Насловна / Архитектура / Предавање на познатиот архитект Марио Бота

Предавање на познатиот архитект Марио Бота

mario-bota-thumb.jpgВо презентацијата на
своите грандиозни
дела пред присутните
во „Холидеј Ин“ во
Скопје, Бота покажа
дека неговите
остварувања имаат
силно чувство на
геометрија, што
често се базира
на едноставни
форми кои
создаваат уникатна
просторност.

Светски познатиот архитект
Марио Бота, во Скопје и
воТетово одржа предавања
за своите архитектонски
остварувања и за архитектурата
воопшто. Швајцарската амбасада
во Македонија во соработка
со Архитектонскиот факултет
при Универзитетот „Св. Кирил и
Методиј” од Скопје и Државниот
универзитет од Тетово, го
организираа гостувањето на ова
истакнато име од меѓународната
архитектонска сцена, кој зад себе
има оставено многу восхитувачки
дела. Во презентацијата на
неговите реализации пред
македонските архитекти и студенти,
и останатите присутни гости,
покажа дека неговите решенија
имаат тенденција да вклучат силно
чувство на геометрија, што често
се базираат на многу едноставни
форми, но сепак создаваат
уникатен обем на просторот.
Делата на Бота оддаваат
карактеристична почит кон
топографските услови и
сензибилитетот на самиот регион
во кои се сместени, а неговите
дизајни генерално ја нагласуваат
изработката и геометрискиот
ред. Како архитект се обидува
да го претопи традиционалниот
архитектонски симболизам со
естетските правила на модернизмот.


Елементи кои се
повторуваат

За овој архитектонски великан,
најважната работа за еден архитект
е да зборува преку неговата
архитектура. „Мојот учител Луис
Кан велеше дека архитектурата
не постои, туку тоа што постои е
архитектонското дело. Пред вас
се обидувам да покажам изведени
дела, токму затоа што сметам
дека изведеното архитектонско
дело зборува најдобро за себе
и претставува одраз не само на
архитектурата туку и на архитектот
како социјално битие. Архитектот
и неговото дело претставуваат
одраз на општеството, историјата
и воопшто на целото живеење“,
потенцираше Бота на своето
прво предавање во преполната
сала на „Холидеј Ин“ во Скопје.
Во презентацијата на неговите
дела, присутните студенти
забележаа дека елементите и
формите што тој ги употребува,
даваат чувство на постојаност,
како нешто да е започнато, а не е
довршено. Тој на ваквата забелешка
даде објаснување дека во неговите
објекти има еден почеток, а потоа
има одредени елементи кои се
повторуваат, и на тој начин се
создава смислата за една целина,
која е постојана и единствена.
Елементите што се повторуваат
стануваат еден вид слој.
Архитектурата, според него, има
потреба да вибрира под светлото и
затоа на еден нов голем елемент,
по него се наоѓаат помалите
елементи кои се повторуваат.
Во неговите изградени објекти
се забележуваат два елемента
кои се провлекуваат низ сите
објекти. Едниот е линијата на
бесконечноста, а другиот е кругот,
односно пресечениот цилиндар
кој потсетува на аурата на
ореолите што ги имаат светците,
со што се добива впечаток дека
Бота на сите своите објекти
им дава светост и големина.

