Eден од најпознатите британски уметници,
Ентони Гормли неодамна ги постави
своите човеколики скулптури на
покривите и на врвовите од зградите во
урбаното јадро на Њујорк како јавна
инсталација наречена „Event Horizon“.
Скулптурите од железо и фиберглас го
претставуваат токму самиот уметник, во
природна големина.
Така, 31 скулптура го најдоа
своето „место под сонцето“ на рабовите на
зградите на „Madison Square Parк“ во средиштето
на Менхетн. Иако тоа не било намера на
уметникот, тие ги вознемирале минувачите што
не можеле, а да не ги забележат контурите на
скулптурите над нивните глави. Прво на што
помислиле, е дека некој сака да скокне од
зграда. „Не знам што да кажам, но навистина е
вознемирувачки да се погледне горе и да се
види човек на работ на зграда“, изјавила една
минувачка за њујоршките медиуми.
„Сепак не се работи за скулптури-самоубијци“
вели контровезниот уметник. Тој само сакал
луѓето да станат посвесни за своето
опкружување, да застанат, да се замислат или
да почнат да сонуваат. „Ова е еден ангажиран
свет во кој луѓето многу работат. Да се дојде до
52. улица на Менхетн ви требаат 15 минути, а на
некој начин за тоа време луѓето овде немаат
време да се свртат околу себе, да ја забележат
околината, да погледнат горе и да ја видат
убавината што се наоѓа околу нив“, кажува
Гормли. Оваа инсталација премиерно била претставена
2007 година во Лондон, а во Америка
пристигнала пред два месеци за да ги
„прошири видиците на американските
вработени во Њујорк“.
„Имаме облека, имаме згради и имаме нешто
што се нарекува хоризонт. Хоризонтот на еден
начин е нашата перцептивна кожа, тоа е работ
на нашата перцепција. А јас мошне уживам во
раскинувањето и тестирањето на тие граници,
за да можеме да видиме дали е можно да се
замислува вон тој хоризонт“, објаснува Гормли.
Овој 60-годишен британски скулптор, во светот
стана познат со својата монументална
скулптура „Angel of the North“, изработена во
железо и поставена во Гејтсхед, во
североисточна Англија, од каде што доминира
над целиот простор. Оваа скулптура на анѓел е
висока 20 метри, а распонот на неговите крилја
е 54 метри. Поставен на рид го надгледува
автопатот A1. Со овој њујоршки проект, Гормли
повторно успеал да ги натера луѓето, сепак, да
застанат и да ги прошират своите хоризонти на
некои поголеми оддалечености од границите на
сивиот бетон, во кои најчесто зјапаат гледајќи во
подот и брзајќи некаде.
Ентони Гормли е уметник кој сака и знае да
изненади, без разлика на тоа колку неговите
уметнички идеи и замисли ќе им се допаднат на
луѓето. Со својата уметност, со своите фигури,
носи „чувство на драма и театар“.
Дејан БУЃЕВАЦ