Насловна / Архитектура / Идис Турато – креатор на нови светови

Идис Турато – креатор на нови светови

_MG_6999

Идис Турато, архитект од Риека, ја имаше честа со свое предавање да ја затвори минатогодишната Белградска недела на дизајн. Неговото предавање не беше само обично набројување на реализираните објекти и едноставна приказна за архитектурата. Тој ја доживува архитектурата како начин на живот, професија преку која се проткајува и сегашниот општествен поредок во светот и односот на обичниот човек што го користи просторот на една школа за танц.
За „Порта 3“, Идис Турато говори за разликата помеѓу архитектурата во Хрватска и регионот, како е возможно денес да се живее од архитектура, зошто е битно архитектите да влезат во политиката, зошто го смета сегашниот систем софистициран, за што се разговарало во семејството кога бил дете, и како од панкер кој свирел со членовите на бендот LET3 дотурка до посветен архитект.

На што работите моментално?

-Во принцип, јас сум архитект по општа практика, јас не бирам задачи, тие доаѓаат сами. Јас само донесувам одлуки за нивно реализирање. Сега многу работам во туризмот, во Хрватска наредните години многу ќе се развива туризмот. Тоа е една чудна билка, многу деликатна, и мора да имате претпазлив пристап. Но истовремено е многу интересна. Во моментов работам на еден хотел, го завршувам музејот Апоксиомен, работам и на неколку куќи и го привршувам олимпискиот базен во Вуковар. Архитектот мора да има работа. Во моето семејство архитекти беа и татко ми, и чичко ми и дедо ми. Јас не дојдов наивен во професијата, јас умеам заводливо да раскажувам на предавањата зашто сакам да ги мотивирам луѓето, но многу сум рационален. Работата и архитектурата се живот, и тука мораш да бидеш многу присутен. Само проектот те држи, само проектот те презентира и тогаш одиш понатаму. Без проект не постоиш, не си веродостоен. Архитектурата и нејзината реализација е како песна во живо, не можеш да ги заведеш луѓето со лош концерт бидејќи нема да дојдат повторно. Архитектурата бара концентрација и огромна страст. Од друга страна, секоја наша идеја е подложна на некој вид криза, критика, промена, можеме да кажеме дека кризата отсекогаш била темел на нашата работа. Овде не зборувам само за кризата на капиталистичкиот состав и пазар. Ние на таква криза не можеме да влијаеме. Кога архитектот ќе ја добие својата задача, тој мора да биде одговорен кон она што го работи, тоа е универзална одговорност кон луѓето, задачата, парите и довербата, како и кон начинот на живот кој луѓето ќе го живеат во тој простор. Просто е како чевел, не можеш да влезеш со нога во помал број.

dvorana-Krk-592

Концертна сала на островот Крк

Може ли да се живее од архитектура?

-Мора да се живее, архитектурата е непотрошлива, постои ли задача која нам ни е под чест? Дали на луѓето им треба станбен простор? Им треба. Дали на човекот треба да му се среди станбениот простор на 12 кат на Нов Белград? Да, и тоа е архитектура. Не мораме да работиме софистицирани големи стадиони, облакодери, лаб-центри. Прашање е само колку човекот е подготвен да вложува голем труд и од тоа да живее, но од тоа може и мора да се живее, како и од кое било друго занимање. Веројатно лекарите ќе ви кажат дека е криза и дека луѓето сакаат да се лечат сами, адвокатите исто, учителите во школо исто така. Живееме во контрадикторно време кое е многу непредвидливо. Затоа и моето предавање на оваа манифестација беше наречено „Проектирање на непредвидливоста“.

nest-and-cave-house-turato.224

Nest and cave house во Опатија

nest-and-cave-house-turato.227

Дали е ова „крај на историјата“, како што рекол Фукујама?

