Насловна / Вести / Местото каде што Сонцето ја менува судбината на човекот

Местото каде што Сонцето ја менува судбината на човекот

Image

СЕ ИСКАЧИВМЕ НА МЕГАЛИТСКАТА ОПСЕРВАТОРИЈА КОКИНО

Испреплетување на паралелни светови. Иреалност. Мистичност. Лутам меѓу термини и повторно како да ми фали вистинскиот збор за да го опишам чувството што ме обзема додека по лизгавата земја, нога пред нога се искачувам на Татиќев камен, во кумановскиот регион. Теренот е стрмен, јас не сум по искачувањето, ама овојпат предизвикот е голем – морам да видам што е тоа на врвот на планината што остава без здив, што крие илјадагодишни тајни и одблизу се познава и со Сонцето и со Месечината. Името му е Кокино, мегалитска опсерваторија стара 4.000 години која потврдува континуитет на животот на ова мало парче земја наречена Македонија. Тој податок ми го грее срцево и продолжувам по нашиот водич Ѓоре Ценев, раководител на Планетариумот при Младинскиот културен центар кој седум години активно го истражува Кокино.

– Кокино како што денес го познаваме всушност е комбинација на света планина со мегалитска опсерваторија. Како археолошки локалитет е откриен во 2001 година, а како опсерваторија беше дефиниран во 2002 година. Се наоѓа на височина од 1.013 метри. Локалитетот е сместен на две платформи, на западната биле изградени места за набљудување на небесните тела, а на источната биле изработени камени маркери низ кои било означувано изгревањето на полната месечина и на сонцето. На тој начин луѓето кои долго време и посветено го набљудувале изгревањето на овие две небесни тела, особено преку маркирањето на нивните екстремни позиции, успеале да ја осознаат периодиката на движењето на Сонцето и на Месечината и да изработат лунарен календар. Тие се запознале и со циклусите на затемнување на сонцето и на месечината и истите ги предвидувале – објаснува астрономот Ценев.

Додека неколкутемина љубопитници еден зад друг се искачуваат по козјата патека ја сфаќам пораката на Ценев – на Кокино не треба да се оди без водич. Тој ќе ви открие што е тоа што го гледате, каде да гледате и на што да посветите внимание, а ако на земја најдете парче керамика – не земајте, оти таа не е ваша, ами и припаѓа на науката, а со тоа на сите луѓе на овој свет.

Керамика на Кокино има многу. Таму и кртовите риејќи во земјата исфрлуваат парчиња кои раскажуваат приказни, а најстарите од нив докажуваат дека на овие простори пред 4.000 години се развивала раноземјоделска заедница во која луѓето биле исклучително поврзани со земјата. Тие знаеле дека за успешна изведба на земјоделските работи е потребно да се познава циклусот на растенијата, времето на орање и сеидба и времето на жетва, оти тоа е клучно за опстанок на заедницата.

– Во тоа време Сонцето се сметало за големо и добродушно божество кое раководи со целиот животен циклус на луѓето и на растенијата. Овие луѓе се послужиле со Месечината која како и во другите стари цивилизации е синоним за мерач на времето за да утврдат кога е точното време за сеење, а кога за жнеење. Месечината во правилен ритам се појавува, се полни, па се губи. Ние откривме маркери кои дефинитивно потврдуваат дека на Кокино бил изработуван лунарен календар со период од 19 години. Тоа е така зашто полната месечина гледана од исто место, во исто време и фаза изгрева на исто место само еднаш во 19 години. Пронајдените маркери на Кокино се прецизно поставени и даваат многу точни резултати што може да се покаже и денес – објаснува Ценев.

Групата прави пауза во таканареч ената “женска просторија“. Тука научниците потврдиле ритуал, поврзаност меѓу камените маркери и посебно исечените места во карпите во вид на камени престоли во денот кога се означува крај на жетвата. Некои од групата изразуваат желба да седнат на престолите, ама јас знам оти таму седат само владетели или божества. Јас не сум ниту едното, ниту другото.

– Сонцето во таа култура има улога на божество кое го гарантира успехот на жетвата преку својот пратеник на земјата, владетелот. Крајот на жетвата е многу значаен ден зашто тогаш завршува циклусот на растенијата. Но, треба да се обезбеди гаранција дека семињата и в година ќе пораснат и ќе дадат род. Тоа подразбирало обновување на нивната енергија, која според одредените ритуали кои биле правени на ова место била обезбедувана преку обновување на енергијата на владетелот. Во денот на крајот на жетвата, сонцето изгрева во еден маркер кој има ритуална улога. Маркерот бил покриен и се јавувал сноп светлина што го осветлувал само едниот од четирите престоли, на кој седел само владетелот. Кога сонцето ќе го осветли владетелот тоа означува обновување на неговата енергија, па тој има гаранција дека во наредната година ќе има квалитетен опстанок на заедницата – додава нашиот водич.

