Насловна / Градежништво / Прва куќа од контејнери во Штип

Прва куќа од контејнери во Штип

kuka_od_kontejneri_thumb.jpgКонтејнерите припаѓаат на
групата модуларни објекти.
Се нарекуваат и станбени,
затоа што имаат иста намена како
и станбените објекти. Во светот се
користат уште од средината на
80-тите, а денес поголемите
западни држави дури и
субвенционираат доколку се
одлучите да направите ваков дом.
Причина за тоа е што физичкото
уништување (топење) на еден
метален карго контејнер чини
многу повеќе, и пред сè ја загадува
животната средина.

Поучен
од светското искуство, Влатко
Зејтиников од Штип почна со
конструкција на куќа од стари
бродски контејнери. Прв е во
Штип, а можеби и во Македонија.
Станбениот контејнер е со
димензии 12,2м х 2,6м х 2,4м.
Основната конструкција му е
челична рамка која ги следи
правоаголните облини, а во
самата рамка се вградени подни,
ѕидни и кровни облоги. На врвот
и на дното од конструкцијата се
наоѓаат отвори за закачување и
товарање на контејнерите.

 

kuka_od_kontejneri.jpgСо спојувањето на два или повеќе контејнери можат да се изградат комплексни и атрактивни објекти. Бидејќи конструкцијата е веќе готова, се заштедува на време во изградбата и квалитетот на објектот. Поради преголемата застапеност на стари контејнери кои би требало да подлежат на рециклирање, достапноста и исплатливоста за нивна набавка е повеќе од очекувана. За набавка на еден контејнер, во зависност од оддалеченоста на земјата во која се наоѓа, потребни се од 800 до 1500 евра.

 

Станува збор за модулар (карабин) од 30м². Значи, за 1м² цената е просечно 35 евра. Оваа цена е за 65 отсто пониска од цената за класична бетонска градба. Пред да се впушти во оваа еко- авантура, Зејтиников истражувал и дошол до интересни податоци. При бетонската градба, емисијата на СО2 е 900 кг на еден тон бетон.

 

За просечна куќа од 200 м² изградена со бетон и цигла се потребни 35 тони бетон, 70 тони песок, 120 тони цигла, 10 тони железо и пет тони дрвена граѓа. Емисијата на СО2 при градењето на оваа куќа би била 31 тон од бетонот, околу 15 тони од циглата, 11 тони од железото – вкупно 56 тони емисија на СО2. Во споредба со оваа градба, при градењето со контејнери, немаме емисија на СО2, бидејќи станува збор за веќе користени контејнери подготвени за рециклирање.

 

Зејтиников почнал да ја гради куќата пред повеќе од три месеци. Куќата се наоѓа во месноста Пребег, на парцела со површина од 1.334 м², наменета за индивидуално живеалиште. Градбата е започната со фундамент со носечки столбови за контејнерите. Долниот простор е планиран за гаражно место и подрумски простории и зафаќа површина од 88 м² во основа, а контејнерскиот дел составен од три контејнери е со површина од 100 м², додека вкупната зафатнина на куќата е 150 м². Преостанатиот дел од парцелата е предвиден за зелена површина. Една од движечките сили, која го натерала Зејтиников да направи ваква куќа е токму еко компонентата. Освен тоа, за малку пари и кратко време, ќе добие одличен дом со добра изолација и перфектни услови за живот. Впрочем, ако ги посетите веб сајтовите на интернет кои нудат идеи за уредување на вакви домови, ќе бидете изненадени до каде оди човековата фантазија.

 

 ИСТОРИЈА НА КОНТЕЈНЕР ДОМОВИТЕ

 

  Првата куќа изградена од контејнери е направена во САД во 1985 година. Оваа конструкција од 3 контејнери од по 6 метри е патентирана како уникатна градба од таков тип. Првото масовно живеалиште – населба, е конструирано во Заливската војна во 1991 год. од страна на американската војска. При изградбата се користени контејнери кои се покажале нè само погодни за живеење, туку и отпорни на куршуми. Во 2002 год. во Англија е изграден Container City. Градбата траела 8 дена, употребени се 30 контејнери, изградени се 22 простории. Просторот е искористен за живеалишта и работни простории. Се наоѓа во Лондон, Trinity Buoy Wharf. Во 2004 година во Холандија е изграден студентски дом од контејнери. Оваа градба има добиено награда за еколошка револуционерна конструкција. Контејнери се користени и за изградба на училишта, детски градинки, хотели и друго.

