По нарачка од Владата Општина Карпош донесува Урбанистички план вон населено место Горно Нерези за локалитетот “Македонско село” и измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за Реонски центар Карпош 3, западен дел. Овие два проекта се дел од владината програма за оваа година и имаат приоритет, па плановите ќе се донесат по скратена постапка. Урбанистичките планови ги изработи Агенцијата за планирање на просторот, за Македонско село на конкурс се избра и идејното архитектонско решение што го изработи фирмата “Тетракис”, а јавната расправа за двата плана веќе заврши.
Македонското село кое всушност ќе биде музеј на отворено и ќе ја претставува ендемската македонска архитектура и традиција ќе се наоѓа на падините на Водно, над манастирот “Свети Пантелејмон”, јужно од селото Горно Нерези, кое пак е на северните падини на Водно, на надморска височина од околу 640 метри. Маргарита Кузмановска од Агенцијата за планирање на прострот објаснува дека селото е третирано како една целина со површина од нешто повеќе од два хектари и се надоврзува на споменичниот комплекс “Свети Пантелејмон”, односно ќе претставува комплекс на градби во една градежна парцела. На тој простор е планирано да се изградат десетина куќи во различни архитектонски стилови карактеристични за традиционалната македонска селска архитектура во кои ќе се презентираат старите македонски занаети како грнчарскиот, пекарскиот, бочварскиот и други, а и ќе се продаваат предметите што ќе се изработуваат таму. Исто така, треба да има и отворен амфитеатар, музеј, парковско зеленило со рибник, воденица, трло, ан каде што ќе може и да се преноќи и друго што би го отсликало некогашниот живот во македонските села. “ Основа за изработка на овој план е Стратегијата за одржлив развој и Програмата на Владата. Функцијата е фокусирана на развој на туризмот и културното наследство “, вели Кузмановска.
Македонското село ќе биде пешачка зона, но ќе се дадат можности за движење на противпожарни возила и за пристап на хендикепирани лица. До него ќе се доаѓа преку постојниот кружен пат од Скопје преку хотелот “Панорама”, средно Водно и селото Горно Нерези, кој ќе се прошири и ќе се адаптира според сегашните стандарди. Ќе има само еден влез, од манастирот, односно од двата паркинга на кои нема да се интервенира, освен што соодветно ќе се осветлат. Меѓу манастирот и селото е предвидена контактна, таканаречена зелена тампон- зона, каде што има гробно место и стари ѕидини кои ќе останат какви што сe.
Планерите од Агенцијата за планирање на просторот велат дека без проблеми ќе може да се изведе инфраструктурата за селото. На еден од паркинзите ќе се изгради трафостаница, телефонските врски ќе се искористат од манастирот, а канализацијата и поречистителната станица од селото. За снабдување со вода ќе треба да се изгради резервоар, но не се знае кој водотек ќе се искористи. Од разговор со мештаните е констатирано дека може да се користи бунар во близина во селото или локален извор во месноста викана Рамнина, но допрва треба да се утврди капацитетот и квалитетот на водата од тие изворишта.
Иако дел од планината Водно е под посебен режим на заштита, планерите сметаат дека има можности за вклопување на македонското село во нејзините пазуви. Имено, за разлика од манастирскиот комплекс, кој е заштитен со прв степен, локацијата каде што ќе се гради селото е со статус на заштита три и е со шести пропишан режим на заштита, што значи дека тоа подрачје треба да биде отворено за јавен промет.
Професорот на Архитектонскиот факултет и екологист Михаил Токарев, кој присуствуваше на стручната расправа за овој урбанистички план, забележа дека ваквиот концепт на градење виртуелни села во развиениот свет е напуштен пред 20 години, зашто го означува поразот на државата во заштитата на културното наследство. “Државите развиваат концепт на селски туризам престојуваат туристи, во некои земји во таквите села тие и стопанисуваат. Но, во тие села има автентични куќи”, рече тој . Од еколошки аспект Токарев предупреди дека Водно, кое е бели дробови на Скопје, и онака полека се “грицка”, а сега се навлегува во неговото срце. Тој изрази уверување дека ова ќе доведе до узурпација на просторот и ќе отвори врата и за други интервенции. “Капацитетот на Скопје веќе е надминат и ако се продолжи со градења како на пример на Македонско село, Сончев град, елитна населба во Ѓорче Петров, ќе се предизвикаат огромни штети”, рече тој. Професорот имаше забелешки и на тоа што овие проекти ги иницира Владата. “Каде во светот просторот се планира според програма на Влада? Од кога Владата стана урбанистичка институција? Треба ли да ги наведнеме главите како стручњаци и да молчиме кога нестручњаци ќе ни кажат што да правиме?”, праша тој.
На иницијатива на Владата на потегот меѓу булеварите Партизански одреди и Илинден и улиците Љубљанска и Манапо треба да никне деловно-станбен и спортски комплекс наречен реонски центар Карпош 3, чиј западен дел го третираат измените и дополнувањата на ДУП што беше на јавна расправа во Општина Карпош. Раководителот на тимот од Агенцијата за планирање на просторот кој го изработи овој ДУП, Мирко Андовски, вели дека реонскиот центар содржи шест целини со посебни намени, планирани како мегапарцели со цел во понатамош ната обработка со архитектонско урбанистичко решение да се даде поголема слобода во моделирање на просторот. Тој појаснува дека ДУП само ги одредува намените и висината на објектите. Така, една од парцелите е со комерцијален карактер, предвидена е за трговски центар со висина на објектите ограничена на максимални 22,5 метри. Во парцелата предвидена за групно домување зградите може да бидат високи до 60 метри, но се сугерира една 14-катница и други пониски објекти за да се разбие монотонијата. Предвидена е парцела за спорт на отворено и уште една за спорт на затворено со фитнес центри, базени и слично, каде што објектите не смеат да бидат повисоки од 22,5 метри. Задржана е и парцелата на спортското друштво “Партизан” кое може да се надгради уште 15,5 метри и една локација за црква чија височина ДУП не ја одредува.
Со предложените измени на овој ДУП веројатно ќе се дислоцира каналот кој ги собира водите од Водно и ги носи во Вардар, зашто таму има водови на “Топлификација”. Дали ќе се направи тоа треба да се одлучи со архитектонско-урбанистичкото решение, но сугестија на планерите е каналот да се дислоцира и да се смести во еден единствен инфраструктурен вод. Во реонскиот центар треба да има шест трафостаници, кои се предлага да се изградат под земја. Со измените на ДУП се дава можност за два сообраќајни влеза од улица Љубљанска и три од улица Манапо, но и тоа ќе се реши со архитектонскиот поект. “Планерите само даваат лимит како да се уредува просторот”, потенцира Андовски.
На јавната расправа за ДУП за Реонски центар Карпош 3 жестоки реакции имаше од претставници и членови на спортското друштво “Партизан”. Тие се незадоволни од тоа што треба да се уништат неколку нивни зелени спортски терени и околу 200 садници за да се изгради сервисна улица и од тоа што е предвиден паркинг пред самата зграда, зашто, како што велат, издувните гасови од возилата ќе влегуваат во салите каде што вежбаат и тригодишни деца. Тие сметаат дека измените на овој ДУП не се во согласност со Генералниот урбанистички план, но Андовски тврди дека планот е правен строго според ГУП, зашто во спротивно постои опасност Уставниот суд да го поништи.
С.В.
Објавено во број 91.