Насловна / Форум / Подигнувањето објекти на кејот ќе биде генерациска грешка

Подигнувањето објекти на кејот ќе биде генерациска грешка

Олга Папеш, архитект

 

Архитектот Богдан Богдановиќ во својата книга “Мал урбанизам” вели: “Најдоброто нешто што еден град може да го има е шеталиште покрај вода. Градовите без вода, дури и кога се најубави, секогаш имаат нешто што ги прави како да се по малку несреќно родени.

Во таквите градови без вода и на некоја сосема мала рекичка £ се укажува голема почест. Тоа всушност е носталгија по вода”. Ние тука имаме вода, река, а не знаеме да ја искористиме.


Според проектот на Кензо Танге, просторот кај Макеоднската опера и балет е планиран за културен центар. На таа локација сега се предвидени и административно-деловни објекти. А, потребна е само мала инвестиција за да заживее проектот на Кензо Танге за културниот центар, кој е едно од неколкуте јаки мега урбани јадра меѓу кои се трговскиот и транспортниот центар, универзитетскиот кампус и други. Треба да се направат мали продавници и просторот соодветно партерно да се уреди со урбана опрема. Така, летно време тоа место би можело да заживее и како летна сцена. Интересно е тоа што веќе постојат проекти за сe што било предвидено со планот на Кензо Танге.


Во сегашната состојба, на тој дел од центарот на градот дневно поминуваат едвај по десетина лица, а вака ќе заживее. Јас предлагам да се направи уште една визуелизација, но со поглед од Македонската опера и балет. Тогаш ќе се види дека глетката на реката се губи поради зградите кои ја затскриваат.


Тој простор треба да се сочува и да се заштити од непредвидени градби и да се оформи како што е првично замислен, со изградба на зградата на филхармонијата, пропратните услужно-трговски дејности, а треба да се санира и платформата. Подигнувајќи објекти на кејот просторот ќе го обезвредниме, а тоа ќе биде генерациска грешка, грешка на векот.


Јас не навлегувам во содржината на објектите што се градат и ќе се градат, но сметам дека покрај кејот не треба да има никакви градби. Ако изградат објекти, нека се и административни, не знам како ќе го решат сообраќајот. Таму нема улица, а стотици луѓе ќе треба да дојдат на работа. Во крајна линија сметам дека треба да ги сочуваме генералните јадра предвидени со планот на Кензо Танге.


Јас како архитект три години вршев проектантски надзор на објектите на Музичко-балетското училиште, Музичката академија и Македонската опера и балет, решавајќи ги во од проблемите и изработувајќи стотици архитектонско-градежни детали. Дали е чудно ако се чувствувам врзана за комплексот ако во него сум вградила дел од себе. Работејќи таму ја осознав беспрекорната замисла и концепција на комплексот културен центар. Дали е чудно ако посакувам целиот комплекс да се реализира? Просторот пред Филхармонијата и МОБ, оној дел кон реката не треба да се обѕида. Чувствувам професионална обврска и морална одговорност овие сознанија за комплексот културен центар да ги искажам и да ги пренесам на генерациите помлади архитекти и урбанисти кои сега работат. Како ќе постапат, тоа е нивна одговорност! 


Не можам да ја прифатам ниту најавената реконструкција на фасадите на постоечките згради во Малиот ринг. Објектите на “Пелагонија” и на “Пелистер” имаат свој стил и физиономија. Тие имаат свој автор. Фасадите може да се обноват, но ако им се даде нов лик ќе се поништи авторското право. Тоа е исто како на Мона Лиза да £ ставите веѓи.

Испрати коментар

Scroll To Top