Насловна / Градежништво / Механичка брана – спас за Венеција

Механичка брана – спас за Венеција

spas-za-venecija-1.jpgКлиматските промени на глобално ниво предизвикуваат чести поплави на
градовите што излегуваат на светските води. Нивото на водните површини е
алармантно зголемено, со тенденција за понатамошно растење. Тоа
предизвикува бројни проблеми на приморските држави, кои со примена на
различни механизми се обидуваат да ја заштитат територијата и
населението од прекумерните поплави и оштетувања.

Светските метрополи
како Венеција, Ротердам, Лондон, Санкт Петербург и Њујорк се можеби и
едни од најзагрозените.

 Борбата со водата едни веќе ја добија, другите се обидуваат, додека властите на Њујорк сè уште размислуваат на кој начин тоа да се изведе. По градбата на заштитни бариери, лондонската во 1982 и браната во Санкт Петербург во 2011 година, овие урбани центри се парцијално заштитени од големи водни наноси и уништување. Според овие примери, моментално се гради механичка брана за спас на Венеција од поплави, која треба да биде завршена до крајот на 2014. Но водата нема да мирува до тогаш. Доказ за тоа е последната поплава која го зафати овој град во ноември минатата година. Венеција го држи шестото место на листата на катастрофални поплави, со енормно ниво на високата вода од 149 см.

 

spas-za-venecija-1.jpg

 

Ова скорешно случување ни даде повод да ја претставиме технологијата на градење на оваа заштитна бариера. Градот Венеција, познат по својата убавина но и по честите поплави, се протега на 117 острови во мочурливата венециска лагуна на Јадранското Море. Ендемичната архитектура, водните улици со над 150 канали, гондолите и сјајната историја го прави овој град културен, но и моќен економски центар на северот на Италија. Низ времето, во зависност од историските моменти, бил именуван со различни имиња: "Кралица на Јадранот", "Воден град", "Градот на маските", "Градот на мостовите", "Градот на каналите", "Лебдечки град", а во последните години Венеција станува позната како "Градот што тоне" (Sinking city). Катастрофалните поплави што сè почесто го зафаќаат овој град делумно се поради слегнувањето на тлото, но најголемо влијание, секако, има зголемувањето на нивото на Јадранското Море. Само во последниот век, нивото на морето се зголемило за цели 23 сантиметри.

 

НАЦИОНАЛНО ЗНАЧЕЊЕ

 

Идејата за заштита на градот од поплавување датира од далечната 1966 година, по катастрофалната поплава на Венеција кога нивото на водата достигнало цели 194 сантиметри, проследено со силен ветер познат како "Широко". По овој немил настан, со многу жртви и материјална штета, италијанската влада донела декрет со кој овој проблем се класифицира како "приоритет од национално значење". По многубројни истражувања, испитувања и студии за можностите за заштита на Венеција од поплави, во 1989 година е поднесен, за во 1994 година да биде и одобрен проектот МОSЕ (Modulo Sperimentale Elettromeccanico – експериментален електромеханички модул) со кој се предвидуваат технички мерки за заштита на Венеција од поплавување. Овој проект официјално започнал да се изведува во 2003 година, а претставува интегриран заштитен систем кој се состои од серија мобилни брани, кои се во можност да ја изолираат венециската лагуна од Јадранското Море во случај плимата да ја надмине граничната вредност од 110 см, па се до максимални 3,0 метри. Заедно со останатите пропратни мерки како што се зајакнување на кејот, како и поплочување и подобрување на околината на лагуната, овие бариери се проектирани така што ја штитат Венеција од екстремни случувања, како што се поплавите и морфолошкото пропаѓање.

 

spas-za-venecija-2.jpgspas-za-venecija-2.jpg

 

Тие ќе бидат поставени на трите заливи за влез во лагуната и тоа: Лидо, Маламоко и Чиоџија (Lido, Malamocco, Chioggia). Градежните активности требаше да бидат завршени за осум години, односно до крајот на 2011 година, за потоа рокот на градба да биде продолжен до 2014 година. Вкупно ќе бидат вградени 78 бариери, секоја е челична со димензии 30,0 метри висина и 20,0 метри должина, кои ќе се подигаат при секоја најава за надоаѓање на плимата, при што нивото на морето во венециските канали би останало непроменето. Кога нивото на морето е во нормални граници, тогаш самите бариери би биле спуштени на бетонски подлоги, на дното на лагуната. Но, кога би се појавила опасност од надоаѓање на вода, во тој случај воздух под притисок би се компресирал во специјалните отвори на браната, при што би се предизвикало нејзино подигање. Целиот механизам на механичката брана се наоѓа во морска средина, па поради тоа се проценува дека одржувањето би било прилично тешко и скапо.

 

spas-za-venecija-3.jpg

 

Буџетот за изведување на овој проект изнесува 3 милијарди евра, но се предвидува цената на чинење да достигне 5 милијарди. Годишното одржување по предавањето во употреба се предвидува да изнесува 9 милиони евра. Иако екологистите стравуваат дека овој проект значајно ќе влијае на и онака чувствителниот екосистем на лагуната, како и многубројните спротивставени мислења и контроверзии, проектот МОSЕ останува единствената надеж за спас на Венеција од потонување.

 

Биљана Стојановиќ, дипл.град.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top