Насловна / Вести / Плоштадот Македонија ќе го надвиснат куполи

Плоштадот Македонија ќе го надвиснат куполи

plostad-makedonija-kupolo-thumb.jpgСето тоа може да биде многу убаво, согласни се повеќемина архитекти,
но би било добро прво да се подготви некој вид видео презентација,
за јавноста да добие увид што точно е предвидено и како ќе изгледа.

Фасадна обнова на објектите што гравитираат околу плоштадот Македонија и изградба на куполен простор со повеќе нивоа, а кој нема да влегува во вкупната бруто развиена површина на планираната градба, се дел од идеите што ќе се реализираат со новиот Детален урбанистички план "Мал ринг". Она што најмногу го привлекува вниманието е надвишувањето на објектите со куполи, што за главниот град е новина. Досега изграден објект со купола е Музејскиот комплекс Македонска борба, но ваквите надвишувања веќе можат да се забележат и на останатите згради кои се градат во "Малиот ринг", а се дел од проектот "Скопје 2014". 

Куполи ќе добијат новите објекти на Градска куќа, Офицерски дом, Водовод и канализација, а веќе се градат и на републичкото Собрание. Архитектот Коста Мангароски, автор на проектот за Собранието, вели дека во сите негови објекти ги има вметнато куполите како елементи. "Куполите ги има од најстаро време и се направени од стакло или од некој друг материјал. Внатре има простор кој може да се користи за различна намена. Изградбата на куполите е начин да се добие светло во внатрешноста", објаснува Мангароски. Според него, куполите добро би се вклопиле на плоштадот Македонија, но сето тоа зависи од мајсторот на проектот. "Архитектурата има ѕидови, врати, куполи. Архитектурата има убаво и неубаво. Се сè вклопува ако мајсторот добро го осмисли. Затоа сметам дека за сите објекти кои гравитираат околу плоштадот Македонија, а кои се дел од "Мал ринг", треба да се направи една компјутерска презентација во која ќе ги има решенијата за сите објекти, за јавноста да може да одлучи дали за секој објект ќе одговара купола или не", додава Мангароски. 

Дека куполата како елемент може некаде и добро "да легне", согласна е и архитект Даница Павловска. "Сметам дека куполи на објектите што гравитираат околу плоштадот Македонија се предвидени уште од времето кога на оваа локација требаше да се гради црквата. Инаку куполата како елемент никогаш не се оспорува или наметнува, затоа што некаде може и добро да легне", вели Павловска. 
plostad-makedonija-kupolo.jpg
Куполата е подобра од една искршена права линија на објектот, вели архитект Вангел Божиновски. "Објектот изгледа многу поубаво ако завршува со куполест дел со кој се поврзува со небото. Куполите ги сметам како дел од традицијата и наследството. Затоа на многу мои проекти ги вметнувам како решенија. Но, сепак треба да се направи анализа на естетиката", додава Божиновски. 

Но, ова не се единствените измени во ДУП "Мал ринг". На плоштадот Македонија, наместо црквата, ќе никне 29-метарска барокна зграда. Во линија на двата најозборувани и оспорувани проекти од "Скопје 2014" е предвидена изградба на десеткатница наменета за државна институција. Маркицата е нацртана на истото место каде што се наоѓаше онаа за црквата, на просторот меѓу "Пелистер" и "Сити галери". Црквата сега дефинитивно ќе може да се издигне во зеленилото пред Домот на АРМ. За верскиот објект со планот е обезбедена површина од над 2.000 квадратни метри и максимална висина до 29 метри, или едноставно кажано, ќе се дозволи изградба на објект со висина на десеткатна зграда. Исто така, одредена е и нова локација на панорамското тркало и тоа на новиот мост на Вардар, кој ќе се гради меѓу Музејот на револуционерната борба и зградата на новиот театар на МНТ од едната, и објектот на Македонски пошти од другата страна на реката. 

"Поставеноста на тркалото, пристапот и преостанатите параметри на тркалото ќе се дефинираат дополнително, со инфраструктурен проект", објаснуваат општинарите во образложението. Исто така, објектот на Министерството за транспорт и врски е предвидено да се доградува за два ката, да се проектираат две нови клучки. Од Генералниот урбанистички план е преземена сервисна улица со подземно ниво, од мостот Гоце Делчев до зградата на МЕПСО. Во јавната анкета никој не доставил забелешка за новата локација на црквата, а речиси и да нема реакции за планираната десеткатница на плоштадот и новото место за тркалото на мостот, иако тие во изминатиов период често беа на удар на јавноста. Од вкупно 37 доставени забелешки во јавната анкета, само две се однесуваат на планираниот десеткатен објект на плоштадот на локацијата што претходно беше планирана за црквата.

Испрати коментар

Scroll To Top