Штипјанецот Влатко Зејтиников го заврши својот нов дом. Тој е сопственик на првата куќа изградена од брод ски контејнери, пионер во користење на материјали кои значат екологија, заштеда и пониска цена на чинење.
Тула по тула, изградбата на куќа
како семеен дом во Македонија
не е лесна работа. Не само што
е тешка и скапа инвестиција, туку
за неа е потребно и многу време.
Со оглед на економската состојба,
животите на многумина Македонци
се вградени во куќи кои по обичај
траат со генерации. Со желба да има
сопствен дом, свој покрив над глава,
семејна куќа побрзо, поефикасно
и поевтино, штипјанецот Влатко
Зејтиников извесно време барал
начин како сите овие квалитети
да ги спои во едно. И решението
го нашол во искористувањето
на бродските контејнери, за што
пишувавме во едно од претходните
изданија на „Порта 3“ (број 151
од февруари 2011). Со почетен
буџет од 4.000 евра, Зејтиников
даде одговори на овие прашања
со првата еко-куќа на Балканот,
направена од бродски контејнери
и тоа за само шест месеци!
Времето поминато во
истражување, сурфањето по
Интернет, прегледувањето на
модели и софтверски апликации
како најпрактичен советник за
Зејтиников не било губење на
време туку, напротив, му дало
вистински одговор и правец каде
да го бара решението за својот
иден дом базиран на енергетска
ефикасност, мала тежина, а огромна
носивост и издржливост и, пред сè,
поевтина цена на чинење. Една од
движечките сили која го натерала
Зејтиников да направи ваква куќа
е токму еко-компонентата.
Од она што може да се види во
штипската населба Пребег, младиот
Зејтиников успеал безличниот
метал да го претвори во дом со
душа, пријатен за живот на неговото
семејство. „Куќата е комплетно
мој производ. Над 90 отсто од
вложениот труд е моја заслуга и,
пред сè, моја макотрпна работа.
Пред да почнам со реализација
не кажав никому, освен на
сопругата. За секоја идеја требаат
пари, а ограничениот буџет ме
натера два месеца деноноќно
да пребарувам по Интернет, за
да најдам солуција како да го
спојам практичното и реалното“,
вели Зејтиников за „Порта 3“.
Тој ги проучувал монтажните куќи
на „Хот & Хот“, но на крај увидел
дека тоа е прескапа инвестиција. Се
одлучил за бродските контејнери.
На почетокот соседите со доза на
иронија гледале на неговиот обид од
трите бродски контејнери да направи
место за живот. Им изгледало
невозможно, а згора на сè такви
погледи имале и луѓето од кои барал
совет и мислење, иако се архитекти
и дизајнери со соодветно знаење.
Решил да продолжи, да биде упорен
и без оглед на традиционалниот
штипски (македонски) менталитет
да ја истурка работата до
крај и од металот да направи
фини урбани ѕидови.
„Предноста во градењето на
ваква куќа е прво што е економски
поисплатлива, дури за 40 отсто од
класичната бетонска градба. При
градењето на оваа куќа нема трошок
за бетон, а со тоа и нема емисија на
штетни гасови при изготвувањето
на бетонот. Контејнерите се
купени половни, подготвени за
рециклирање, така што е заштедено
и на испуштање на емисија на гасови
при самиот процес на рециклирање
на истите. За недостатоци
засега немам пронајдено
податоци“ – додава Зејтиников.
Куќата е на плац со површина од
1.334 квадратни метри. Градбата е
започната со фундамент со носечки
столбови за контејнерите. Долниот простор е претворен во гаражно
место и подрумски простории со
површина од 88 квадратни метри
во основа, а контејнерскиот дел,
составен од трите контејнери, е со
површина од 100 квадратни метри.
Куќата зафаќа вкупна површина од 150
квадратни метри. Преостанатиот дел
од парцелата е предвиден за садење
на дрвја и трева (зелена површина).
Заштедата на енергијата најмногу
доаѓа до израз преку изолацијата.
Внатрешноста на куќата е така решена,
што помеѓу металот и гипсениот картон
е ставена високо квалитетна изолација,
која е иделна и за летни и за зимски
услови. „Како и кај класичната градба
така и овде, доколку нема изолација ќе
биде ладно во зима, а топло во лето.
