Проектантскиот тим на Биро Проект, во овој проект имаше голем предизвик.
Од гарсониера со површина од 32 м², која содржи дневна соба, кујна и
бања, требаше со реновирање да се добие уште една соба – спална соба, со
што станот целосно би ги задоволил барањата и потребите на
инвеститорот. По извршениот увид, прифатените идејни скици и направениот
проект за реновирање, почетокот беше насочен кон грубите
градежно-занаетчиски работи.
Тие подразбираа рушење на постоечки скали, рушење на дел од фасаден ѕид, спроведување потребни инсталации за новата местоположба на кујната и дооформување на адаптираната спална соба со нови ѕидови од гипс картонски плочи, поставени на сопствена потконструкција.
Активностите продолжија со вадење на дотраениот паркет од дневната соба и кујната, кршење на постоечките ѕидни и подни плочки во бањата, како и промена на електричната инсталација во целиот стан.
Функционирањето на станот стана комплетно со опремување на спалната соба, која со новиот проект се предвиде на местото на кујната и таа има излез кон терасата.
Се оформија нови скали во дневната соба со што се овозможи исто така излез кон терасата, што всушност беше и приоритет во создавањето на идејни решенија. Кујната своето место го најде како сегмент во дневната соба, со поставување на шанк помеѓу двете функции.
Комплетното реновирање на станот се надополни со минималистичкиот ентериер, кој беше проектиран исто така од страна на стручниот тим на Биро Проект.