Насловна / Форум / Ни треба компромис за да ја продолжиме градителската приказна

Ни треба компромис за да ја продолжиме градителската приказна

bibi-savik.jpgБилјана СТЕВКОВСКА САВИЌ, дипл.инж.арх.

 

Проектот Скопје 2014 со сета своја монументалност, барок, постмодернизам, кич, семантика, политика, двојно кодирање, убавина и грдост, е слика на нас самите, наша моментална приказна. Сигурно веќе на сите им е здодеано од слушање за неа. Мене, размислувањето на оваа тема, секогаш ме потсетува на приказната што ја раскажа Горан Стефановски во својата пристапна беседа кон Македонската Академија на Науките и Уметностите. Тој кажува дека луѓето за да преживеат, имаат совршен вроден инстикт за ткаење приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот и столб на нашиот идентитет, а ниедна култура не може да опстане без автентична приказна.

 

Нашата приказна во моментот е тажна. Вредностите се испревртени, домот ни се претвора во нешто туѓо, не може да си го препознаеме. Во раскол сме со светот, но најмногу со самите себе. Маните стануваат доблести, кичот убавина, неморалното- морално. Сето тоа го формира духот на чаршијата, духот на градот, а во понатамошниот след и самиот негов изглед. Бидејќи веќе не постои симболично разбирање на градскиот центар, не постои невидливиот град, градот што е секаде околу нас и во нас, веќе не се работи за убаво или неубаво, барок или хај тек, туку како испревртеното да се постави на нозе. Сега за изгледот на градот одлучува власта избрана од народот. Градењето станува политика. А, во политиката, како што кажува Стефановски, не го добиваш она што сметаш дека си го заслужил, туку она што ќе успееш да го избориш, да го испазариш, да го договориш.

 

Градот на нашите желби ќе се појави кога урбанизмот ќе ги заборави своите суетни стратешки цели и ќе почне во мечтата и во стварноста да гради со неограничени човекови мерки.

 

Сега проектот Скопје 2014 е наша автентична приказна. Не треба да ја загубиме, зошто во неа има и добро без нетрпеливост, плукање, со стрпливо пазарење, приспособување и компромис, треба да продолжиме да градиме, да го продолжиме проектот Скопје 2014 заради континуитетот на нашата приказна, зошто приказната не вреди со некои скинати или празни страници.

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top