Со соодветна изолација се решава
проблемот со ниските температури
во зима и топлината на лето. Со
изолацијата што ја поставив можам да
заштедам енергија до 0,25W на еден
квадратен метар. Ова не е произволна
констатација, туку пред сè математичка
пресметка, која се базира на
соодветни модели“ – вели Зејтиников.
Изградбата на куќата ја почнал
со 4.500 евра, колку што го чинеле
трите бродски контејнери купени
од отпад на старо железо. Вишокот
материјал успеал да го препродаде, па
карабината на куќата не го чинела ниту
4.000 евра. Кога ја поминал и фазата
поставување прозорци, пресметал дека
за целата куќа потрошил помалку од
35.000 евра. Ако се спореди со куќа од
класични материјали во кои влегуваат
тули, армирани железа, поставување
на плочи и уште што ли не, излегува
дека оваа цена е повеќе од погодна.
Имено, според пресметките што ги
направил Зејтиников, за просечна
куќа од 100 метри квадратни се
потребни околу 18 тони бетон, 35 тони
песок, 60 тони тула и 5 тони железо.
Емисијата на јаглероден диоксид
при градењето на оваа куќа би била
15 тони од бетонот, околу 8 тони
од тулата и 6 тони од железото или
вкупно 29 тони емисија на јаглероден
диоксид. Во споредба со оваа
градба, кога се гради со контејнери
воопшто нема емисија на ова
соединение, затоа што се употребуваат
веќе користени контејнери
подготвени за рециклирање.
Впрочем, доволно е само да се
земе предвид фактот што добил
куќа за шест месеци, за разлика од
класичните што се градат и со години.
Издржливоста и временската трајност
е уште една важна компонента за
овие објекти. Ваквите градби имаат
неверојатно голема издржливост.
Бетонската конструкција има рок
на траење 100 години, 50 години до
ферментирањето и потоа следува
фазата на еродирање. За разлика
од бетонот, ако металот соодветно
се заштити, има издржливост и до
1.000 години. Зејтиников појасни
дека при изградбата успеал
оксидацијата да ја сведе на минимум.
Освен надворешноста, која не остава
впечаток дека е поразлична од која
било друга куќа, внатрешноста на
првата еко-куќа од бродски контејнери
е импресивна. Иако сè уште во фаза
на уредување, евидентно е дека
фантазијата и имагинацијата на
сопственикот дошле до израз. Тоа
покажува дека се можни различни
солуции, во зависност од вкусот на
луѓето што води кон неограничени
можности за моделирање на металот,
а со гипс картонот до совршенство
и ентериерна шареноликост.
На крајот на краиштата, се смени и
„сарказмот“ кај соседите. Оние што до
вчера се смееја, сега само љубоморно
ја гледаат куќата со која Зејтиников
привлекува големо внимание.
Некои признаваат и срамежливо
прашуваат… од каде да почнам?
КАРАКТЕРИСТИКИ
НА БРОДСКИОТ
КОНТЕЈНЕР
Станбениот контејнер
е со димензии 12,2м х
2,6м х 2,4м. Основната
конструкција му е
челичен рам кој ги следи
правоаголните облини,
а во самиот рам се
вградени подни, ѕидни и
кровни облоги. На врвот и
дното на конструкцијата
се наоѓаат отвори за
закачување и утовар
на контејнерите. Со
спојувањето на два или
повеќе контејнери можат
да се изградат комплексни
и атрактивни објекти.
Бидејќи конструкцијата
е веќе изготвена, се
заштедува на време во
изградбата и квалитетот
на објектот. Поради
преголемата застапеност
на стари контејнери кои би
требало да подлежат на
рециклирање, достапноста
и исплатливоста за
нивна набавка е повеќе
од очекувана.
За набавка на еден
контејнер, во зависност од
оддалеченоста на земјата
во која се наоѓа, потребни
се од 800 до 1.500 евра.
Станува збор за модулар
(карабин) од 30 квадратни
метри. Значи, за еден
квадрат цената е просечно
35 евра. Оваа цена е за 65
отсто пониска од цената за
класична бетонска градба.
Во западните земји
постои и стимулација од
страна на државата, која
партиципира кај оние
што сакаат да прават
куќа од контејнери.
За многу западни
влади ова е поевтино
отколку контејнерите
да се рециклираат и
разградуваат, што е
прилично скап процес.