Насловна / Урбанизам / Неповторлив урбан редизајн во холандската современа архитектура

Неповторлив урбан редизајн во холандската современа архитектура

urbana-transformacija-2.jpgЕдна од најфасцинантните трансформации направени на крајбрежјето во
Амстердам помеѓу 1990 и 2010 година "никнува" долж јужниот крај на
реката IJ и Источниот пристанишен дистрикт, лоцирани источно од
Централната станица. Изградени на левата страна, површина напуштена во
текот на промените во трговската и приморската индустрија, создадени се
комплетно нови резиденцијални заедници на местото на напуштените
Abbatoir, Veemarkt и Enterpot, како и на местото на старите пристанишни
делови по текот на реката IJ.

 

Со текот на времето крајбрежниот дел западно од Централната железничка станица пројавува поголеми можности за урбан редизајн и создавање на мастер- планови на резиденцијални мегаблокови со дополнителни програмски содржини неопходни за беспрекорно функционирање на резиденцијалните единици. Изградбата на Westerdoksdijk како вештачко острово започнала во 19 век со цел да го намали напластувањето на нечистотиите што со текот на времето се таложеле во пристанишните делови. На почетокот на 20 век, поради тогашните околности 250-351 било неопходно да се изврши проширување на насипот/каналот, така што бил употребен како железничка ранжирна станица која со брегот се поврзувала преку подвижен мост од челична конструкција, изграден во 1922 година.

 

urbana-transformacija-1.jpg

Со текот на годините, трасата на железничката пруга започнува да го губи својот континуитет, зад себе оставајќи издолжено, тесно парче земја, позиционирано помеѓу реката IJ и заливот Westerdok. До крајот на деведесеттите години од минатиот век градот го идеализирал развојот на колективното резиденцијално домување на западните пристанишни докови, како и на островот Westerdok, како доста атрактивна локација со непосредна пешачка дистанца од Централната железничка станица. Така во 1999 година, на изложбата на ARCAM (Amsterdam Center of Architecture) биле презентирани и изложени првите идеи и истражувања за потенцијален развој на мастер-план за островот Westerdok. Идејата за мастер-планот ја опфаќала трапезоидно обликуваната локација, како и дијагоналниот полуостров кој се издолжува кон реката во јужниот крај на островот, наречен IJ Dok. Креатор на мастер-планот за островот Westerdok, како и за дел од опкружувањето е архитектот Peter Defesche од студиото OD 205, додека пак опфатот наречен IJ Dok претставува дело на архитектите Dick van Gemeren и Jarne Mastenbroek.

 

ПРИМАРЕН КОНЦЕПТ

Примарниот концепт за мастер-планот на островот Westerdok претставува комбинација и интеграција на типологија на периметрален блок со атриуми во внатрешноста и типологијата на поставување на слободностоечки структури. Издолжената, но тесна локација е поделена на четири блокови, меѓу себе одвоени со тесни улици, позиционирани помеѓу правата оска на брегот од западната страна кон каналот Westerdok и меандрираната траса долж источната страна со поглед кон реката IJ. Три од четирите блока претставуваат варијација на периметрални блокови со внатрешни атриуми, додека четвртиот блок претставува 13-катна тесна, триаголна структура чиј агол постепено се намалува кон нејзината северна точка. На јужниот крај на локацијата се простира пространо проширување чии визури го врамуваат каналот што го поврзува заливот Westerdok и реката IJ. Основата на четирите блока е организирана со помош на модуларна мрежа која се повторува, од што произлегува конзистентна шема на организација и покрај разноликоста и варијабилноста на висината, формата и применетите материјали.

urbana-transformacija-2.jpg

Логиката на идејата за примена на периметрални блокови иницира на постоење на затворени простори во ентериерот на блокот, како и појава на низа од кулички Westerdok Island со врамени и ограничени визури од атриумите, кон каналот Westerdok и реката IJ. Меандрираната структура долж источната страна на блокот се појавува како повисока и се одликува со поконтинуиран израз со дистантни погледи кон пејзажот на A30-327 марината на опфатот IJ Dok. Кејот долж западната страна на островот е развиен и обликуван како зона за велосипедисти, заеднички споредни активности на жителите од блокот, како и мини пристаниште за усидрување на бротчиња. Целокупната програма на мегаблокот е предвидена во себе да смести 900 резиденцијални простори, кафе барови, ресторани и простори за комерцијални употреби. Како дополнителни содржини се појавуваат подземно паркирање во две нивоа, серија на внатрешни дворови, јавни простори долж кејот, како и плоштад кој се простира на јужниот крај на островот.