Би било лесно да е така, и да дојде до катаклизма, но овој систем е многу повеќе софистициран, тој е всушност тешко потрошлив. Ова е еден „big brother“, каде е тешко да се сфати кој навистина владее. Јас мислам дека и Бил Гејтс се буди наутро со некој вид стрес. Мислам дека и Цукербергер живее во нестабилен систем. Прашање е колку го предвидел ваквиот развој. Тој само сака составот да функционира, и презема сè за да биде така. Па така, сите, повеќе или помалку, заради лична параноја преземаат сè што е во нивна моќ за да функционира нивниот состав. Архитектот не може да мисли за работи врз кои не може да влијае. Живеам во типично време на „тековна модерност“, каде локалната политика многу малку може да влијае врз глобалните текови на капиталот, медиумите и надзорот. Јас сум човек роден во Риека и имам радиус на дејствување „ex-Yu“, и тоа е мојот локален хабитус, а тоа во некоја рака е одлично. Во тие рамки дејствувам. Ние живееме во шизофренично и силно подвоено време.vrtic-krk3

Градинка на островот Крк

Кои се најголемите проблеми со кои се среќавате во архитектурата?

Проблемот е што луѓето многу брзо се заморуваат и немаат желба за непознато, тоа можат да бидат моите колеги или клиенти. Ми пречи што сакаат да живеат предвидливо, но тоа се всушност човечки карактеристики.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Градинка на островот Крк

Каква е архитектонската состојба во Хрватска и во регионот?

Мојот почеток беше полесен бидејќи доаѓам од архитектонско семејство. Јас бев упатен во сè што е работа на архитектот. Знаев кои проблеми ги има татко ми, па така и можев да знам дека поинаку ќе ги работам одредените работи. Во деведесеттите години, колку и да беше хаос, всушност, беше подобро отколку сега. Луѓето денес во криза имаат и повеќе пари и повеќе можности, но кризата е многу подлабока бидејќи нема светло на крајот од тунелот. Тоа беше премин од една во друга состојба, но некаде далеку постоеше сонце на хоризонтот. Тоа се случува во секоја смисла, сите го прегрнавме капитализмот. Во Хрватска, релативно млади луѓе ги заземаа битните позиции во Друштвото на архитекти, во Комората на архитекти, организирани се многу конкурси кои ја извлекоа на сцена најмладата гарнитура на архитекти. Влијателни луѓе кои беа во жири-комисиите му дадоа шанса на добриот проект а не на својот пријател. Таа општествена околност овозможи да се профилираат триесетина архитекти. Тоа е голема работа, која овде во Србија, колку гледам, не се случила. Јас мислам дека е можно тоа да се случи бидејќи секое место бара архитект, само е прашање дали човек има сила да истрае во тоа. Немојте да мислите дека Крк е софистицирана надреална средина каде луѓето лебдат 20 сантиметри над подот. Тоа се истите луѓе како и овде. Некои луѓе имаат доверба во архитектите, и таа доверба се таложи. Тогаш не смееш да ги изневериш луѓето, и потоа работите сами одат. Не смее да се направи грешка, не смее да се биде нечесен, едноставно, тоа е така.

aula ivana pavla 2aula ivana pavla a4

Аула Јован Павле II

Што е архитектура, како би ја дефинирале?

Тоа е всушност една преубава струка која ти овозможува да добиваш доверба од луѓето и да креираш нови светови, таа ги смирува сите контрадикторности. Ние имаме огромна власт, нам луѓето ни доверуваат нешто виртуелно, тоа се нечии мисли и цртежи кои ние ги претопуваме во мермер, камен, во физички објекти. Тоа е многу страствена, реална и многу влијателна струка. На некој начин, тоа е создавање на рамка за да се случи некоја акција, како во проектот на школата во Пула каде луѓето доаѓаат да играат. Тоа е создавање на рамка за живот, тоа е универзално бидејќи луѓето секогаш ќе користат такви простори.

Што е иднината на архитектурата?

