Општина Штип пред извесно време го доби одобрението за градење за брана на реката Отиња. Претходно беше добиен и последниот документ за добивање на градежната дозвола за изградба на брана на река Отиња. Последниот од низата документи кои беа потребни е де факто, позитивното мислење од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Во рок од две и пол години Штип подготви основен проект со изработена ревизија, изработена студија за оцена на влијанието врз животната средина, изработен и усвоен детален урбанистички план за брана Отиња. По добивањето на дозволата наесен, најверојатно ќе следува и тендерската постапка од страна на Министерството за транспорт и врски.
Според експертите оваа брана ќе се гради од две до две и пол години, а сè зависи од изведувачот и од временските услови. Експропријација на земјиштето е извршено на круната на браната, а додека експропријацијата на земјиштето во самата брана ќе биде завршена во текот на наредниот период.
“Веќе го имаме и одобрението за градење од Министерството за транспорт и врски. Mакотрпната работа во изминатите две и пол години од страна на Општината, Владата, неколку ресорни министерства, проектантите, инженерите, професорите има конкретен ефект и резултат. Јас на овој проект приоѓам со многу ентузијазам и желба заради тоа што за овој проект вреди да се даде сè од себе, да се потроши многу енергија и време“, вели градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
СОН СТАР 60 ГОДИНИ
Сонот за брана датира уште од пред 60 години. Во одредени периоди, постоеја засилени активности за остварување на овој сон. Во 80-тите години на минатиот век, во Општината постоел и проект за бетонска брана на река Отиња.
Тој проект повеќе години беше заборавен, но во 90 -те години, штипјани од 1992 до 1997 година собираа пари за изградба на брана на реката Козјак. Проектот заглави исто како и собраните пари.
Потоа, се јави повторно желбата да се искористат средствата, но се наиде на пречка, бидејќи тие не се наменети за изградба на брана на Отиња, туку на Козјачка Река. Имаше и референдуми за да се искористат парите од самопридонесот, но досега сите обиди беа неуспешни. Дваесетина години, политичките партии искажуваа добра волја, дури и ставаа свои потписи за консенус, дека заеднички ќе работат на остварување на проектот. Но, за жал, сè остана на таа добра волја. Околу 1,5 милиони евра, останаа на трезорска сметка, без никаква камата, а беа дадени и позајмици на локалните јавни претпријатија во висина од половина милион евра. Тие пари, сè уште не се комплетно вратени назад, па на сметката има околу еден милион евра. Се чинеше, дека средствата ќе останат заробени подолго, а сонот никогаш нема да стане јаве.
Овие средства од самопридонесот се на сметката на Општина Штип. Досега секоја политичка партија пред да дојде на власт говореше дека овие средства ќе бидат искористени, но по неколку месеци на власт сфаќаат дека постапката е тешка за нивно искористување, бидејќи мора да се оди на уште еден референдум, на којшто граѓаните треба да се изјаснат за што би ги искористиле. Немањето на политички консензус е причината што градот Штип досега имаше два неуспешни референдуми за овие пари. Тие пари ни оддалеку не се доволни да се изгради оваа брана и затоа Владата влезе во реализација на овој значаен капитален проект.
На дел од овие пари имаат право и граѓаните на малата рурална Општина Карбинци. Но, додека не се организира референдум за нивна пренамена и Штип и Карбинци може само да сонуваат за нив и да ги гледаат на сметката.
ИНВЕСТИЦИЈА КОЈА ЌЕ ДОНЕСЕ ПОЗИТИВНИ ПРОМЕНИ
Инвестицијата чини точно 7,5 милиони евра, кои ги нема во општинскиот буџет, но затоа пак радува фактот што македонската Влада се нафати да го финансира штипскиот сон. Првите средства пристигнуваат до крајот на годинава, кои се издвоени со ребалансот на буџетот. Општинските служби работат координирано со Министерството за транспорт и врски, и сега со добивањето на градежната дозвола за изградба на браната, можат да почнат и тендерските постапки.
Браната на река Отиња на Штип ќе му донесе промена на климата, заштита од поплави, но и место за рекреација. Населбите Суитлак и Блок 2.000 ќе се поврзат со улица, која ќе поминува по круната на браната, а ова е шанса за развој на овој дел на градот, каде што е предвиден Спортско-рекреативниот центар Суитлак, но и викенд населба.
На почетокот на наредната година се очекува да се видат и првите градежни машини, коишто ќе работат на изградбата на брана на река Отиња. Според проценките на ревизорите кои работат на проектот изградбата би траела две години, а со добар градежен изведувач времето ќе се скрати и за половина година.
БРАНА, ВИКЕНД ЗОНА ЗА КУЌИ, ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ
Според техничката документација, браната на река Отиња ќе зафаќа опфат од 120 хектари, а во него се водното огледало и заштитните зони од минумим 50 метри. Од ЈП „Стипион“-Штип, кое работеше на документацијата велат дека е издвоена и викенд зона, којашто е предвидена во Деталниот урбанистички план. Тоа ќе биде викенд зона за куќи, за домување со ограничени површини, максимални 50 отсто од самата градежна парцела и од приземје и кат.
Просечната висинска разлика, помеѓу планинските сртови и рамнинските предели, по теченијата на реките изнесува 1.300 метри, а средната надморска височина е 250 метри. За полнење на акумулацијата ќе се користат водите од реката Отиња и од нејзиното сливно подрачје. Околу самата брана предвидена е и пешачка патека. Акумулацијата ќе се полни од целото сливно подрачје на Отиња, па се очекува во текот на целата година коритото кое поминува низ централното градско подрачје да не е суво.
Најдлабокиот дел, кај круната на браната ќе биде околу 34 метри или како една зграда на 11 ката, а вкупната количина е три милиони кубни метри. Предвидена е и изградба на мала хидроцентрала, којашто со годините може да ја исплати оваа инвестиција.
Во втората фаза откако ќе почне експропријацијата на одредени имоти, според сегашни проценки, има многу мал дел бесправно изградени објекти, она што ќе биде зафатено во водното огледало и потопено со вода. Бесправните објекти се јавуваат повеќе во заштитната зона на браната. Зоната којашто е на страната на Суитлакот е заштитена од другата страна кон Калдрма, Кошево, Шашаварлија, и таму нема многу објекти.
Надеж за браната Отиња, постои. Но децениското искуство ги направи штипјани песимисти. Со доаѓањето на секоја нова Влада, владее и стравот дека проектот ќе биде напуштен. Економската криза, во моментов состојбата со коронавирусот, но и други непредвидливи фактори, повторно ги плашат штипјани дека проектот ќе остане само на хартија. Но, надежта не умира. Ако Штип издржа 60 години со сонот, сега веќе е на чекор од него.
Убаво би било да побарате повеќе мислења околу проектов, можеби ќе наидете и на нешто поразлични од сервираниве воспеви на “нереализираниот 60-годишен сон”!