Насловна / Архитектура / Нова архитектура во новото срце на Нов Белград

Нова архитектура во новото срце на Нов Белград

nova-arhitektura-1.jpgОваа пролет Белград доби нов хотел. Последниве години бројот на кревети
во градот значително порасна со изградба на нови хотели, но и со
основање на голем број хостели Белград стана град кој може секого да
угости во склад со неговите потреби и можности. Сепак, во секторот
хотели со висока категоризација, Белград не би можел да се пофали со
голем сместувачки капацитет.

 

Некои од таквите хотели се оштетени во бомбардирањето во 1999 година, како хотелот "Југославија", или се запуштени и потоа привремено затворени како некогашниот хотел "Интерконтинентал", кој во меѓувреме изгуби и лиценца, па едно време носеше назив "Континентал". И додека судбината на хотел "Југославија" е сè уште непозната, некогашниот хотел "Интерконтинентал" е во фаза на обнова и се очекува оваа или следната година да биде повторно отворен. Во тој "вакуум" помеѓу понудата и побарувачката, последниве неколку години низ градот никнаа нови синџири на хотели и објекти. Прво е изграден хотелот "Холидеј Ин" во Нов Белград, кој заедно со "Белекспоцентар" прават единствена целина.

 

nova-arhitektura-1.jpg

 

Пред две години e отворен и хотелот "Сквер Најн" во самиот центар на Белград, а сега е отворен хотел со четири ѕвезди кој припаѓа на австрискиот синџир "Фалкенштајнер". Новиот хотел во новобелградскиот блок "11а" претставува архитектонска целина, која освен хотелот со четири ѕвезди содржи и деловна зграда. Се наоѓа во централниот дел на Нов Белград, во близина на општинската зграда, пристапот до автопатот, земунскиот кеј, некогашниот хотел "Југославија", трговскиот центар "Меркатор", како и многу други содржини. Според зборовите на луѓето од компанијата, локацијата е избрана после студиозните истражувања каде би можел да се наоѓа хотелот. Близината на автопатот, но и добрата поврзаност со центарот на градот беше од големо значење. Самиот објект се наоѓа во блок "11а".

 nova-arhitektura-2.jpg

 

Тука, пред неколку години се наоѓаа тениски игралишта, бараки и срушениот објект на амбасадата на Народна Република Кина. И така, некогашниот неизграден простор во потполност е дефиниран и денес е делумно изграден. Покрај новоотворениот објект на хотелот "Фалекнстеинер", тука се наоѓаат деловната зграда "ВИГ Плаза", која е прва изградена, и три станбени објекти, кои со својата архитектонска форма совршено се вклопуваат во амбиентот, но и носат нешто ново кога се зборува за квалитет на проектирање. Во тек е изградба на уште една деловна зграда, додека новата управна зграда на банката "Интеза", која треба да никне помеѓу хотел "Фалкенштајнер" и деловната зграда "ВИГ Плаза", сè уште е на чекање.

nova-arhitektura-3.jpg

 

Покрај разновидните архитектонски изрази на новоизградените објекти, кои во овој момент тешко дека можат да изгледаат како една целина, карактерот на просторот го дефинира и фактот што накогашната амбасада на НРК е во потполност срушена и на тој простор освен спомен-таблата не постои никаков знак дека тука некогаш постоела некоја зграда. Квалитетниот и скапиот станбен простор на трите изградени станбени објекти доведе и нови станари, а секако најпознат е сегашниот претседател на Србија, Томислав Николиќ.

 

ПОДРЕКА

 

Најновиот објект е хотел "Фалкенштајнер", а инвестицијата на овој комплекс од 24.200 квадрати изнесува 40 милиони евра. Објектот е граден скоро две години а изведувач е фирмата "Технобетон", која користеше оптимизиран систем за брза изградба на бетонски високи кули. Автор на објектот е познатиот виенски архитект Борис Подрека, и ова претставува негово прво реализирано дело во родниот град. Пред скоро една деценија, Подрека направи проект за музеј на наука и техника, но тој никогаш не беше реализиран.

 nova-arhitektura-4.jpg

Според зборовите на архитектот, "секој град има своја психа и свој број, Белград е град кој го дефинира бројот два – дихотомија. Град кој ги има Сава и Дунав, Нов Белград и Стар Белград, Црвена Ѕвезда и Партизан". Така и архитектонскиот израз го дефинира бројот два и јасната поделба на хотел и деловна зграда, кои иако имаат потполно различен архитектонски јазик, многу вешто се вклопени во единствена целина. Дизајнот на ентериерот го направи архитектката Беа Митерхофер од австриската фирма "Ра.Бе Интериор Дизајн", која на повеќе проекти соработувала со синџирот "Фалкенштајнер".