Додека ги набљудуваме камените маркери, околу нив полека се насобира магла, а потоа, кратко дува остро ветре и облаците ги развлекува како волна. Ветерот на посебен начин свири на Кокино. Камените карпи се покриени со мов. Мовта речиси во секоја минута ја менува бојата под дејство на сончевата светлина, па пределот се прелева во илјада бои.

– Ваква опсерваторија не се очекуваше на овој простор, а нејзиното откривање предизвика редефинирање на развојот на културите во овој дел од Европа – коментира Ценев.

Големото признание на НАСА во 2005 година го рангираше Кокино на високото четврто место на листата на стари опсерватории во светот. УНЕСКО, пак, покрена иницијатива до земјите за пријавување локалитети со докажани астрономски вредности кои ќе бидат ставени на листата на светското наследство. УНЕСКО бара пријавувањето да се заврши до крајот на годинава зашто 2009 година е прогласена за Меѓународна година на астрономијата и сите нови локалитети ќе имаат голема промоција.

– Покренавме голем проект за Кокино кој беше прифатен од Министерството за култура и сега забрзано работиме на постапката за пријавување. Потребно е Управата за заштита на културно наследство да донесе соодветна валоризација и категоризација на локалитетот, да се изработи менаџмент план и апликација пред нашата Национална комисија на УНЕСКО и да се достави пријавата до Париз, седиштето на оваа организација на ОН. Самото признание од УНЕСКО не носи некакви пари, но е голема препорака пред сите големи туристички оператори во светот. На тоа поле ни претстои голема работа, да го приспособиме Кокино за туристичка атракција. Кокино е бренд за Македонија и итно треба да се поработи на неговата заштита – нагласува Ценев.

СО ЖЕЛЕЗНИ ОПИНЦИ КОН СВЕТАТА ПЛАНИНА

На поширокиот археолошки локалитет околу Кокино, како и на самата планина, досега не се најдени пишани документи. Ѓоре Ценев е убеден дека мора да постојат некакви пишани докази за изведуваните ритуали на Кокино и не се откажува од потрагата. Тој знае дека Кокино е света планина која е длабоко вкоренета во народните преданија на територијата на цела Македонија.

– Постоењето на ваков грандиозен објект кој бил одговорен за организирање на животот на заедницата мора да оставил траги во народната космогонија. За среќа, имаме податоци дека траги постојат. Тие податоци одат во прилог на староста на нашиот народ, зашто митовите се пренесуваат преку говор, а тоа значи дека на овој простор многу долго време живее население кое зборува ист јазик. И денес, ако отидете во македонските села, може да видите дека постои еден паралелен свет. Луѓето се православни христијани, но веруваат и во еден друг свет во кој земјата е живо суштество, дека е голема Божица Мајка создателка, дека сонцето е божество кое е добронамерно, дека месечината и сонцето се брат и сестра. Постои цела ѕвездена карта на македонскиот народ. Со анализата на Кокино многу е поврзан митот за сончевата планина на која живее сонцето, а кој може да се сретне во сите македонски села. Во нашиот народ постојат повеќе легенди во кои се зборува дека судбината на човекот може да ја промени само сонцето – раскажува Ценев.

Според легендата, за да се стигне до Сонцето, треба да се обујат железни опинци и да се земе в рака железен стап и да се тргне на пат до митската планина. Кога ќе се искинат опинците, а стапот ќе се скрши, тоа е знакот дека сте стигнале до реката крај која живее мајката на сонцето. Таа е персонификација на Големата божица мајка – земјата. Таа ќе ве
одведе до врвот на планината каде што живее Сонцето и ќе ве скрие зад вратата, оти кога сонцето се враќа од пат е многу гладно и може да ве проголта. Кога Сонцето убаво ќе се наруча, неговата мајка ќе ве претстави, вие ќе си ја кажете маката, а тоа ќе ве подучи како да си го решите проблемот.

– Оваа легенда е една од трагите која зборува за поврзаноста со времето од Кокино. Убеден сум дека таа митска планина во нашиот народ е Кокино. Митот дека земјата е Божица мајка до денес е присутен во народот. Во нашите села ако некој ја навреди земјата, тој трипати ќе се поклони, ќе ја бакне земјата и ќе се извини со зборовите “извини земјо, мила мајко моја“, зашто се смета дека Божицата земја може да се одмазди на многу начини, уште веднаш или кога ќе умре да не му ги прими коските. Во нашиот народ се уште е присутен обичајот на закопување дарови во земјата, кој го сретнавме и на Кокино. Таму докажавме постоење на обредни јами во кои се оставале садови со семиња со молба земјата да помогне тие да дадат плод – додава Ценев.

Кокино го напуштаме од неговата задна страна. Таму и теренот е порамен и полесно ни е чекорењето. Низ глава ми се моткаат слики и прикази од некое паралелно време, исполнета сум со мир како штотуку да сум завршила некоја голема работа и веќе ми навираат првите реченици од текстов. Наредната средба со Кокино можеби ќе биде со железни опинци на нозеве. Чисто за проба.
Фото: Е.К.

 

Елена КУЗМАНОВСКА
Објавено во број 91. 

Испрати коментар

Scroll To Top