На почетокот на октомври, во Скопје се одбележа Денот на слободниот софтвер. Онака како што и се очекуваше, денот помина тивко и без помпи. Меѓу другите активности, централниот настан се случи на скопскиот плоштад каде мала група млади ентузијасти го промовираа слободниот софтвер и делеа бесплатни дискови. Ден претходно, во хотелот “Александар Палас“ заврши традиционалната, Мајкрософтовата “Визија“ број шест, најголемо ИТ случување во земјава. Убаво е, барем колку за споредба, да се истакне ефектот од двете манифестации. “Визија“ помина со чувство на супериорност на производите на “Мајкрософт“, пред се “Виндоус“ оперативните системи, додека ФСД08 (Фри Софтвер Деј 2008 – Ден на слободниот софтвер 2008) не се спротивстави на таквиот заклучок. Иако најавено во медиумите, искрено потрошив пет минути шетајќи низ плоштадот да ја најдам ФСД08 манифестацијата, а кога веќе ја најдов, таа се состоеше од едно распнато платно на кое неколку момци со автолакови испишуваа графити и два-тројца промотери.
Заинтересираните беа неколку на број средношколци или студенти што
многу кажува за интересот за слободниот софтвер во земјава. Побарав и
добив бесплатен ЦД примерок кој всушност беше ДВД диск изготвен
специјално за настанот и во себе содржеше инсталација на моментално
најпопуларниот “Линукс“-базиран оперативен софтвер “Убунту“ и тоа
преведен на македонски јазик, низа бесплатни апликации за непречено
гледање на филмови, слушање на музика, пакет за канцелариско работење,
веб прелистувачи, софтвер за графичка обработка, потоа филм и уметнички
портфолија на урбани артисти и сето тоа во духот на она што “Линукс“ го
претставува. На прв поглед, “Убунту“ пленува со свежина и едноставност,
односно концепт и бои кои му недостасуваат на “Виндоусот“ на нашиот
компјутер. Во однос на перформансите, филмот и прегледувањето на
сликите и пдф брошурите помина без никаква забелешка. Работата со
документите во Опен Офис му конкурира на онаа во МС Офис. На сето тоа
додадете го македонскиот превод на апликациите, свежината и
едноставноста и секој е освоен.
Сепак, горчлив вкус во уста се
јавува од фактот што упорно некои софтверски производители ја
избегнуваат “Линукс“ заедницата. Така, засегнатите инженери и
архитекти, нема да можат да го користат Аутокад, Архикад, ниту некој
друг од попознатите АИГ апликации, од причина што не постојат
инсталации за “Линукс“. Се чини производителите на софтвер прават
неправда не нудејќи поддршка за останатите оперативни софтвери , но со
оглед на растот и популарноста на Линукс-базираните апликации, прашање
е на време кога оваа пракса ќе се смени. За да нема забуна, во светот
постојат АИГ (Архитектура, Инженерство, Градежништво) апликации кои
работат на Линукс, но меѓу нив нема доволно сериозни продукти или ако
веќе има тие не се слободни. Таков е примерот со ЛинуксКад. За него ќе
треба да одвоите околу 99 долари, сума прифатлива и за нашиот џеб, но
кога веќе се плаќа тогаш зошто не нешто подобро и зошто не посериозен
избор. Меѓу другите КАД (Компјутер Еидед Дизајн, односно Компјутерски
поддржано дизајнирање) треба да ги спомнеме: ФриКад, КуКад, ВариКад,
ПајтонКад, па дури постојат и извесни БИМ решенија од типот на БриксКад
и Аркад 90. Со оглед на одамна воспоставената доминација на ДВГ
форматот во комуникацијата меѓу професионалците во АИГ, сметам дека се
уште не е дојдено времето кога инженерите и архитектите ќе работат на
Линукс-водени машини.
Како некаква утеха, постои ВИНЕ проектот.
