Насловна / Градежништво / Не е доволно само да се изградат брани

Не е доволно само да се изградат брани

ne-e-dovolno-1.jpg"Заборавените" брани и вештачки акумулации се причината зошто сега ни се
случува она што се случува – излевање, нарушување на нивната статика,
отворање на процепи, големи штети, опасност за населението. Последните
случаи со излевањето на браните Слатино и Пишица ја потврдува
констатацијата дека станува збор за опасни локации на кои треба час
поскоро да се интервенира за да се избегне сегашната состојба.

 

Состојбата е иста речиси на сите постари брани. Во годините наназад не е направена некоја соодветна интервенција или пак реконструкција, иако тие вештачки езера се изградени со одредена цел. Нема анализи кој ги одржува и колку низ годините се проверувала нивната исправност. Се стравува дека состојбата е слична со останатите мали акумулации. Иако Македонија има Национална стратегија за води, впечаток е дека во земјата се мешаат надлежностите, а во вакви непогоди ретко кој сака да ја прифати одговорноста.

 

Одржувањето на над дваесет вештачки акумулации се префрла меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, регионалните водостопански организации и локалните власти. Во случајот со браната на Слатинско Езеро, по барање на Дирекцијата за заштита и спасување, поради недостаток на опрема за дејствување во такви околности, односно отворање на испусните вентили за одлив и намалување на нивото на водата, интревенираше Територијалната противпожарна единица при општина Охрид. Пожарникарите пристапија до блокираниот вентил, навреме го отворија, а со тоа обезбедија проток на вода од езерото и намалување на нивото на водата.

Но големиот талог на дното на езерото беше пречка да се отвори главниот испустен вентил на браната. Искуствата од овој вид во Македонија зборуваат дека најчесто за таа намена се ангажираат стручно обучени нуркачи.

Тие го отворија главниот испусен вентил на Пишичка брана. Откако се направени огромни штети надлежните најавија санација на оваа брана. Поплавите сигурно ќе повлечат нови и темелни истражувања за состојбата на малите акумулации. Македонија има голема традиција во изградбата на браните. Една од најстарите е браната Матка изградена во 1936 година. Браната го издржала и земјотресот од 1963 година во Скопје. Високите брани во Македонија се во надлежност на Електрани на Македонија ЕЛЕМ и сите тие се исклучително сигурни. Законски за сите брани е задолжително следење на нивното однесување со инструменти, а контролата на инструментите ја прават стручни лица. Браните треба постојано да се под контрола и да имаат низа сензори за следење на водениот притисок, ама и за останатите параметри, како што се поместувањата и температурите во одделни делови од браните. За состојбите со браните во Македонија зборува професорот Љубомир Танчев, кој е добро запознаен со состојбата на 27 бетонски и на над стотината мали брани. "Сите брани во Македонија се поделени на големи и мали. Во големи брани спаѓаат оние со висина поголема од 15 метри, но и оние со висина меѓу 10 и 15 метри, доколку ги исполнуваат потребните услови. Околу 20 брани, кои се големи, се третирани од посебен интерес за државата. Но тука има еден друг проблем. Има неколку брани кои се доволно високи и ги исполнуваат условите да бидат големи за да бидат од посебен интерес, но тие сепак се третираат за мали и за нив речиси никој не води грижа.

 

ne-e-dovolno-1.jpg

 

Таков е случајот со браните Слатино и Пишица, но и неколку други. За сите укажувавме уште пред многу години дека треба да се води сметка, како да се големи, но нашите предлози не беа прифатени и ете сега што се случи", објаснува професорот Танчев. "Големите брани", додава тој, "се снабдени со инструменти кои сигнализираат, но повеќето од нив со тек на времето откажале од работа, а имаше случаи кога инструментите се расипуваа уште при првото полнење на браната и така останаа. Кај малите брани, пак, проблемот е што не се направени како што треба. Најчесто се штеди на преливникот или тој е несоодветно направен. Поради тоа браната се полни со вода и кога ќе стигне до ниво на излевање нема што да ја спречи водата, затоа што преливникот или го нема или е многу мал и не може да ја собере водата. Таков беше сега случајот со Слатино и Пишица, но не е исклучена можноста истото да им се случи и на Новоселска, Иловица или друга брана.

 

Сите тие потенцијално се опасни ако дојде голема вода, а сето тоа поради несоодветен прелив и неконтролирање". Првичните процени се дека вкупното оштетување на браната Слатино е со должина 15 до 20 метри од круната на браната и со висина од околу 18 метри и при тоа висината на земјениот насип во зоната на оштетувањето не е поголема од еден метар од страната на водата. Професорот Танчев вели дека оваа зона најдобро е да се обложи со геомембрана, да се направи бетонски темел, а од горе да се обложи за да не продира вода. Браната е санирана пред точно 20 години. Во 1993 година езерото било целосно испразнето и откако била поправена браната, езерото повторно било порибено. Но, тоа не значи дека грижата треба да престане со секоја направена санација. Мора барем еднаш годишно да се контролира во каква ситуација се ваквите помали брани, кои низ Македонија ги има околу стотина. Слатинско Езеро е долго еден километар, а најголемата широчина изнесува околу 600 метри. Максималната длабочина е до девет метри и акумулира до милион кубни метри вода. Последен пат браната во Слатино попушти во јануари 2011 година, кога земјениот насип пропадна на површина од околу 80 квадратни метри. Вештачката акумулација, направена во 1963 година, се полни со вода од Мраморечка Река.

