Насловна / Вести / Неповторлив амбиент под златниот врв

Неповторлив амбиент под златниот врв

treskavec-6.jpgСредновековниот градителски комплекс на манастирот Трескавец претставува
единствен споменик на културата, не само кај нас во Македонија туку и пошироко
на балканските простори, како по своите архитектонски така и по своите сликарски
остварувања. Подигнат е на тешко пристапен терен под Златоврв (1422 м), меѓу
грамадни карпи кои го сокриваат од ветровите, но и од погледите оддалеку.

 

Излегувајќи од Прилеп, одејќи
покрај Варош и Маркови
кули, нагоре, патот ве носи
кон север. Чекорам полека по
кривулестиот каменен пат, следејќи
ги белезите што ги поставиле
планинарите. Наоколу интересни
форми на карпи и камења. Окото
во нив не гледа карпи, туку фигури
на луѓе и животни. Прва е карпата
со облик на слон. На десетина
километри од неа по два часа
пешачење, патот ќе ве донесе
до манастирот Трескавец.

treskavec-1.jpg 

На хоризонтот, во далечината,
се забележуваат големи карпести
форми, едната во облик на желка,
другата во облик на лав. До нив
на една карпеста платформа е
изграден манастирот Трескавец.
Се прашуваш, ако за прв пат
одиш таму, каков ли е навистина
манастирот до кој се стигнува
по пат со многу знаци, што ли
содржи и што ли крие? Сместен
под карпестиот и висок Златоврв,
погледот ви оди кон небото
по кое се движат облаците. Си
го замислуваш преку неговото
име и на ум ти доаѓаат разни
слики! Но штом ќе дојдеш
пред капијата на манастирот,
сето она што претходно си го
замислувал, исчезнува. Од оној
прв миг на видување па наваму,
името на манастирот Трескавец ја
повикува во моите мисли глетката
на чудните форми на карпите,
црвените покриви на црквата и
конаците, плаветнилото на небото,
светкањето на сончевата светлина
низ воздухот, дворот поплочен со
калдрма и зуењето во ушите на
мирот и тишината, кои одвреме
навреме ја прекинува лаењето на
бернардинецот Бруно. Мислите
одат и кон Калист, единствениот
монах кој живее во манастирот!

 

Средновековниот градителски
комплекс на манастирот Трескавец
претставува единствен споменик
на културата, не само кај нас во
Македонија туку и пошироко на
балканските простори, како по
своите архитектонски така и по
своите сликарски остварувања.
Подигнат е на тешко пристапен
терен под Златоврв (1422 м),
меѓу грамадни карпи кои го
сокриваат од ветровите, но
и од погледите оддалеку.

treskavec-2.jpg 

Постојат многу легенди и
преданија за животот во манастирот
како и за неговото име. Преданието раскажува дека врз
највисокиот врв на планината било
поставено златно јаболко и по
него го добило името Златоврв.
Тоа јаболко толку светело што
зраците се гледале дури до
Солун. Јаболкото паднало од
врвот при силни грмотевици во
некое дамнешно невреме, а името
манастирот го добил поради
тресокот на грмотевиците, иако
постои легенда и за земјотрес
што некогаш се случил таму!
Во тој извонреден и неповторлив
природен амбиент е изграден
манастирот, во кој низ многу векови
се среќавале и надоврзувале
различни уметнички и архитектонски
погледи. treskavec-3.jpgМанастирската целина
на Трескавец се состои од
црквата посветена на Успението
на Богородица, манастирските
конаци и трпезаријата. Има докази
за постоење на ранохристијанска
базилика од VI век, врз чии темели
е изградена црквата, но најстариот
дел на сегашната градба потекнува
од XIII век, а дел од ѕидните фрески
од XIV век. Во XIV век манастирот
го обновил српскиот крал Милутин
во архитектонски стил кој е развиен
под влијание на византиското
градителство. Фасадата е изградена
од светло црвеникава тула, а ја
украсуваат декоративни надворешни
ниши како и неизедначениот кров.
Црквата е со пет кубиња, а во
внатрешноста секое претставува
посебна просторија. Начинот на
градење покажува дека црквата е
правена многу порано од времето
на цар Душан или пак цар Урош!
Југозападниот дел е целосно
заѕидан, оставен е само еден
прозорец. Според преданијата, што
ги има многу, тука во таа просторија
се венчал некој владетел, а
обичаите од старо време биле да се
заѕидуваат влезовите каде што се
венчаваат царевите, за друг смртен
човек да не може да влезе од таму.

 

Сликарството од XIV век во
ексонартексот на црквата е
создадено во три периоди:
најстарото, чиј ктитор е царот
Душан потекнува од 1334 – 1343
година, со илустрации на црквениот
календар. Од педесеттите години
на XIV век потекнуваат фреските
на некогашната фасада на доградениот параклис, а веднаш
по нив се создадени фреските на
фасадата на ексонартексот. Се
претпоставува дека сликарите
потекнувале од околината на Солун.
Во калотата на северозападната
купола е насликан Исус Христос
како цар над царевите во современа
облека. Околу централниот
дел, во круг се насликани девет
ангелски хорови во дворска облека,
додека пред нив, во облека на
византиска царица, со круна на
главата, стои Богородица пред
празниот престол. Благодарејќи на
култот на Богородица, манастирот
Трескавец од средниот век до денес
е собиралиште на верниците, а во
минатите векови го посетувале и
кралските фамилии што владееле
со овие простори. Византиските
императори Андроник II и Михаило
IX биле ктитори на манастирот,
а по нив како освојувачи на овие
простори и како ктитори доаѓаат
српските кралеви Милутин и
Душан, чиј портрет е насликан
во западниот дел од црквата.

treskavec-4.jpg 

Некогаш Трескавец бил многу
богат манастир и поседувал многу
недвижни имоти, но денес е сето
тоа само минато. Денес се нема
пари за изградба на патот преку
кој би доаѓале полесно многу
верници и туристи, се нема пари
за истражувања и поправка на
испуканите ѕидови и фрески во
црквата, манастирот нема вода, нема
тушеви и тоалети! Но затоа вие во
Скопје имате зоолошка градина со
животни од бронза, беа зборовите
на еден верник од Прилеп, кого го
сретнав по патот за Трескавец!

treskavec-5.jpg 

Нема многу посетители во
манастирот, дали затоа што
е далеку во планината и не е
достапен за сите или пак затоа што
немаме навика да ги посетуваме
манастирите? Повеќе луѓе се
собираат тука за време на празникот
на Успението на Богородица,
но тоа е еднаш во годината.
Може уште многу да се пишува,
а и има што да се пишува за
манастирот Трескавец. Намерата
ми беше со мојов краток запис
за манастирот Трескавец кај
некои од вас да создадам
желба да одите и да ги видите
убавините што јас ги видов.

 

 

текст и фото:

 

Ангел Ситновски

дипл.инж.арх.

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top