 

СПЕЦИФИЧНИ ОБЛИКУВАНИ ПОСТАПКИ

 

Позицијата на мегаблоковската структура овозможува извонредни визуелни согледувања кон центарот на градот, како и кон течението на реката IJ, особено од станбените единици на повисоките катови и заедничките кровни тераси – тераси чиј дизајн го отсликува стилот на Van den Broek во Ротердам. Внатрешните дворови се обликувани на начин да овозможат беспрекорни визуелни погледи истовремено кон каналот Westerdok на западната и реката IJ на источната страна. Приватноста и пријатната интимна атмосфера во внатрешните заеднички простори во однос на јавното опкружување и љубопитните погледи на минувачите е задржана со поставување на делумни бариери, т.е. монументални метални или застаклени пристапни влезови. Карактеристична појава која придонесува за уникатноста на целокупниот концепт претставуваат големиот број на станбени единици со директен пристап од обиколните улични коридори. Исто така, шемата на организација на резиденцијалните простори не вклучува само апартмани, туку и постоење на низа од индивидуални градски куќи како слика на традиционалната станбена архитектура во Холандија чиј пристап е овозможен од внатрешните плоштатки, така што тие се целосно индивидуализирани и приватизирани во однос на јавното опкружување. Ваквиот пристап при проектирањето на овој станбен комплекс создава израз на една исклучително диференцирана резиденцијална средина.

urbana-transformacija-3.jpg

Како дополнителен фактор кој придонесува во уникатноста, несекојдневноста и хаотичниот израз на мегаструктурата Westerdok е фактот што секој од четирите сегменти е проектиран и дизајниран од различни тимови на архитектонски студија. Така, блокот La Grande Cour содржи 253 станбени единици и е проектиран од архитектите Meyer & van Schooten, Heren 5 и De Architeken Cie, потоа следи блокот VOC Cour кој содржи 362 станбени единици и е дело на архитектите MVRDV, Jeroen Schippen, John Bosch, Art Zaaijer, Westerkaap II со 191 станбена единица, како дело на AWG Architecten, DKV Architecten, Baneke и Van der Hoeven и најсеверниот блок Westerkaap I кој содржи 111 станбени единици и е дело на архитектите AWG Architecten, Baneke и Van der Hoeven. La Grande Cour е најјужно позиционираниот блок и е всушност најпрвиот изведен дел од целата структура.

 

urbana-transformacija-4.jpg

Составните објекти, проектирани од различни архитектонски студија непосредно соодветсвуваат помеѓу себе, како тактичка комбинација на сегментно повлекување и длабење на волуменот со појавата на мостови и перископи. Празнините во полниот волумен се изведени така што постигнуваат чувство на компактно проветрување во внатрешноста. Перископите се издигнуваат како кули на внатрешните атриуми и се претвораат во мостови чиј волумен истапува нанапред во однос на обвивката на блокот. Таквата поставеност созадава продори, пристапни коридори со голем процент на изграден волумен на тесната основа така што се отвора простран јавен, во овој случај заеднички дел во приземјето. Повеќето од станбените единици се позиционирани на места кои овозможуваат непрекинати визури и каде условите за продирање на дневната светлина и сончевите зраци се непрекинати. За да функционира беспрекорно динамично оваа тродимензионална сложувалка, исто така придонесуваат и тактички креираните непредвидливи визуелни погледи. Материјалите применети од страна на архитектите Meyer & van Schooten, како и воздржаното детализирање придонесуваат за достоинствениот израз на блоковата структура. Материјалите, пак, што ги употребува архитектонското студио De Architeken Cie придонесуваат за лукавиот израз и квалитет на структурата, поради црвената боја на површината и аплицираните панели со разни принтови.

