Како идеално решение за високите летни температури, какви што моментално владеат, го претставуваме проектот наречен Thyta House, завршен минатата година на грчкиот остров Лефкада според проектот на LASSA Architects.
Куќата се протега долж планински пејзаж покриен со диви растенија и маслинови дрвја, а замислена е како приморско засолништее со елипсовидна силуета која ги дефинира заедничките простори, додека спалните соби се интегрирани во топографијата на горниот кат.
Проектот е реализиран на начин да се стопува во пејзажот, создавајќи серија од преклопувачки волумени кои го намалуваат визуелното влијание гледано од море. Куќата се протега линеарно на две нивоа, следејќи ја кривината на планината.
Окулуси на кровот опкружени со маслинови дрвја
Како што објаснија од студиото со канцеларии во Лондон, Брисел и Грција, елиптичната дневна соба се одвојува од падината, формирајќи изолирана дворна градина која дава сенка и ги нагласува погледите на планината и небото.
„Кровот на куќата е прободен со два окулуса кои ги опкружуваат маслиновите дрвја, а пергола без столбови ја проширува областа во сенка, а во исто време го врамува погледот на морето“, изјавија архитектите за Designboom.
Проектот беспрекорно ги проширува внатрешните простори во различни простори за живеење на отворено, вклучувајќи тераси, лоѓија, подрачје на базенот и двор.
Пространата дневна соба и кујната, проектирани се како проѕирен павилјон, се отвораат на сите страни.
На горниот кат, ходник ја поврзува родителската соба со две спални соби со поглед на горната градина и елипсовидната кровна тераса.
На долното ниво се наоѓа и студио во еден од камените ѕидови кои го структурираат пејзажот.
Засадени кровови како термална маса
Кровната градина обезбедува заштита од директна сончева светлина и прекумерна топлина во текот на денот, додека отворениот дизајн на дневната соба овозможува природна вентилација со помош на северниот ветер во текот на вечерта.
Настрешниците ја штитат фасадата од директна сончева светлина, а засадените кровови делуваат како термална маса, намалувајќи ја потребата за ладење и греење.
Обликувањето на куќата користи палета на неутрални бои со нијанси на сина, сива и зелена за адекватно да се вклопува во околината.
За изработка на конструкцијата користени се елементи на оплата сечени со CNC вон локацијата, а проектирани и составени од LASSA Architects, што ги намалило трошоците, а успеало да се прилагоди на специфичните градежни ограничувања.
Градината содржи автохтона крајбрежна вегетација која бара минимално наводнување, вклучувајќи две маслинови дрвја, грмушки и мали ароматични градини и на овој начин придонесува за сетилно искуство.