Долго време дрвото се користи како основен градежен материјал во многу земји. Посебно во земјите каде дрвото изобилува како суровина, се користи често за изградба на фамилијарни куќи, како и на станбени згради, луксузни хациенди и друго.
Како главни предности за избор на овој градежен материјал се издвојуваат: брзината на градба, материјал од обновлив и еколошки извор, помала енергија и помалку загадување на околината во производството на материјалот во однос на други градежни материјали, одлични перформанси во трусни подрачја и друго. Но, еден од најчестите аргументи кој се употребува против дрвото е противпожарната заштита. Не постои градба која е целосно огноотпорна, но изборот на материјалите можат значително да го подобрат безбедносниот фактор.
Статистиките од Северна Америка и други земји, каде се употребува дрвото како градежен материјал, покажуваат дека најчестите причини за смрт кај пожари е всушност вдишувањето на отровни гасови, што се случува многу пред колапсот на конструктивните елементи.
Огромниот број на пожари што започнуваат од небрежност на луѓето (готвење, пожар настанат од цигара…), само докажува дека луѓето се безбедни во куќа од дрво исто толку колку што се безбедни во куќа од кој било друг градежен материјал. Истражувањата, исто така, покажуваат дека безбедноста во куќите многу малку зависат од запаливоста на конструктивните елементи, а многу повеќе од нивото на свеста на луѓето што живеат во неа, елементите што се наоѓаат во куќата, противпожарната заштита предвидена во процесот на проектирање и друго.
Главни противпожарни услови кои треба да се запазат при проектирање се:
– Да се ограничи ширењето на пожарот од местото на избивање, и да се предвиди издржливост на конструкцијата во периодот на евакуација;
– Да се предвиди прооден излез за евакуација на луѓето;
– Да се овозможи безбедна и лесна акција на противпожарните служби.
Дрвото се запалува на 350 степени Целзиусови, а времето за запалување на дрвото зависи од густината и тврдоста на дрвниот вид. Веднаш по запалувањето на дрвото се формира изгорен јагленисан слој кој го забавува топлинскиот пренос во подлабокиот слој на дрвото, заштитувајќи го внатрешниот дел. Во зависност од дрвниот вид, брзината на горење на дрвото е 0,5-1,0мм/мин. Во пропишанте Европски стандарди за дрвни конструкции е забележано дека во случај на пожар конструкцијата не смее да колабира во одреден временски период за да може да се евакуираат луѓето и животните.
Така, во зависност од типот на градбата (семејна куќа, станбена зграда, јавна градба), пропишаните стандарди велат дека кострукцијата треба да издржи 30, 60, 90 и 120 минути. Исто така во стандардите се внимава и на близината помеѓу две градби, запаливоста на фасадите и отворите (прозорци и врати) на критичните ѕидови. Ова подразбира пропишани димензии помеѓу две куќи, рестрикции во однос на материјалите употребени за фасадата и друго. Но, без разлика на метеријалите што се употребуваат во градбата, електричните инсталации и грејните тела мораат да се проектираат, инсталираат и одржуваат строго по пропишаните стандарди. Во мали повеќефамилијарни градби, носечките и преградните ѕидови, како и меѓукатните конструкции и крововите, се проектирани да овозможат одредени противпожарни карактеристики според пропишаните стандарди.
Гипсените плочи кои се монтираат на дрвната конструкција се достапни во повеќе дебелини. Дебелината на гипсените плочи има влијание врз брзината на проширување на пожарот. Како огноотпорна материја, гипсот апсорбира голем дел од топлината што се развива при пожар и не дозволува пожарот да се прошири брзо на дрвените конструктивни елементи. Доколку во слоевите на ѕидот има шперплоча или ОСБ плоча, заедно со гипсените плочи се додава дополнителни пет до десет минути на целокупната отпорност во случај на пожар. Нема значителна разлика помеѓу шперплочата и ОСБ плочата. Челикот како градежен материјал е огноотпорен, но може брзо да ја загуби својата јакост на високи температури, така што и тој треба да се заштити во градбата, најчесто со гипсени плочи.
Како заштита во изградените објекти најчесто се применува алармен систем со детектор за чад во комбинација со прскачи, кои се монтираат на таваните во просториите. Статистиката во Канада вели дека 80% од пожарите што се случуваат во објектите изградени од дрво се локализираат на одреден простор од местото на избивање на пожарот. Додека кај останатите, кога се развива голем пожар во објектот, жителите се веќе излезени пред развивањето на пожарот.