Во западниот дел на Грузија се наоѓа областа Анаклија која се простира
на брегот на Црното Море, и е позната како регион во кој се сместени
голем број хотели, марини, аква-центри, спортски центри, здравствени
установи и друго. Во северниот дел од Анаклија тече големата река
Енгури, која се влева во Црното Море. Во минатото, овој дел на реката
бил недостапен за посетителите на Анкалиа, но со изградбата на пешачкиот
мост во должина од фантастични 505 метри дојде до поврзување на двата
брега.
Планирањето, производството, испораката и монтажата на најдолгиот пешачки дрвен мост во Европа траело од јуни 2011 до јануари 2012 година. Мостот оригинално бил предвиден да се проектира како челична конструкција, зацврстена со челични кабли, но овој модел бил изменет заради големите трошоци потребни за реализација на проектот.
Грузиската градежна фирма "ЦРП" позната по големиот ентузијазам во градењето на дрвни конструкции, покажала интерес за овој проект, и тоа со решение во кое дрвото ќе биде главен конструктивен материјал и со значително намалување на трошоците за изградба на мостот. Но сепак, и покрај ваквиот ентузијазам за изградба на дрвен мост, техничките и производствените капацитети за таков комплексен зафат биле над можностите на локалните градежни компании. Затоа, грузискиот изведувач за овие потреби започнал соработка со HESS LIMITLESS, германска компанија за проектирање и изведба на конструктивни врски, конструктивни материјали од дрво, метални конектори и слично.
Оваа соработка започнала во самото осмислување и проектирање на мостот, и понатаму со изработка на материјалите и изградба на мостот. Основната конструкција на мостот е триаголна форма со приближно 3,5 метри висина, изградена од лепени ламелирани носачи и 65-милиметарска фурнирана плоча која служи како основа за пешачката патека. Во деталната анализа на мостот била изработена и макета на мостот, во која секој детаљ бил предмет на темелно разгледување. Ваквиот принцип на работа овозможил успешно да се комплетира мостовата супер-конструкција. Мостот има само еден висок челичен столб, кој се наоѓа во близина на средината што остава континуирани распони на двете страни од 276 и 228 метри. Пешачкиот мост се состои од две по 36 метри долги завршни сегменти, шест од 48 метри долги средни сегменти и уште два сегменти со различна должина – од 60 метри и 84 метри, кои се зајакнуваат со челични кабли. Каблите се прицврстени на средниот висок челичен столб, а како подлога се конструирани бетонски столбови по целата должина на мостот.
ТРАНСПОРТ
Во раната проектна фаза, за да се гарантира квалитетна конструкција, била донесена одлука да се употребуваат префабрикувани дрвни елементи и конструктивни врски, изработени во Германија, а за таа цел елементите биле пренесувани 3.750 километри до градилиштето. Како голем предизвик во транспортирањето на елементите била нивната должина.
Сите елементи употребувани во конструкцијата морале да бидат комплетно расклопени и не смееле да бидат поголеми од 13,5 метри. Овој проблем бил решен со патентираното решение на HESS LIMITLESS, односно решението предвидувало дообработка на елементите со лепење и продолжување на должините со конвенционална finger-joint врска на самото градилиште.
За гарантирање на квалитетот на изработката во услови на непредвидлива морска клима, исто така, била испратена мала импровизирана комора во која може да се регулира температурата, влажноста и сето останато. Сите други конструктивни врски биле изработени со стандардни метални конектори со помош на навртки и шрафови.
Фурнираните плочи се прицврстени со ковање директно за конструктивните носачи. За изградба на мостот била изградена и привремена брана, која овозможила монтирање на 48-метарските елементи директно на градилиштето. Мостот бил свечено отворен минатата година од страна на поранешниот претседател на Грузија, Сакашвили.
Според првичните дизајнерски решенија, било предвидено држачите за раце и другите детали да бидат изработени од костеново дрво, но кога се завршила изградбата, конструкцијата имала толку убав изглед, што било одлучено овие фини детали да бидат изработени од проѕирни поликарбонатни панели, низ кои можат да се гледаат дрвените носачи.
Александар Черепналкоски, дипл. инж. по дрвна индустрија