Исто што работела низ векови, создавала рамки на општеството. Таа е некој вид совест и просторна контрола, некој вид просторен ред. Колку се подобри архитектите и луѓето што го користат толку е и подобар просторот. Просторот е онаков какви сме и ние. Швајцарија не е таква бидејќи таму се Herzog&De Meuron и тие проектираат, а тие се плод на општеството што изнедрило такви луѓе. Холандија е многу среден систем, земја со можеби највисоки нивоа на дизајн и уредување. Тие живеат доцен капитализам. Во таа земја се чувствувам многу нормално. Тоа е работа на култура на народот, а можеш и својата територија да ја средиш за да ти биде подобро. Ние живееме во простор на силен дисконтинуитет, историски митови, и тоа е лоша работа. Кога ги менувате работите на секои триесет години, тоа е лошо. Градот, дали е капиталистички, социјалистички или феудален, си е град. Колку ќе го уредиш својот град зависи од луѓето што живеат во него. Верувам дека архитектите повторно се школуваат според митот дека тие се супервладари, не сфаќајќи дека се само едно коло во општеството, и можат да дадат само еден скромен придонес за нештата да бидат подобри. Ние не го менуваме светот, а воспитувани сме на митовите за супер-архитекти. Ле Корбизје не го изменил светот директно, иако ја имал сета моќ, бил само многу влијателен. Рем Колхас не го променил светот, но исто бил многу влијателен. Архитектот може да биде влијателен на интелектуално ниво, на концептуален план, да го мотивира мноштвото, да зарази многу колеки, но од самиот него не зависи многу.gumno-house-turato.0083 gumno-house-turato.0071

„Гумно хаус“ на островот Крк

Имате ли други интереси, нешто со кое се занимавате кога не сте архитект?

Немам, архитектурата е преубава и можеш секогаш да ја живееш. Таа не ме заморува. Јас сум професор, го имам здружението „Клуб на љубители на врева“ и проектирам. Јас ги исполнувам сите свои емоции низ архитектурата, и заради тоа архитектурата е непотрошлива. Кога ја сфаќаш архитектурата како работа тогаш настанува проблем, јас живеам архитектура, тоа е возбудливо како и филмот што може да биде тажен, возбудлив, успешен и неуспешен. Постои лош крај и среќен крај. Некогаш свирев бас гитара со некои членови на бендот Лет3. Методите на работа од бендот ги применив во архитектонското биро. Кога четворица седат и некој донесе тема, тогаш таа тема одлично се модификува. Некој ќе донесе идеја која ќе стане хит, а некогаш не се знае што е почеток а што е крај. Паралелата помеѓу музиката и архитектурата многу ми е важна.

Кога сфативте дека ќе бидете архитект?

Многу рано, иако мошне доцна одлучив за тоа, дури после отслужување на воениот рок, кога имав 25 години. Прво запишав градежништво, па потоа отидов на архитектура. Јас подоцна созреав бидејќи се занимавав со музика. Имав поддршка од семејството, тие ми дозволија да бидам тоа што сум. Кај мене дома со ноќи се зборуваше за архитектура. Мене тоа ме фасцинираше, емоцијата и страста што ја имаа, и со тоа бев заразен како дете.

Каков бевте како студент?

Бев амбициозен, запишав архитектура во Загреб, каде доживеав транформација од неартикулиран панкер до архитект кој е многу фокусиран, јас ги сакав студиите. Признавам, јас сум искрен вљубеник во архитектурата, јас тоа навистина го сакам. Ако ми ја земат архитектурата, би се пропил.gumno-house-turato.0011

gumno-house-turato.0111

„Гумно хаус“ на островот Крк

Кој е советот за младите архитекти?

Треба да се биде страствен, фокусиран и да се разбере дека архитектурата има низа слоеви. Ова со кое се занимавам е еден мал дел од архитектурата. Архитектот може да биде во локалната самоуправа или во политиката. Верувам дека архитектите мора да бидат во политиката, да сфатат дека таму се донесуваат многу важни одлуки. Секако, можат да станат и жртви на тоа, јас сум жртва на своето проектирање. Архитектурата е непотрошлива во низа слоеви, најлоша работа е да мислат за себе дека се „star-architect“, тоа е привид на доцниот капитализам каде секој мисли дека е ѕвезда, а всушност си многу кревок и лесно кршлив. Да се сфатиш и да се пронајдеш себеси во конкретното дејствување. Некој може да биде склон кон ентериери, некој кон просторно планирање, некој кон конструкции, некој кон политика а некој кон едукација. Јас комбинирам, но тоа понекогаш може да е шизофренично. Да се занимаваш со теорија и практика е тешко но многу заводливо. Теоријата е преубаво слободна, а практиката е ужасно прагматична. Секоја идеја која ќе оживее во вид на зграда се менува и расте, а тоа знае да биде болно. Многу паметни луѓе се плашат од градба, а некој што владее со градбата ја презира теоријата. Јас сакам да ја тестирам конкретната реалност со мислите, ја преиспитувам теоријата градејќи.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top