Насловна / Форум / Недоречена архитектонска и урбанистичка слика

Недоречена архитектонска и урбанистичка слика

Борис Чипан, професор на Архитектонскиот факултет во пензија

 

Се води дискусија без доволно сигурни аргументи и во неа се меша сe, од традиција до стилови и историски епохи, се даваат аргументи од нешто видено и што уште не. Во историјата на архитектурата владеат две аксиоми.

Едната е дека  секоја историска епоха гради архитектура од своето време. Таквата архитектура ја создаваат властите со своите програми за архитектурата и на тој начин се доаѓа до она што упростено го викаме стил на епохата. Тоа не е само архитектура, туку и начин на облекување, ниво на технолошки можности во таквата општествена ситуација. Во архитектурата стиловите се јасно распределени, од антички (грчки и римски), преку романтика, готика, ренесанса, барок, рококо, академизам. Денешната епоха нема јасен наслов, но општоприфатено е од 30-тите години на минатиот век архитектурата да се именува како модерна, или подобро речено, современа. Епохата што уште трае се карактеризира со висока технологија, богатство на материјали и неодреден однос на раководството, т.е. општествената власт. Но, секој гледа во некоја иднина, никој не гледа назад. Традицијата ја чуваат остатоците од минатите епохи, јазикот и паметењето.
Скопје како град веќе има некаква, макар и куса традиција во архитектурата. По Втората светска војна Македонија создаде и власт, која имаше јасно изразено влијание на архитектурата. Започна со имитација на поголемиот брат – СССР, но многу бргу се ослободи од тоа влијание и тргна по патеката на модерната, или подобро речено современата архитектура. Во сите јгословенски градови до распаѓањето на Југославија, се создадени многу архитектонски објекти кои сведочат за тоа време, а нивните вредности понекаде достигнуваат и светско ниво. По тој пат тргна и Скопје, особено по земјотресот кога во обновата на градот се вклучија светски познати урбанисти и архитекти, а тој тренд требаше да продолжи и по осамостојувањето на Република Македонија. Познато е дека урбанистичкиот план за обновата на Скопје го изработија голем број екипи од сите области на живеење, но македонските раководители на општеството имаа влијание и врз овој генерален урбанистички план. На конкурсот за урбанистичко решение на градскиот центар беа поканети осум светски познати фирми, а наградата ја доби познатиот јапонски архитект и урбанист Кензо Танге. По тој урбанистички план градскиот центар започна да се реализира во некои сегменти, но за жал, двете битни сугестии од тој план останаа нереализирани: големиот ринг и потесниот градски простор со главниот градски плоштад и неговата поблиска територија. Долго време овој проблем остана нерешен, а посебно градскиот сообраќај во тој простор кој денеска достигна до хаос.


Не ми е познато од кои причини три југословенски конкурси со доделени први награди и реализација останаа нереализирани. Во 1997 година некој од тогашната власт се сети да го претстави проектот на Кензо Танге за застарен и несоодветен на новата општествена ситуација и да го измисли Малиот ринг. Таа власт направи конкурс за уредување на Малиот ринг, т.е. просторот од двете страни на Камениот мост. Врз основа на тој конкурс е изработен детален урбанистички проект за овој простор, кој е усвоен од Советот на Општина Центар. Тој план препорача слободна агресија на урбаната мафија и, што е чудна вистина која денес некои ја одрекуваат, на градскиот плоштад фиксира две маркички кои јасно сугерираа реконструкција на двата најкарактеристични предземјотресни објекти – Офицерскиот дом и Народната банка. Но, просторот околу Плоштадот како проколнат и понатаму остана празен. Денес не навлегувајќи во економските проблеми на Македонија, сведоци сме на една програма и обид за реализација на овој простор околу Плоштадот, со зафаќање и на територијата на левиот брег на Вардар. Ни се презентира една архитектонска и урбанистичка слика која, верувам, сите македонски архитекти ги доведува во ситуација на вчудоневиденост. Со проектот на Кензо Танге левиот брег беше дефиниран како културен центар на Скопје и на Република Македонија, со згради на операта, филхармонијата и модерна кино сала, заедно со банката и музичката академија. Тој простор остана недовршен и сега се предлага изглед на филхармонијата во заднината на нови згради покрај кејот.


Приказната за стариот театар е долга и датира од пред 20-тина години, можеби и повеќе, кога една група скопјани – носталгичари инсистираше на негова реконструкција иако имавме доста театри, а малку публика. Најпосле, се прифати и таа реконструкција на театарот, отпочна неговата реализација по проект на објектот што од едната страна е превртен, со влез од Камениот мост и е како хибрид, затоа што не беше можно во новите услови да се изработи тотална реконструкција. Во останатиот дел со најновата урбанистичка слика од историски надминати декоративни елементи сe е распоредено на еден премногу збиен градски простор кој не претставува кохерентна градска слика, зашто со реката Вардар е разбиен на два дела. Денешниот градоначалник во одбрана на оваа презентирана архитектура го споменува Вашингтон. Тоа се два сосема спротивставени случаи, бидејќи Вашингтон е на огромен простор и е граден во едно време кога САД сe уште имаше паметење од европскиот 19 век. Нам овде денеска ни се презентира недоречена, некохерентна урбанистичка и архитектонска слика со која залудно се трудиме да ги изразиме нашето време и нашата традиција. За жал, архитектонската традиција на тој простор допира само до почетокот на 20 век и не е наша.


Не ме изненадува буквалната реконструкција на зградата на Офицерскиот дом, порано наменета за градска куќа, а потоа пренаменета во хотел во кој има еден кат за градоначалникот. Ме изненадуваат коњите пред Камениот мост. Во едно мое поранешно пишување кога изразував револт против обновата на овој објект, ги споменав и предвоените коњички статуи на српските кралеви, како иронично потсетување на тоа дека и Офицерскиот дом е од истата традиција. Денес се скандализирам од замислата да се репродуцира една окупаторска традиција. Од целава оваа слика најмногу ме фрапира триумфалната капија. Во нејзиното прикажување недостасуваат уште барелјефи за декорација. Не ми е познато кој македонски воен триумф ќе биде прикажан таму, освен ако не се копира барелјефот од саркофагот на Александар Велики кој се чува во Истамбул.


Не сакам и не си дозволувам да зборувам за спомениците-скулптури поради тоа што единствено преку нив може да се презентира македонската традиција изразена во долготрајните востанички напори да се создаде сегашната македонска држава. Но тие, освен израз на темата традиција бараат и соодветен амбиент, а не да се поставуваат каде било.


Презентерите на овој проект непрекинато тврдат дека с¢ е правено транспарентно и преку конкурси на кои во сите комисии за оценка на проектите учествувале и архитекти од странство. Навистина се добива впечаток дека сево ова има стручно покритие.


За крај ќе цитирам една мисла на францускиот филозоф и историчар на уметност Саломон Ренак во книгата “Аполо. Во времето на Луј 14 е создадена Француската академија на уметности. За состојбата на ликовната уметност од тоа време, инспириран од еден од најслабите тогашни сликари, Лебрен, Ренак има напишано една саркастична реченици: “На едниот (Луј 14) му требаше слуга, а другиот (Лебрен) си го најде својот господар.     

Испрати коментар

Scroll To Top