина, веројатно е пожелно да се разгледа можноста како преку воведување на функцијата Градски архитект би можело да се помогне барем малку во разрешувањето на овие проблеми. Се разбира, тука се поставува прашањето за тоа кои би биле карактеристиките на Градскиот архитект во 21 век. Дел од одговорот нуди Алберто Варгас (Alberto Vargas, 2006), помошен директор за планирање во Винтер Парк (Winter Park), Флорида (Florida). Според него, Градскиот архитект треба да биде: "сеач на семе" (Seed Planter) и да ги "посади" појдовните објекти и комплекси, кои ќе бидат носители на идниот развој; "градител на места" (Place Maker), каде преку формулирањето на идните определби би го поддржал оформувањето на една квалитена средина; "координатор на проекти" (Project Coordinator), при што ќе обезбеди реализација на зацртаното; и "коректор на движење" (Course Corrector), кој со време би ги увидел потенцијалните слабости во одредени предлози и би овозможил да се истрае во зацртаната насока. На ова, веројатно би требало да се надоврзе и клучната карактерстика сврзана со функцијата Градски архитект, а тоа е компромисот. Според Јан Кристијансен, (Jan Christiansen) (Conditions, 21.04.2010), Градскиот архитект на Копенхаген (Copenhagen), архитектурата не е слободна уметност, и таа зависи од ограничувањата и бројните компромиси. Покрај горните атрибути, Градскиот архитект треба да има "тежина" (gravitas) базирана на неговата стручност, статус и респектираност не само во рамките на професијата туку и многу пошироко. Истовремено, Градскиот архитект треба да биде неполитизиран, доследен и посветен јавен службеник, кој мудро ќе го води урбаниот развој низ мрачните политички води, останувајќи доследен на долгорочните определби и интереси на пошироката заедница на сметка на краткорочните финансиски или други придобивки на одредени групи во рамките на истата.


Испрати коментар

Scroll To Top