Геополитичките тензии и фрагментацијата се сериозен ризик по енергетската безбедност и борбата против климатските промени, и укажуваат ба значителни слабости во глобалниот енергетски систем, нагласувајќи ја потребата од забрзување на преминот кон чисти извори на енергија – се вели во новиот годишен Извештај на Меѓународната агенција за енергетика (IEA). Се очекува побарувачката за фосилни горива да го достигне својот врв до крајот на деценијава, се вели во документот.
Во најновото издание на Извештајот World Energy Outlook (WEO) се предвидува дека светскиот пазар на енергија во наредните години ќе добие нова рамка, обележана со постојаните геополитички закани, но и релативно обилна понуда на различни енергенти и технологии. Иако чистата енергија влегува со досега незабележана брзина, нејзиниот развој е далеку од изедначен, како во поглед на технологиите така и во поглед на различните пазари, се вели во извештајот. Предвиденото преголемо производство на нафта и ТПГ, како и експанзијата на капацитетите за производство на некои технологии на чиста енергија, посебно соларна енергија и батерии, веројатно ќе ги намали цените на енергијата и ќе отвори простор за зголемување на инвестициите во премин кон чиста енергија и укинување на субвенциите за фосилни горива. Во таа смисла, Извештајот укажува дека со порастот на глобалната побарувачка ќе настане нов ебергетски систем, со поголем удел на електрична енергија. „Во историјата на енергетиката имавме време на јаглен и време на нафта – а сега забрзано се движиме кон време на електрична енергија, кое ќе го дефинира глобалниот енергетски систем“, тврдат од IEA.
Во текот на последната деценија, светската потрошувачка на електрична енергија растела двојно побрзо од вкупната побарувачка од енергија, при што Кина е заслужна за две третини од глобалното зголемување на побарувачката од електрична енергија. Кина денес игра една од најважните улоги во речиси секој тренд во енергетиката – инвестиции, потрошувачка на фосилни горива, развој на обновливи извори на енергија, пазар на електрични возила или производство на чисти технологии. Со цел да се одржи побрз раст на користењето на чиста енергија, неопходни се многу поголеми вложувања во нови енергетски системи, посебно во електрични мрежи и складирање на енергија, се вели во Извештајот. Исто така се предупредува дека светот е сеуште далеку од патеката ускладена со целите за достигнување на нулта емисии.