Минатата недела, во рамки на "Јавна соба" беше одржана промоција на
проектот за веб апликацијата "Скопје расте", на која беше отворена и
панел дискусија на истата тема. На дискусијата учествуваа Неда
Коруновска Аврамовска – Реактор, Скопје; Ристо Аврамовски – Архитектри,
Скопје; Слободан Велевски – Архитектонски факултет, Скопје; Дамјан
Цингарски – Општина Центар, Драган Крстевски – Прва Архи Бригада,
Скопје; Иван Мирковски – Американ колеџ, Скопје и Дејан Ивановски –
Архитектри, Скопје.
Учесниците како активни конзументи на овој сегмент од градот разговараа за актуелните проблеми со кои се соочува истиот. Веб апликацијата хронолошки го опфаќа периодот од 1990 до 2020 година, каде што промените на урбаниот опфат се најголеми и најдрастични. Особено во регионот што ги опфаќа Дебар Маало и Буњаковец, како делови и сегменти кои се во поодмината фаза на процесот на спроведување на плановите од 1991 година па до денес, во смисла на постигнувањето на зацртаната густина и станбен капацитет. Дали оваа формула за згуснување и проширување на постоечките станбени капацитети која галопира во последниве години може да биде апликативна и за други делови на Скопје, со различна урбана типологија, со оглед на тоа што контекстот, потребите и моќта на учесниците да дејствуваат во процесот се со различен интензитет или сооднос? Во последните две децении, од една доволна временска дистанца, можеме да говориме за растежот и драстичната промена на градските четврти во Скопје, но и сликата за градот како целина.
Потребата за градење нови станбени единици и проширување на постоечките станбени блокови, или зони со индивидуално домување кои гравитираат близу до самиот центар на градот или во него, создадоа ‘модел за раст’, односно формула со која градските четврти како Дебар Маало и Буњаковец ја зголемија својата густина повеќекратно. Општините, инвеститорите и корисниците/граѓаните, како главни чинители на ‘моделот на раст’ излегуваат како задоволна страна од овој ‘компромис’ со градот, оставајќи отворени прашања и проблеми, кои се со долгорочни ефекти врз новата урбана слика за овој дел на Скопје. Проектот "Скопје расте" е интернет- платформа/апликација која се занимава со прикажување и анализирање на градските четврти Дебар Маало и Буњаковец низ неколку елементарни и хронолошки параметри за тоа што се случува со СТАНБЕНАТА СТРУКТУРА, како таа расте, односно дали се проширува или згуснува, потоа ПАРКИРАЊЕТО како реакција на зголемениот број станбени единици, и секако ЗЕЛЕНИЛОТО како параметар кој едноставно исчезнува во рамките на оваа урбана целина. Исто така се поставува и прашањето кои се тие алтернативи што ги нуди ДУП-от и како се справува со истиот проблем?
Апликацијата користи информации од деталните урбанистички планови, катастарски подлоги, и фактичката состојба на терен, со цел максимално доближување на граѓаните во процесот на проектирање, односно создавање параметри по кои еден град треба да се проектира и да се гради. Отвореноста на софтверот за надоградување на базата на информации е можност платформата да биде модел врз кој ќе се изведуваат основни урбанистички аналитички методи, на визуелен јазик кој тежнее да биде разбирлив подеднакво за граѓаните и за стручната јавност. Оваа платформа на некој начин се обидува да влијае на микро ниво, како информативна и едукативна каписла, која ќе поттикне вклучување на оние субјекти кои претходно биле пасивни.
Останува прашањето дали оваа апликација може да биде некаква подлога за собирање на информации, кои ќе овозможат доближување на корисниците/граѓаните во создавање на еден град. Привремена веб адреса на апликацијата Скопје Расте е: advocacy.reactororg.webfactional.com
Анастасија Николовска