Насловна / Архитектура / Игрива шпекулација за идниот развој на Лазарополе

Игрива шпекулација за идниот развој на Лазарополе

Меѓународната Летна школа за архитектура која ја организира Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е една од најстарите вонфакултетски активности на Универзитетот. Таа во континуитет се одржува 27 години, во кои низ Летната школа како студенти, тутори, секретари и раководители поминале над 500 архитекти од земјата и странство.

dokumentiranje (2)

Во овие, безмалку три децении постоење Летната школа постојано еволуира, се прилагодува и подобрува, неколкупати го менува својот формат, своето времетраење и својата локација.
Овогодинешната сесија се одржа во периодот од 7 до 15 јули 2018 година на нова локација, во село Лазарополе во прекрасниот и драматичен пејзаж на националниот парк Маврово во западна Македонија.

Со неа раководеше проф. д-р Бојан Каранаков, а секретар беше доц. д-р Горан Мицковски од Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ. Гости тутори беа еминентните германски архитекти Јурген Пацак-Пор и Михаел фон Матушка од архитектонското биро БАР Архитекти од Берлин, професори на Мастер програмата на Институтот за архитектура во Десау (ДИА) при Универзитетот за применети науки во Анхалт, во соработка со архитектот и урбанист Конор Молони од Лондон, кои сите заедно работеа со 27 студенти по архитектура од земјата и странство.

koncert
Централната тема на школата беше „ИГРА“, разбрана како социјален настан, но и организациски модел кој истовремено ги предизвикува и заедницата и поединецот изострувајќи ги сетилата и вештините на учесниците. Предмет на наш интерес беа комплексната структура на играта, правилата, елементите, полето за игра, стратегијата и елементот на случајност (среќа).

dokumentiranje
Почетна точка ни беше планинското село Лазарополе, сместено во скриена долина, исполнето со куќи за живеење со слична големина изградени од слични материјали, со слични техники, а сепак сите различни. Постојат доволно отстапки кај секоја куќа што ја прават единствена и уникатна, со сопствени релации и сопствен израз.

izlozba (4)
Во времетраењето на овогодинешната сесија Летната школа прогресираше низ неколку фази и тоа од внимателно набљудување и истражување, преку изработка на експериментални/пробни модели во различни техники, до процесно ориентирана анализа на постојната населба.
Резултатот беше игрива шпекулација за идниот развој на местото и можностите за негова реализација, од која произлегуваат нови конструктивни методи и архитектонски форми.

izlozba (3)
Работата беше организирана во три последователни фази/работилници. Првата се состоеше од внимателно теренско набљудување и документирање на постојните состојби на шест одбрани локации низ селото. Втората работилница се состоеше од анализа на претходно документираното. Во оваа фаза од студентите се бараше да препознаат и издвојат одредени теми карактеристични за анализираните локации и потоа да ги претстават преку апстрактен просторен модел. Во третата и последна работилница од студентите се бараше да обмислат и направат игра базирана на претходно препознаените теми.

kritiki
Сите фази на Летната школа беа проследени со бројни теренски истражувања, предавања од туторите, дискусии, презентации и критики на сработеното.

izlozba
На крајот од Летната школа, традиционално, беше организирана јавна изложба на која беа претставени единаесетте игри за Лазарополе кои учесниците ги обмислија и изработија како и материјалите од целокупниот процес низ кој тие поминаа низ осумте дена колку што траеше Летната школа за архитектура. На наше големо задоволство изложбата беше одлично посетена од локалното население.

izlozba (6)

izlozba igra (2)

izlozba igra (3)

izlozba igra

izrabotka model (2)

predavanje (2)

predavanje (3)

predavanje

grupna

Автор: проф. д-р Бојан КАРАНАКОВ д. и. а.

Испрати коментар

Scroll To Top