Насловна / Дневни Вести / Почна изградбата на градска плажа на кејот на Вардар во Скопје

Почна изградбата на градска плажа на кејот на Вардар во Скопје

gft.jpgСкопје – Град Скопје го почна проектот за изградба на градска плажа на кејот на реката Вардар, зад Луна паркот. Со проектот, на површина од 1.775 метри квадратни ќе се постави урбана опрема од монтажен карактер, 20 маси, 80 столчиња и 80 лежалки. Плажата ќе биде со ситен песок, а се предвидуваат две куќички и простор за детски забавни содржини. Градската плажа ќе работи од 10 до 23 часот и граѓаните ќе можат бесплатно да ја користат. Посетителите на градската плажа ќе можат да ги користат тоалетите од Луна паркот.

Градоначалникот Коце Трајановски потенцира дека жителите на Скопје ќе можат и понатаму да ја користат ролерско-велосипедската патека на кејот на реката Вардар и оти се оставаат и три метри за трчање.

 

Тој информира дека наскоро ќе постават и табли на кои ќе пишува дека е забрането капењето во реката Вардар. – Ќе има тушеви, каде жителите ќе можаат да се освежуваат, рече Трајановски.
За изградбата на плажата ќе се потрошат околу 6,3 милиони денари, а изведувач е компанијата „Алкон“. Плажата треба да се заврши кон крајот на јуни, а ќе биде отворена до крајот на август.

 

Проектот за плажа на авторите Бекир Адеми и Бетим Зекири, ја доби првата награда за конкурсот за идејно решение за градска плажа под новиот театар. Тој неколку месеци беше на приспособување кај градската администрација. Неговото идејно решение предвидува овој дел од коритото на Вардар да биде покриен со песок, да има дрвени платформи на кои ќе бидат поставени лежалки, столови и маси. Според авторите, плажата ќе биде простор за рекреација, уживање и за игра. Тоа нема да биде конвенционална плажа, со утврдени атрибути, туку повеќе уште една урбана атракција. Со оглед на тоа дека водата во Вардар не дозволува луѓето да се капат, на самата плажа се предвидени мини-базенчиња за деца. (МИА)

 

gft.jpg

Испрати коментар

Scroll To Top