Насловна / Архитектура / Иднината на архитектонското образование во Британија

Иднината на архитектонското образование во Британија

За разлика од Северна Македонија каде квалификациите на идните архитекти треба да бидат од високообразовна институција акредитирана од државата, во Велика Британија покрај акредитацијата од државата се бара и акредитација од Комората – Советот за регистрација на архитекти (Architect Registration Board). Во спротивно стекнатата универзитетска квалификација нема да се земе предвид за издавање овластување, т.е. регистрација во Велика Британија. Во вакви случаи кандидатите треба да поминат низ процес на нострификација на унивeрзитетската квалификација од страна на Советот пред да може истата да се земе предвид за издавање на овластување и пред да се пристапи кон полагање на задолжителниот стручен испит. Како резултат на ова Советот има значајна улога и влијание врз дефинирање на наставните програми на универзитетите во доменот на архитектурата.

7

ТИТУЛАТА АРХИТЕКТ Е ЗАШТИТЕНА, НО НЕ И ФУНКЦИЈАТА

Основната функција на Британскиот совет е да се обезбеди дека само стручни лица можат да бидат запишани во нивниот регистар, а преку тоа и да се заштити пошироката јавност во земјата. На овој начин регистрираните архитекти ја имаат клучната улога во создавањето на изградена средина која е безбедна, одржлива и добра за живеење за сите. Со оглед на разликите во системите, не може секогаш да се прават директни споредби помеѓу двата система, но веројатно може да се каже дека одговорноста која доаѓа со регистрацијата е поголема од онаа од овластувањата во Северна Македонија, со оглед дека во Велика Британија нема потреба правниот субјект кој ја обавува дејноста да се стекне со лиценца.  Доволно е правниот субјект да има само еден вработен регистриран архитект кој ќе биде во контрола на архитектонската продукција на правниот субјект за истиот да ја обавува дејноста и во рамките на името на субјектот да го користи зборот архитект. Ова произлегува од британскиот систем според кој титулата на архитектот е заштитена, но не и функцијата.

1

Од надлежностите на Британскиот совет произлегуваат и обврските да ги следи промените во струката и во општеството и да го евалуира својот пристап кон регистрацијата на архитекти за истите да се стекнат со стручност, која е соодветна за периодот во којшто тие делуваат. Оттука, Советот во периодот од 8 февруари до 10 мај оваа година, спроведе јавна консултација за предложените реформи во доменот на образованието и обуката на архитектите во земјата. Оваа консултација претставува кулминација на процесот започнат во 2021 година, а со цел да се дојде до обмислен и информиран предлог кој ќе се поднесе на јавна консултација.

10

ЧЕТИРИ СЕГМЕНТИ НА ОБРАЗОВАНИЕТО

Спроведената јавна консултација се фокусираше на четири сегменти на образованието и на праксата на архитектите:

  1. Промени во правната рамка за образование и обука на архитектите и барање на само две, наместо досегашните три акредитирани квалификации.
  2. Преконцепирање на акредитираните квалификации од Советот врз основа на нови исходи од учењето, базирани на тоа што архитектите навистина можат да направат, наместо тоа што учеле.
  3. Воведување на појасни и поригорозни стандарди за универзитетите и за сите образовни институции коишто нудат акредитирани квалификации од Советот.
  4. Воведување на нов пропорцијален систем за утврдување на квалитетот на квалификациите, базиран на принципите на менаџирањето на ризик, а кој ќе биде надгледуван од страна на новоформиран комитет за акредитација.

3

Доколку се одобрат предлозите, институциите што ќе сакаат да ги акредитираат своите програми ќе треба во јануари 2025 година да ги поднесат барањата за акредитација до новоформираниот комитет, со определба овие нови програми да бидат акредитирани до септември 2025 година, навреме за почетокот на новата академска година.

8

Од аспект на идните архитекти, веројатно најзначајни се првите два сегмента.  Сегашниот систем е базиран на три акредитирани квалификации, и тоа: прв дел кој ги покрива трите години додипломски студии, втор дел на студии кој ги покрива двегодишните постдипломски/магистерски студии и третиот дел кој ја покрива двегодишната стручна пракса и задолжителниот стручен испит. Овој систем е стар над 50 години и се смета за крут систем во кој фокусот е на тоа што идниот архитект учел за време на своето образование и обука.