Современа архитектура
На прашањето од публиката
дали кругот што претставува
еден вид завршница на објектот
го истакнува главното дејство во
еден објект, Бота одговори дека
во градењето на своите објекти
користи примарни основни форми,
затоа што архитектонските дела
треба да бидат лесно разбирливи.
„Човекот живее кога има можност
да се ориентира во просторот.
Јас мислам дека квалитетот на
живеењето се одразува преку
лесното снаоѓање во просторот и
распознавањето на сето она што
не опкружува. Големите и познати
архитектури од минатото секогаш
биле препознатливи и разбирливи.
Разбирливоста на објектите нè
прави посигурни и ние имаме право
да се чувствуваме сигурни. mario-bota-1.jpgВо
современата архитектура ова не е
секогаш возможно, бидејќи кога
влегувам во некој голем супермаркет
или трговски центар не ми е
секогаш лесно да се ориентирам.
Современата архитектура е еден вид
на лавиринт и во него се движиме
бидејќи има стрелки и знаци, а самата архитектура не е така
поставена за да ни овозможи
да го осознаеме просторот и
да можеме да се движиме низ
него“, вели Бота. „Затоа секогаш
кога можам, јас се обидувам да
градам со едноставни форми
за да може корисникот да го
согледа објектот. Кога кругот е
претворен во простор станува
цилиндар и создава магичен
простор. Во еден цилиндричен
простор нашиот мозок успева
да разбере што се случува зад
нас, бидејќи ја чувствуваме
кривината што оди зад нас и
го чувствуваме целиот простор
во кој се чувствуваме сигурни,
јасно го познаваме и можеме да
се опуштиме. Јас долги години
работам вака, иако понекогаш
е многу тешко да се работи во
простор каде што има само
една вертикална оска. Со овој
простор посетителот природно
се чувствува поврзан со земјата
и небото. За еден архитект
тоа претставува еден магичен
објект и многу убава форма“,
констатира славниот архитект.


СВЕТЛИНА
Специфично за неговите објекти
и простори е внатрешната
светлина. За Бота, светлината
претставува вистински генератор
на просторот, и без неа нема
простор. Ако светлото го создава
просторот, значи светлото
го претставува елементот за
архитектот. За да и даде јачина
на светлината, тој работи со
геометријата, со одредени
материјали, а понекогаш и со
симетричноста, бидејќи таа му
дава рамнотежа во рамките на
одреден простор. mario-bota-2.jpgКога може,
работи со зениталното светло,
бидејќи во рамките на просторот
му дава богатство на просторот
од 24-часовниот сончев циклус.
„Светлината за архитектот
е вистински инструмент за
работа, и затоа се трудам да
работам со едноставни форми,
бидејќи во нив полесно можам
да ја контролирам светлината и
користам различни материјали
со кои го изразувам светлото.
Архитектот Луис Кан, со кој
имав среќа да работам, ја
употребуваше светлината за да
создава простор“. На крајот,
Марио Бота на студентите им
порача дека изградбата на
Скопје, како град настрадан
од земјотрес и чија цел е да
продолжи да расте и да се
развива, треба да биде силна
стимулација за нив. Исто
така, студентите ги охрабри
да не се заплашуваат од
економската криза бидејќи
иднината е на нивна страна.
„Се додека постои, човекот
има потреба од куќа“, истакна
светскиот архитект.

ПРИЗНАНИЈА
Марио Бота е роден во 1943
година во швајцарското
гратче Мендрисио. Студирал
архитектура во Милано и
Венеција, а првиот објект го
проектирал на само 16 години.
Големо влијание врз него има
архитектурата на големите
архитектонски имиња Ле
Корбизје, Карло Скарпа и Луис
Кан. Во 1970 година, тој ја
отвора неговата канцеларија во
Лугано, Швајцарија. Добитник
е на голем број меѓународни
награди, почесен доктор е на
повеќе академии и институции,
и е автор на голем број
публикации. mario-bota-3.jpgМеѓу неговите
позначајни дела се вбројуваат
музеите на современа уметност
во Сан Франциско и Шарлот,
зградата на Националната
банка во Грција, синагогата и
еврејскиот културен центар во
Универзитетот во Тел Авив…
Бота градел исклучиво во
Швајцарија во периодот
на почетоците на неговата
кариера. Од втората половина
на 70-тите години од минатиот
век, неговите куќи станале
класични според планот и
вертикалната проекција.
Во 1980 година се пробива
на меѓународната сцена со
дизајнот на Музејот на Модерна
Уметност во Сан Франциско,
Калифорнија, а се смета за
еден од најпознатите архитекти
во светот за цркви и музеи.
Тој го користи јазикот на
просторот, светлината и
геометријата за да комуницира
со неговата публика, а како
што велат од Кралската
Академија во Лондон креира
„простор на поезија“.

 

Весна Костовска

Испрати коментар

Scroll To Top