 

Архитектонското студио Heren 5 се одлучило за примена на понеформален и помалку дефиниран карактер при фасадното обликување. Вториот ансамбл наречен VOC Cour повеќе е дефиниран како композиција од индивидуални волумени со различнa висoчина која варира помеѓу три и 11 ката, секвенца од станбени комплекси кои при процесот на изградба би можеле да се изведуваат индивидуално. Како резултат на тоа, формираниот внатрешнен простор претставува очигледен остаток помеѓу изградената површина, за разлика од La Grande Cour каде внатрешнoста е внимателно дизајниранa во хармонија со објектите. Објектот на архитектонското студио MVRDV, кој е главно ориентиран кон внатрешноста на блокот, претставува иманентен пример за тоа како еден извонреден концепт не мора да биде комплициран.

urbana-transformacija-5.jpg

Примарната и главна карактеристика на дизајнот е отвореноста на објектот во однос на изграденото опкружување. Минималното количество на применети материјали, стакло, челик и бетон резултира со целосно отворање на фасадата. Површината на објектот која се простира на вкупна изградена површина од 6.000м2 во себе сместува 46 станбени единици и центар за згрижување. Карактеристично е тоа што секој апартман има сопствена тераса со варијабилна длабочина која се стеснува или проширува долж целата фасада, обезбедувајќи различни надворешни простори и визури кон западниот пристанишен дел на Амстердам. Стаклената фасадна обвивка на секој кат може целосно да се отвора со што дефинира комплетен контраст во однос на околните објекти од ансамблот. Објектите проектирани од архитектонското студио JSA во својот волумен вдомуваат 97 резиденцијални простори, како и 1.500м2 проектирани за административни простори. Нивната обвивка, за разлика од објектот на архитектонското студио MVRDV, е целосно конструирана од рачно обликувана тула со динамика на хоризонтална или вертикална поставеност.

 

urbana-transformacija-6.jpg

 

Широки панорамски прозорски отвори и лоѓии ја дефинираат фасадата ориентирана кон пристаништето, додека пак кон заливот, динамиката на фасадното обликување е овозможена преку ритмичната позиционираност на драстично издадени балкони кои навидум висат од фасадата. Перципирајќи ги волумените како единствена целина, се добива слика на експресивна скулптура со огромни стаклени перфорации и ѕидна површина од тула која континуирано ја обвиткува целата структура. Последниот сегмент од овој мегаблоковски комплекс, Westerkaap I е позициониран на најтесниот екстремитет од целокупниот опфат. Објектот на архитектот Bob van Reeth се простира речиси до врвот на локацијата како триаголник чиј крај е отсечен. Анализирајќи го од одредени точки на набљудување, структурата изгледа како да содржи само фасадна обвивка без никаква изградена површина од внатрешната страна, исто како и наликот на позната Flatiron Building во Њујорк. Поради малата длабочина на блокот внатрешниот атриум повеќе се појавува како улица отколку како плоштатка. Трапезоидната локација на блокот Westerkaap II е поделена на четири паралелни “ленти” ориентирани на исток- запад, кои претставуваат репрезент на архитектонската распределба во блокот.

Трите пошироки “ленти” од изграденото ткиво обликуваат внатрешни атриуми, така што секој атриум се одликува со различна содржина која ги хармонизира различностите помеѓу длабочините на парцелите: “The Garden” претставува издолжен, сончев атриум со зеленило, “The Pier” се одликува со неформален амбиент на дрвено шеталиште и “The Village Square” дефиниран како едноставен четириаголен атриум поплочен со калдрма. Како содржини во обвивката на секој од атриумите се избрани различни типови на домување, како и дополнителни работни површини. Пристапите од улиците се овозможени преку влезови изведени како двокатно висински конструкции кои ја обезбедуваат приватноста во внатрешноста и го задржуваат интимниот амбиент.

urbana-transformacija-7.jpg

Над второто ниво на објектот, структурата е детерминирана преку архитектонски континуитет од една страна, и силуетата на опкружувањето и двострано ориентираните визури од друга страна. Примарната идеја која го поттикнува формирањето на ваква структура е добивањето на индивидуални објекти кои мора да се меѓусебно различни додека истовремено се задржува кохерентноста на соседсвото. Разгледувајќи ги волумените како диферентни индивидуални структури, со цел да се создаде чувство на меѓусебна униформност, фасадната ѕидна обработка од тула го задржува својот континуитет долж низата, додека пак обработката на внатрешните атриуми ја задржува уникатноста која во секој атриум кореспондира со специфична тематика.

 

Андреа Јамакоска

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top