 

Вкупно собира 1,4 милион кубни метри вода, со кои се наводнуваат 420 хектари земјоделско земјиште во тој крај. Познавачите велат дека во Македонија има многу земјени насипи за акумулации кои се користат пред сè за наводнување, кои мора редовно да се одржуваат за да не се повтори ситуацијата со Гевгелиско, кога во поплавите во 2004 година засекогаш исчезнаа ваквите езерца. Гевгелиско ги загуби своите мали земјени брани за наводнување во големите поплави во 2004 година, но сега и Охридско може да биде во слична ситуација. Согласен со тоа дека браните не е доволно само да се изградат и да се остават на времето е и проф. д-р Љупчо Петковски, раководител на Катедрата за хидротехнички објекти на Градежниот факултет во Скопје и претседател на Комисијата за брани на Министерството за животна средина и просторно планирање. "Несомнено дека не е доволно само да се изградат браните, туку неопходно е и правилно да се одржуваат. Постојат четири фази во реализацијата на браните.

Тие етапи се истражување, проектирање, градење и одржување. Во сите фази треба да се почитуваат строги стандарди зошто се работи за исклучително сложени градежни објекти", објаснува Петковски. Тој го објаснува начинот на одружување на браните, кој се состои од техничко набљудување, проценка на сигурноста и навремена санација на евентуални оштетувања. Во текот на експлоатацијата, со оскултацијата на браната се регистрира однесувањето на реалниот објект и се споредува со одговорот на моделот. Од споредбата се проценува степенот на регуларно однесување на реалниот објект.

 

ne-e-dovolno-2.jpg

 

Доколку има отстапувања, надвор од предвидените граници, тоа би била прва индиција дека се случило некакво оштетување и дека е потребна санација на браната. Што се однесува до последната катастрофа, која се случи со излевањето на браните Слатино и Пишица, Петковски дава објаснување дека тоа е дојдено од неколку причини. Преградниот профил на браната Слатино не бил доволно истражен. Во левиот бок се застапени карстифицирани варовници, со големи понори и каверни, низ кои водата директно истекувала од акумулацијата. Со тек на време струењето на подземната вода во левиот бок прогресивно се зголемувало и дел од привилегираната филтрација завршувал во близина на низводната ножица на браната. Исто така не е изведена дренажна конструкција во низводниот дел, и дошло до интензивна механичка суфозија на земјениот материјал.

Со изнесувањето на цврстите честици ослабнала долната зона и дошло до уривање на низводното тело на браната по кружни површини на лизгање, практично од круната до низводната ножица. Во средишниот дел на браната, во широчина околу 10 до 15 метри, остатокот од напречниот пресек на браната се наоѓа во состојба на гранична рамнотежа, со што во оваа фаза санирање на браната е со неприфатлив ризик, објаснува Петковски. Според него до катастрофата е дојдено и поради тоа што оштетен е затворачот на темелниот испуст, а и доколку се отвори, во услови на врнежлив период празнењето на акумулацијата до безбедна кота, поради недоволен капацитет може да се пролонгира на 20 до 30 дена. Како најзначајно, во фаза на експлоатација, целосно затаило одржувањето на хидросистемот.

 

ne-e-dovolno-3.jpg

 

Така, нашата негрижа довела до деструкција на овој драгоцен водостопански инфраструктурен објект, наследен од нашите претходници. Што се однесува, пак, до браната Пишица, Петковски вели дека податоците со кои располага се непотврдени, но сепак според него од интензивните врнежи генериран бил поплавен бран во сливот, за кој бил недоволен капацитетот на преливниот орган и ретензиониот простор во акумулацијата. Водното ниво во акумулацијата се подигнало над кота на круна на браната и дошло до течење по низводната косина. Оваа појава, која е недозволива кај браните и која не би се случила доколку биле запазени стандардите за хидролошка сигурност, довела до ерозија на низводната ножица. Оваа ерозија со тек на време се продлабочувала кон круната на браната. Завршниот облик на уривањето кај Пишица е сличен со формата кај браната Слатино, но причината за уривањето е целосно различна. Со уривањето на низводниот дел на браната од круната до ножицата, во средишниот пресек на браната дојде до директно истекување од акумулацијата. Во услови на површинско течење низ пробивот практично е невозможно да се интервенира во најоштетениот дел на браната, смета Петковски. Состојбата со стабилноста на двете брани е многу сериозна, а населението во низводните долини треба да биде предупредено и евакуирано. Санација на браните е можна само откако ќе се испразнат акумулациите. Двете брани се толку силно оштетени, што санациите практично ќе се сведат на изведба на нови брани, секако, доколку постои интерес на тие преградни профили и во иднина да постојат брани и акумулации за водокорисниците, вели Петковски.

 

Катерина Спасовска-Трпковска

Испрати коментар

Scroll To Top