Oxford_Brookes,_School_of_Architecture

Оттука, новиот систем е конципиран да овозможи поголема флексибилност и иновации, а со цел да им помогне на студентите да се стекнат со потребните знаења и вештини неопходни за справување со новите идни предизвици, вклучително со климатските промени. Новиот пристап исто така, тежнее да ги надмине постојните проблеми сврзани со економските бариери за оние кои сакаат да студираат архитектура, со оглед на високите школарни и на државните универзити и институции од над 10.000 евра за секоја година студии во комбинација со високите животни трошоци, во просек слични на годишната школарина, кои честопати резултираат во високо и долгорочно задолжување на идните архитекти.

9

НАМАЛУВАЊЕ НА БАРИЕРИТЕ, НО НЕ НА СМЕТКА НА КВАЛИТЕТОТ

Според предложеното, влезот во професијата ќе биде отворен за сите оние кои ќе успеат да ги исполнат академските исходи еквивалентни на завршени магистерски студии, и практичните исходи преку стекната квалификација базирана на практично искуство во струката. Со ваквиот пристап ќе се овозможи пристап до професијата не само на оние кои имаат завршено додипломски студии по архитектура, туку и на оние кои студирале нешто друго, но кои до крајот на излезната квалификација на ниво на магистратура ќе ги задоволат предвидените академски исходи.

Акредитираните квалификации ќе треба да бидат конципирани на начин каде фокусот е на она што архитектите ќе можат го да направат, а не како досега на она што го учеле. Исходите од академското образование ќе се фокусираат на пет домени на основни компетенции во струката:

  1. Професионализам и етика
  2. Проектирање
  3. Истражување и евалуација
  4. Контекстуално и архитектонско знаење
  5. Менаџменет, пракса и лидерство

2

Се разбира наведените домени ќе ги опфатат важните аспекти на архитектонска пракса, како што се одржливоста, заштита од пожари, безбедноста и рамноправноста и различноста. Дополнителни информации за предложените промени на образованието на архитектите може да се најдат на веб-страницата на Советот на регистрирани архитекти: https://arb.citizenspace.com/policy-and-communications/tomorrows-architects-arb-consultation/

РАЗЛИЧНИ РЕАКЦИИ ОД СТРУКАТА

Предлозите на Советот на регистрираните архитекти за реформа на постојниот систем за образование и пракса на идните архитекти наидоа на различни реакции од струката. Според Сајмон Олфорд, претседател на Кралскиот институт на британските архитекти, сегашниот предлог се смета за недоволно радикален за да одговори на потребите за трансформација на образовниот систем на архитектите. Според Институтот, определбата за создавање на достапен, разновиден и инклузивен регистар на архитекти, треба да биде базирана на намалување на бариерите, но не на сметка на квалитетот и на потребата да се развиваат алтернативни патеки за влез во струката. Овие треба да вклучат различни модели на обука и пракса, флексибилни можности за вонредно студирање, но и забрзани модели на образование и пракса, каде студентот ќе може да стане архитект во период од пет години наместо од седум како досега. Институтот е загрижен и за предлозите воспоставениот систем со три акредитирани квалификации да се замени само со две. Дополнително стравува дека пропишаните исходи за потребните вештини, компетенции и знаења неопходни за справување со предизвиците на денешницата не се доволно амбициозни. Поради ова, Институтот се залага да продолжи да работи со Советот, струката и со сите други заинтересирани субјекти за да се создаде систем на образовние и обука на архитектите кој одговара на потребите на иднината. Одговорите на Кралскиот институт на британските архитекти за консултација се достапни на: https://arb.citizenspace.com/policy-and-communications/tomorrows-architects-arb-consultation/

6

На струката и на идните архитекти во Велика Британија останува надежта дека во наредниот период делумно спротивставените ставови ќе можат соодветно да се усогласат, за да се дојде до најдобриот можен исход кој ќе овозможи стручност во рамките на професијата, но и одлични исходи во изградената средина.  Дополнително, надежта е дека преку новиот систем можеби ќе се намали финансискиот товар да се стане архитект, но и дека ќе се зголемат економските придобивки да се биде архитект, нешто коешто веќе со децении е со тенденција на континуирано опаѓање.

Испрати коментар

Scroll To Top