Плоштадот Скендербег што ќе се гради околу истоимениот споменик на влезот на Старата скопска чаршија, ќе зафаќа површина од 5.000, па сè до 28.000 квадратни метри. Ако се оствари најголемата најава, тогаш тој ќе стане најголем плоштад во Скопје и во земјава воопшто, надминувајќи го и плоштадот Македонија што се простира на 18.500 квадрати. Минималната верзија предвидува да се поплочи сегашниот паркинг пред стоковната куќа "Илинден", кој би се преместил под земја.
Максималната пак, подразбира уривање на дуќаните на влезот од чаршијата што се од социјалистичкиот период и не се заштитени како културни споменици, како и премостување на булеварот Гоце Делчев, така што би се добило огромно поплочено пространство, какво што земјава не видела досега. Идејните решенија, според кои ова место треба да прерасне во атрактивна локација за музички, културни и за други настани, ги изработи "Архинг груп" од Тетово, чија понуда била избрана како најповолна.
Целиот проект се спроведува со помош на Владата, што досега и доделила 10 милиони денари на општината за да почнат подготвителните работи, кои, меѓу другото, подразбираат и изработка на идејните решенија. Според градоначалникот на Чаир Изет Меџити, станува збор за мегапроект кој ќе го измени ликот на неговата општина и ќе ја направи многу поатрактивна отколку досега. Идејните решенија се само предлози, а конечната верзија на проектот ќе се изработи откако ќе се одржи серија јавни дебати, во кои Меџити ги поканува да се вклучат сите, особено архитектите, другите стручни лица, медиумите, невладините организации и граѓаните.
На трибините се очекува да се достават дополнителни предлози и забелешки, од кои главните би се вклопиле во проектот. Но не мора ниту да се фрли лопата, ниту да се закове шајка за еден ваков проект да добие политичка димензија. Веднаш стигнаа коментари дека плоштадот ќе се прави за да биде конкуренција на проектот "Скопје 2014", односно за да не се нарушува неговиот веќе утврден концепт, а истовремено да се смират етничките тензии што тој ги предизвика.
Се појавија дури и мислења дека на овој начин ќе се направи дефинитивна поделба на градот, бидејќи еден плоштад ќе си имаат Македонците десно од Камени мост, а лево од него, под Кале, уште еден ќе си добијат Албанците. Иако е логично да се поддржи ваков проект штом веќе се гради "Скопје 2014", три причини се клучни за тој да се спроведе. Прво, бидејќи плоштад Македонија ќе се стесни поради спомениците, на градот ќе му биде потребен уште еден таков простор. Второ, ќе се добие атрактивен влез на Старата чаршија, односно на историското јадро на Скопје. И трето, сообраќајните решенија ќе овозможат да се задоволуваат многу потреби без да мора да влегуваат моторни возила во чаршиските сокаци.
подготви: Катерина СПАСОВСКА -ТРПКОВСКА