 

ИСКРШЕНА ФОРМА

 

Деловниот дел од објектот, кула со 11 ката е дефинирана со стаклена фасада од партиции во различни форми и "искршена форма" по дијагоналата на фасадата, така што самиот објект истапува од класичната симетрија на страните. Хотелскиот дел на комплексот го карактеризира вештата игра со елементите што ја прават главната фасада. Прозорските рамки се состојат од тридимензионални елементи чии агол се разликува од соба до соба, што придонесува во динамиката на една, во суштина, едноставна рамна фасада. Нешто слично, архитектот Подрека користеше и на својот проект за Цветниот плоштад во Загреб, каде што прозорците на станбениот дел имаат слична тридимензионалност. Карактерот на фасадата се отсликува и во неправилно распоредениот мозаик од четири нијанси на сива боја, кои од далечина доминираат на фасадата.

 

Иако самиот проект е работен "уникатно", така што може да се најде само во Белград, бидејќи е проектиран за овој град, и не е дел од глобалниот архитектонски израз според кој одредени автори истиот објект можат да го изградат и во Берлин и во Шангај, квалитетот на проектот е таков што отскокнува од новата архитектура која последниве години се гради во престолнината на Србија и секако носи квалитет и нешто ново во заспаната српска архитектонска сцена. Хотелот располага со 170 соби, стандард, ројал соби, како и јуниор и сениор апартмани, тука се наоѓаат и шест конференциски сали, бидејќи објектот е многу привлечен и за бизнис корисниците, луксузна сала за свадби, како и салон за љубителите на цигари.

 

Покрај сево ова, хотелот поседува нешто што стана стандард во понудата на хотели од оваа категорија: спа центар, финска масажа, сауна, соба за опуштање, фитнес центар и подземна гаража со 54 паркинг места.

 

ДИНАМИЧЕН ИЗГЛЕД

 

Како хотел со четири ѕвезди, првенствено е наменет за деловни корисници кои доаѓаат во Белград, но е отворен и за други категории на корисници, па така се нуди и семеен пакет кој подразбира и посета во зоолошка градина, викенд понуда и понуда за романтичен одмор. Останува да видиме колку самата инвестиција ќе биде успешна.

 nova-arhitektura-5.jpg

Луѓето од менаџментот очекуваат целата инвестиција да се врати за 15-ина години, но тоа секако зависи и од економските услови во земјата и странство. Независно од тоа дали инвестицијата ќе биде исплатлива од финансиски аспект, Белград доби модерен хотел кој со својот архитектонски израз се вклопува во опкружувањето на Нов Белград, но и претставува единствен архитекотнски израз кој ретко се среќава на овие простори.

 

Динамичниот и интересен изглед претставува разлика во однос на проектите што во последниве години се изградени во околината, која од страна на инвеститорот беше препозната како простор со голем потенцијал. Останува да видиме како целиот простор на блок "11а" ќе изгледа кога ќе се заврши и деловната зграда на банката "Интеза", која ќе дели еден ѕид со хотелот "Фалкенштајнер".

 nova-arhitektura-6.jpg

nova-arhitektura-7.jpg

Со ова архитектонската целина на овој дел ќе биде комплетирана и дефинирана како простор со луксузен хотел, екслузивен деловен простор и престижни станбени објекти на Нов Белград. За сега сите изгледаат задоволни, инвеститорите и претставниците на хотелот нагласуваат дека се задоволни од објектот, Белград доби нова архитектонска ѕвезда, а архитектот Борис Подрека го исполни својот дамнешен сон и конечно беше на отворањето на објектот што го проектираше за својот роден град.

 

 м-р ЃОРЃЕ ЈОКИЌ, дипл.инж.арх. (Србија)

Испрати коментар

Scroll To Top