Пицеријата AMATTI што се
наоѓа во новоотворениот
Супер Центар „Веро“ со
својата суптилна и непретенциозна
поставеност, претставува едно
од најквалитетните ентериерски
изведби во самиот простор. Сместен
на површина од педесетина метри
квадратни, објектот креира еден
успешен спој на функционалното и
естетското обликување, со што е добиен
пријатен и релаксирачки простор,
кој привлекува безброј посетители.
Локалот е дизајниран од
проектантското студио „Биропроект“,
а како автори на ентериерот се
појавуваат младите архитектки
Сандра Дончева и Вања Дончева.
Целиот простор со својата идеја и
избор на материјали, во потполност ја
оправдува својата основна намена.
Така,
концепциски, просторот е поделен
на работен дел во предната зона, и
помошен дел во задната зона која е
надополнета со една канцеларија и една
остава за потребите на вработените.
Исто така, изложеноста и современиот
дизајн на опремата се во корелација со функција на локалот. Во ентериерот се употребени
квалитетни и урбани материјали,
детали и форми кои со своите
едноставни, ненаметливи и свежи
бои ја потенцираат опуштената
екстровертност на локалот.
Обработката на ѕидните
површини во помошниот дел е
дефинирана со лесно монтажни
пвц панели “VOX” поставени на
потконструкција во комбинација
на орев и бела боја. Во овој
простор се наоѓаат и елементи од
инокс потребни за подготовка на
храната.
Ѕидовите во предниот
дел во комбинација на зелена
и бела боја се надополнети со
апликации од форекс што како
идеја потекнува од состојките
на храната која се продава.
Она што дополнително може да
се издвои како најдоминантен
елемент од објектот е секако
сегментираниот пулт од медијапан
кој со својата минималистичка
и истовремено, отворена
линија му дава разиграна форма
на просторот. Останатите
работни површини и полици
од оплеменета венге иверка
во заднината уште повеќе го
надополнуваат севкупниот
пријатен впечаток.
Осветлувањето, исто така
претставува фин естетски момент
во доживувањето на целиот
амбиент.
Повторно се работи за
мошне суптилно решавање на
целиот ентериер, а плафонот што
е посебно дизајниран, на целиот
простор му дава издвоен изглед,
кој истовремено го покажува
современиот авторски пристап на
самите архитектки, и зборува за
еден темелен и сериозен однос,
кога е во прашање дизајнирањето
на ваков тип објекти.
Дејан БУЃЕВАЦ