 

Сето ова докажува дека градбата од контејнери е погодна за живеење исто како и бетонската градба, па дури и нуди соодветни погодности. Контејнерската градба е поцврста и поиздржлива од класичната градба. По степенот на издржливост, се наоѓа на петто место по отпорност од природни катастрофи (земјотреси, силни ветрови до 200 километри на час). Во 2002 година во Австралија е основан Совет за еколошка градба (Green Building Council of Australia – GBCA) кој еколошките градби ги рангира со „зелена ѕвезда“. За вака изградените живеалишта можат да се добијат максимум пет зелени ѕвезди. Со препорака од GBCA, секој градител што ќе добие повеќе од три зелени ѕвезди добива субвенција за фотонапонски соларни панели и класични соларни панели од владата на Австралија. По пример на Австралија, ова се применува и во Нов Зеланд, а и во некои држави во САД.

 

 

Како дојдовте на идеја да правите ваква куќа од контејнери?

 

Барајќи евтина градба, прво наидов на монтажни објекти, кои беа градени врз база на контејнери. Пребарав по интернет и забележав интересни податоци за градби од бродски контејнери. Се изненадив кога видов нè само куќи, туку и студентски домови, хотели, градинки, па дури и цели населби. Пронајдов една веќе изградена куќа од контејнери, со базен исто така од контејнер, која нè само што не изгледаше дека е од контејнери, туку беше со прилично модерен дизајн.

 Ова ме поттикна да побарам податоци за трошоците за градење на една ваква куќа.

 

Кои се предностите, а кои недостатоците во споредба со класичните куќи?

 

Предноста во градењето на ваква куќа е, прво што е економски поисплатлива, дури за 40 отсто од класична бетонска градба. При градењето на оваа куќа нема трошок за бетон, а со тоа и нема емисија на штетни гасови при подготовка на бетонот. Контејнерите се купени половни, подготвени за рециклирање, така што е заштедено и при испуштање емисија на гасови во самиот процес на нивно рециклирање. За недостатоци засега немам пронајдено податоци.

 

Како реагираа соседите кога ги донесовте контејнерите?

 

На прв поглед, на сите им изгледаше чудна идејата за куќа од контејнери, сепак ова е несекојдневен тип на куќа за нашите простори. Меѓутоа, со самото градење и постојано следење на текот на градбата, веќе имам и позитивни реакции од соседите и од пријателите.

 

Колку ќе ве чини ваквата куќа во споредба со класична од цемент и арматура?

 

Во споредба со класичната бетонска градба, на квадратурата што ќе ја добијам, заштедата на финансиски средства е околку 40 отсто. Ако пресметате колку чини една куќа и ако го додадеме и времето за градба, тогаш заштедата е неверојатна.

 

Какви се условите за живот на ниски и високи температури, дали изолацијата може да биде споредлива со класичните куќи?

 

Како и кај класичната градба, така и овде, доколку нема изолација ќе биде ладно во зима и топло на лето. Со соодветна изолација се решава проблемот со ниските температури во зима и топлината на лето. Со изолацијата што ќе ја поставам, планирам дури и да заштедам на енергија до 0.25КW на 1 м².

 

Кога ќе биде завршена куќата од контејнери?

 

Поради ниските температури е пролонгирано завршувањето на проектот. Инаку, во нормални услови куќата се гради за два месеци. Доколку временските услови ме послужат, куќата треба да биде готова до пролет.

 

Има ли интерес од други штипјани да направат ваква куќа?

 

Откако ја разбраа мојата идеја, неколку од моите познаници и пријатели имаат желба да изградат ваков тип куќа. Особено кога е во прашање заштедата. Нашите родители правеле и сè уште се прават куќи кои одземаат цели децении од животот. Но, со ваква градба се добива нешто навистина комотно, брзо за реализација, со можност да се посветите и на нешто друго во животот.

Испрати коментар

Scroll To Top