Тоа е софтвер кој овозможува работа на Виндоус базирани апликации во
Линукс средина. Звучи комплицирано и така е. Резултатите не се
беспрекорни. Барем некое време ќе треба да почекаме на добра волја на
големите од типот на “Аутодеск“ или “Немечек“. Но, цврсто верувам дека
работите во следните години ќе се променат. Сега за сега, Убунту како
претставник на целата Линукс заедница е одлично решение за домашна
употреба на секој корисник. Дури до неодамна по форумите се пишуваше
дека е попроблематичен Виндоус Виста отколку Убунту. Моите оптимистички
очекувања во однос на идниот успех на Линукс оперативните софтвери се должат и на неколку потези на клучни играчи од типот на “Дел“, ИБМ, ХП итн. “Дел“, најголемиот дистрибутер на компјутери во САД, реши добар дел од својата понуда да базира на Линукс. Причина за тоа е бесплатноста, стабилноста и квалитетот.
Такви истомисленици можат да се најдат многу меѓу светските производители. Уште треба да се напомене дека проектот ОЛПЦ (Еден лаптоп за едно дете) кој предвидува подарување на лаптоп на секое дете во образовниот процес, токму се базира на Линукс. Ако се има предвид дека веќе се испорачани над шест милиони компјутери, тоа се веќе сериозни бројки. Мислам дека се почна во мај 2003 година, кога Градскиот совет на германскиот град Минхен реши да го замени софтверот на 14.000 административни компјутери со Линукс-базиран ОС. Дотогаш ретко кој го земаше за сериозно ширењето на овие софтвери за домашна употреба. Линукс базираните оперативни системи го држат пазарот на серверските апликации, а интересно е што до август 2008, 423 од 500 суперкомпјутери во светот, односно силни 84,6 отсто, работат на Линукс. Да нема забуни, 90 отсто од персоналните компјутери во светот работат на некој Мајкрософтов ОС. Во ваква констелација можеби се чини смешно да се зборува за идно загрозување на позицијата на гигантот “Мајкрософт“, но сите последни случувања не наведуваат така да мислиме. По проблемите со Виста, од типот на неколкугодишно доцнење, проблеми со драјвери, честото паѓање на системот, сложеноста, многумина се одлучуваа за Виндоус Икс Пи, но сега кога дистрибуцијата на Виндоус ИксПи е прекината, многу е полесно да се одлучиме за Линукс. Згора на тоа, Линукс ги има симпатиите не само поради тоа што е бесплатен, туку поради пркосот кон светската доминација на гигантите, во овој случај “Мајкрософт“.
Сметајќи дека пристапот до знаењето треба да биде бесплатен, Ричард Стелман во далечната 1983 за првпат го почнува ГНУ проектот за слободен софтвер. Со помош на ГНУ алатките, осум години подоцна, во 1991 година, финскиот студент Линус Торвалдс, од хоби го создава Линукс Оперативниот софтвер, чие јадро, односно кернел, бесплатно е предаден да се користи и модификува. Линукс кернелот е рÄбетот на сите Линукс апликации. Тој постојано се унапредува и модификува. Денес постојат стотина оперативни софтвери кои го содржат овој кернел. Добар дел од нив се бесплатни, како што е случајот со Убунту, но има и такви за кои ќе треба да издвоите неколку стотици евра за комерцијално користење, како што е случајот со Ред Хатовиот Федора. Сепак, придобивката од постоењето на слободен софтвер од овој вид е повеќекратна. Прво, секој што има хардвер, може да го користи без да плаќа за ОС, што е многу згодно за средношколците и студентите, како и за сите финансиски нестабилни. Второ, Линукс ја охрабрува заедницата да го шири ГНУ проектот. Во преамбулата на ГНУ Општата јавна лиценца стои: “…Лиценците за повеќето софтвери се дизајнирани да Ви ја земат слободата да ги разменувате и менувате. Спротивно, ГНУ Општата јавна лиценца има намера да ја гарантира Вашата слобода да го разменувате и менувате слободниот софтвер, за да се осигура дека софтверот е бесплатен за сите корисници…“. Но затоа подолу во лиценцата стои дека софтверот не е подложен на гаранција поради бесплатноста. И покрај се, Линукс заедницата расте. Засега не може со сигурност да се процени колку компјутери работат на Линукс поради неможноста да се контролира слободната размена. Дефинитивно, Линукс е нешто за што ќе се пишува и зборува во иднина многу повеќе.
Трајче СТОЈАНОВ, дипл.инг.арх.
Обајвено во број 92.