"Последните топли денови ни делуваат некако инспиративно за започнување на мали промени во уредувањето на домот. Неодамна ја реновиравме кујната, па на ред дојдоа дневната и спалната соба. Би сакале дневната соба да изгледа попространо и да ја преуредиме така што ќе обезбедиме простор за уште еден дополнителен кревет."
Ви предлагам решение кое е најблиску до вашиот живот. Едноставниот и функционален ентериер секогаш создава впечаток на пространство во затворениот простор, а тоа е едно и од вашите барања. Станот припаѓа на типски станови во повеќекатница во која не можат да се изведуваат поголеми градежни зафати во ентериерот. Но, затоа можете да го смените амбиентот и да направите подобро функционално решение. Нема да згрешите ако се одлучите за функционалност, чисти линии, современи материјали и форми, а за да заштедите, врзете се за една тематска целина за да не купувате непотребни работи. Искористете го мебелот што веќе го имате, а за да го смените комплетниот впечаток во ентериерот, обоите ги ѕидовите во различни бои. Конкретно, во дневната соба со двоседот што го имате и уште еден на расклопување, формирајте аголна седечка гарнитура. Наместо долгата правоаголна маса, поставете тркалезна маса. Така, ќе се отвори место за мала витрина која ќе служи за чување чинии, чаши, чаршафи за маса и есцајг. Во спалната соба, креветот преместете го на спротивниот ѕид. Тоа е важно од психолошки аспект, затоа што ќе се чувствувате посигурно кога гледате кој влегува во собата, а истовремено во собата се ослободува повеќе простор.
Билјана Стевковска – Савиќ,
дипл.инж.арх.