Јавниот простор, исто како и живите суштества, се раѓа, живее и на крај умира. Така, некој простор живее поквалитетно, поисполнето, еколошки почисто, но некој е со незадоволителни елементи на егзистенција. Во таа смисла, јавниот простор треба да се негува, одржува и осмисли, со цел самиот да егзистира во подолгорочен период.
За разлика од живите организми, кај јавните простори има можност за повторно раѓање. Секако, како граѓански одговорни лица, не смееме да дозволиме јавниот простор да замре, од наједноставна причина што тие ЗАЕДНИЧКИ ПРОСТОРИ НАМ ни припаѓаат. Токму поради тоа, овој текст е посветен на можни интервенции во јавниот отворен простор.
Главни параметри кои би требало да бидат приоритет на градскиот архитект на Скопје во функција на зголемување на квалитетот на јавниот простор на подолг рок:
I – ФУНКЦИЈА
Проектни интрвенции за усовршување на употребната вредност на јавниот простор.
II – ЕСТЕТИКА
Подобрување на урбаната слика и естетика на јавниот простор.
III – БЕЗБЕДНОСТ
Обезбедување на непречен проток на луѓе и овозможување на безбеден простор.
IV – ПОВРЗУВАЊЕ
Поквалитетна пристапност во јавниот отворен простор и поквалитетна собраќајна поврзаност во рамките на истиот простор.
V – ЈАВНИ НАСТАНИ
Овозможување на постојана фреквентност на јавниот простор и центрите.
Квалитативното рангирање во однос на приоритетите во центрите е грубо издвојување на нешто што во практиката не би требало или смеело да биде разделно. Овие пет приоритети во целите на развој на центрите се неделиви, нераскинливи и се зависни едни од други. Затоа апелираме кон почитување на рангирањето, но без исклучување на која било од целите. Само така ќе се дојде до квалитетен јавен простор, кој може да биде центар.
Функцијата, естетиката, комфорот, безбедноста, одржувањето на јавни настани и поврзувањето со соседството и останатите центри, се основните цели кои треба да претставуваат водилка при планирањето на градот Скопје. Без оптимален јавен простор не е возможно функционирање на вкупниот изграден и неизграден градски простор. Квалитетно обмислениот и долгорочно проектиран јавен простор ќе овозможи непречен развој на целиот град. Сите овие цели, потребно е да се применат во постоечките центри, но и во потенцијалните нови центри, кои би овозможиле демагнетизација на централниот пол на градот.
Петтостепената хиерархија на архитектот Бранко Максимовиќ, пресликана на скопската урбана мрежа, само го акцентира недоволно развиениот систем на градски центри. Имено, второстепените центри или воопшто ги нема или се многу малку развиени. Петтостепените центри, исто така, се маргинализирани и недоволно обмислени во просторна смисла. Ваквото непостоење и недоволна оформеност на центри, само го оптоварува епицентарот на градот, а останатите делови од градот се принудени да ги користат услугите на соседните или подалечните центри. Во една применлива смисла се издвојуваат четири одредници, четири конкретни интервенции во јавниот простор на градот, со цел да се овозможи еден континуиран урбан развој на македонската метропола.
Формирање на нови центри од петти степен
При формирањето на новите центри од петти степен е потребно да се интервенира во приградските скопски населби: Ѓорче Петров 2, Драчево, Хиподром, Волково, Бардовци, Визбегово и Радишани со цел да гравитираат кон новите центри.
Овие центри треба да содржат активности потребни за локалното население, за целокупното градско население, како и за граѓаните од соседните градови. За таа цел, се предвидува скопската обиколница да обезбеди квалитетно поврзување со останатите градски центри. Формирањето на центри од петти степен ќе овозможи скопската обиколница да биде сервис за граѓаните на Скопје, а не само транзитна магистрала за оние што го преминуваат главниот град од една до друга страна.
Создавање нови центри од втор степен
Создавање на нови центри од втор степен на местото на постоечките индустриски капацитети и фабрики кои се лоцирани во непосредна близина на централното јадро на градот.
При растењето на Скопје, одредени индустриски капацитети кои во минатото биле дел од предградието на метрополата, денес стануваат дел од градот. За таа цел е потребна пренамена на овие капацитети во: културни центри, парковско-забавни центри, трговски центри, општествени објекти. Примери за вакви актуелни индустриски комплекси се: Треска, Охис, Алумина, Цементарница, Тутунски комбинат и други.
Формирање на нови пешачки оски долж примарната инфраструктурна градска мрежа
• Формирање на нова пешачка оска долж јужниот булевар од оската што се протега од населбата Хром до Музеј на град Скопје и формирање на пешачко-рекреативно- културно-забавна патека во една издолжена зелена зона.
• Нова пешачка оска долж булеварот Трета македонска бригада и формирање на нова зелена оска од Населба Лисече до Олимписки базен.
• Поставување на нова пешачка зона која ќе ја поврзе населбата Автокоманда со централното гратско подрачје преку една пешачка патека одделена од автомобилскиот сообраќај.
Додефинирање на постоечки пешачки зони и нивна јасна сигнализација
• Додефинирање на постоечките пешачки зони како што се потегот од Стара железничка станица (улица Македонија), Камениот Мост, чаршијата завршувајќи со Бит-пазар
• Двете страни од кејот на реката Вардар. Истовремено е потребно да се воспостави и континуитет на овие зони со исти такви зони по структура од соседството.