Насловна / Екологија / Петиција за спас на африканските слонови

Петиција за спас на африканските слонови

peticija-za-spas-na-afrikanski-slonovi-1.jpgПовеќе од 520.000 луѓе од сите делови на светот досега ја потпишале
интернет-петицијата на Светскиот фонд за дивиот свет (WWF) за спас на
африканските слонови и за спречување на нелегалната трговија со слонова
коска во Тајланд (http://wwf.panda.org). Од WWF се надеваат дека ќе
соберат еден милион потписи, кои планираат да му ги предадат на
тајландскиот премиер Јинглук Шинаватра со барање целосно да ја забрани
трговијата со слонова коска во Тајланд, на Конференцијата на земјите
потписнички на CITES – Конвенцијата за меѓународна трговија на загрозени
видови од дивата фауна и флора, којашто моментално се одржува во
Бангкок, а ќе трае до 14 март.

 

 На средбата, претставници од 176 влади разговараат за трговијата со див свет, вклучувајќи ја и кризата поради убивањето на слоновите. Последните проценки се дека заради слоновата коска, во Африка годишно се убиваат дури 30.000 слонови чија слонова коска завршува на црниот пазар. "Очите ќе бидат свртени кон Тајланд, а ние ќе му предадеме еден милион потписи на премиерот Шинаватра. Сериозно сме загрижени за рекордната стапка на ловокрадство и убивањето на слоновите во Африка.

 

Побарувачката на нелегални производи од слонова коска може да го доведе овој вид пред истребување во Африка, а слоновите во Тајланд може да бидат следни. Ние може да ги спасиме. Бараме целосно да се забрани трговијата со слонова коска во Тајланд за да им дадеме на слоновите шанса да преживеат. За да ги заштитиме африканските слонови важно е Тајланд да ја затвори оваа законска дупка", велат екологистите од WWF. Според Светскиот фонд за дивиот свет (WWF), огромни количини слонова коска завршуваат во продавниците во Тајланд од каде што различни производи од овој материјал им се продаваат на туристите. Но, за да биде иронијата поголема, во Тајланд слонот е свето животно. "Има една изрека според која Тајланд без слоновите не би постоел. Но, Тајланд е најголемиот нерегулиран пазар на слонова коска во светот. Во Тајланд е нелегално да се продава слонова коска од африкански слонови, но може да се продава слонова коска од домашни слонови.

 

peticija-za-spas-na-afrikanski-slonovi-1.jpg

 

Како резултат на тоа, огромни количини нелегална африканска слонова коска се протнува преку тајландските продавници", пишува на интернет-порталот на WWF, http://wwf.panda.org, каде што заинтересираните може да го дадат својот глас за спас на африканските слонови. Од WWF нагласуваат дека ловокрадството на слоновите е поттикнато од побарувачката на производи од слонова коска во Азија каде што многу луѓе веруваат дека забите кај слоновите едноставно отпаѓаат и повторно растат без проблем. Вистината, потенцираат од WWF, е дека слоновата коска се добива од мртви слонови. Во светот постојат многу закони за заштита на слоновите, носорозите и на тигрите, но од WWF велат дека официјалните лица не прават доволно за да ги заштитат овие загрозени видови. Од WWF бараат постоечките закони засилено да се спроведуваат, да се воведат строги казни за прекршителите и да се намали побарувачката на продукти од загрозените видови. Од организацијата го нагласуваат и тешкиот живот на локалните заедници во средините каде што природно живеат овие загрозени видови, а кои се под закана од вооружени ловокрадци кои тргнале во лов на дивиот свет.

Станува збор за организиран криминал, потенцираат од WWF, во кој се дистрибуира и оружје, се заплашуваат локалните заедници, а се поткупуваат и официјални лица.

Меѓународна акција од 1975 година CITES – Конвенцијата за меѓународна трговија на загрозени видови од дивата фауна и флора е меѓународен договор. Стапила на сила на 1 јули 1975 година. Нејзината цел е да осигура дека меѓународната трговија на примероци од диви животни и растенија нема да го загрози нивниот опстанок. Според последниот развој на ситуацијата, ваква Конвенција на светот му е повеќе од потребна. Годишно, меѓународната трговија со див свет се проценува дека вреди милијарди долари и вклучува стотици милиони примероци од растенија и животни.

 

peticija-za-spas-na-afrikanski-slonovi-2.jpg

 

Трговијата е разновидна, предмет се живи животни и растенија, но и нивни продукти, вклучувајќи храна, производи од егзотична кожа, дрвени музички инструменти, граѓа, сувенири и лекови. Степенот на трговија со некои видови заедно со загубата на нивните живеалишта претставува сериозна закана за опстанокот на овие видови, дури некои видови се доведени до раб на истребување. Конвенцијата регулира различни степени на заштита за повеќе од 30.000 видови животни и растенија. Конвенцијата CITES е меѓу договорите со најголем интерес кај земјите во светот и има 177 земји потписнички. Потписник на оваа конвенција е и Република Македонија.

 

Сашо Кузмановски

Испрати коментар

Scroll To Top