Француската архитектонска компанија „Ilimelgo“ во своето победничко решение се фокусира на идејата дека иднината е во урбаното замјоделство. Се работи за еден вертикален комплекс кој треба да биде лоциран во Роменвил, предградие на Париз. Проектот го интегрира производството на земјоделски култури во урбана средина преку стакленик со површина од 1000 квадратни метри и максимизирање на сончевата светлина со природна вентилација. Препознавајќи го недостигот на обработливо земјоделско земјиште во глобални рамки, проектот има за цел да овозможи задоволување на потребите од обработливи површини и тоа во урбаните средини.
Свесни за оваа потреба, од градот Роменвил ги поддржале предлозите за одржливи проекти од областа на земјоделството. Иако во минатата деценија се работело на имплементација на кровни градини, сепак проектот „Vertical Farm“ е олицтворение на сеопфатен пристап кон одржливоста, едукацијата и локалниот економски развој. Зградата ќе биде поделена на две крила кои ќе им помагаат на посевите да растат користејќи сончева светлина и други потребни услови. Органските градежни материјали како бамбусово дрво и изолација од дрвени влакна придонесуваат за одржливоста на самиот објект. Според својата форма „Vertical Farm“ е правоаголна призма со триаголан покривна линија, со намера и архитектонски и концепциски да се вклопи во околниот простор.
Во приземјето се наоѓа едукативен простор, каде ќе бидат организирани различни работилници и школи за градинарство. На првиот кат предвидено е место за продажба на семиња, додека на горните катови простории за био-интензивно земјоделство, односно фарми за печурки, овоштарници и лаборатории кои ќе вршат анализи на семињата. Во моментот се работи на обезбедување финансирање за овој проект, а реализацијата се очекува за лето 2018.