Насловна / Вести / Од „НИМБИ“, „БАНАНА“ и „КЕИВ“ до „ЈИМБИ“ и „ЈИМФИ“ со намален данок на имот?!?

Од „НИМБИ“, „БАНАНА“ и „КЕИВ“ до „ЈИМБИ“ и „ЈИМФИ“ со намален данок на имот?!?

nimbi.jpgБез оглед дали се работи за
урбана, субурбана или рурална
средина, секој нов објект лесно
може да биде предмет на реакции,
како од поблиските и подалечните
соседи, така и од пошироката
јавност.

Во глобалното постмодерно,
постиндустриско и постхумано
општество на доцниот дваесетти
и раниот дваесет и први век,
честопати профитот и краткорочните
финансиски добивки се поважни
од добрососедските односи и
почитувањето на средината, дури
и во општествата со декларирани
определби за одржлив развој
и изградба. За транзициските
општества, општествата во развој,
и најнеразвиените региони
и најсиромашните слоеви во
кои било општества, најчесто
ова е уште по изразено.

nimbi2.jpg

 
Ваквата состојба во комбинација
со декларираните демократски
права за консултација при изградба,
адаптација и доградба на објекти
и комплекси, создава поединци и
групи граѓани кои се обидуваат да го
искажат своето мислење во однос на
идниот развој на својата околина. И
покрај тоа што законодавството на
Европската Унија вели дека граѓаните
имаат право на мислење, но не и
право на глас (во смисла да одлучат
по истото), честопати и искажаните
мислења и загриженост на граѓаните
се игнорираат од најразлични
причини, а оние што го искажале
своето мислење се етикетираат како
лица или групи кои го попречуваат
развојот и прогресот на заедницата
и општеството.

 

Ова веројатно
најдобро може да се илустрира
со акронимите со кои, најчесто
потценувачки, се етикетираат оние
што ќе искажат мислење спротивно
на предложеното, во англофонскиот
свет: „НИМБИ“ кое произлегува од
„Не во мојот заден двор“ (NIMBY –
Not In My Back Yard), „БАНАНА“ кое
произлегува од „Изгради апсолутно
ништо каде било близу кого
било“ (BANANA – Build Absolutely
Nothing Anywhere Near Anyone); и
„КЕИВ (Пипл)“ кое произлегува од
„Пештерски (луѓе) – Граѓани против
виртуелно се“ (CAVE (People) –
Citizens Against Virtually Everything).
Од друга страна поддржувачите на
предложената градба, објект или
проект во англофонскиот свет се
идентифицираат како: „ЈИМБИ“ кое
произлегува од „Да во мојот заден
двор“ (YIMBY – Yes In My Back Yard);
и „ЈИМФИ“ кое произлегува од „
Да во мојот преден (уличен) двор“
(YIMFY – Yes In My Front Garden).

 

 

 

Прашањата за изградбата и развојот
секогаш се деликатни, дури и во
најидеални услови, а да не зборуваме
во сложени ситуации на глобална
економска криза. И покрај ова, она
што се гради денес вообичаено
се гради за најмалку да трае 25 до
30 години, а честопати и подолго.
Доколку сакаме одржлив развој,
треба да се трудиме долгорочно
најсоодветните решенија да бидат
прифатени, а не да се прифаќаат
само оние што носат краткорочни
добивки. Во овој контекст, не би
било лошо, да се ислушаат и земат
предвид легитимните мислења
на сите засегнати со предлогот
при донесување на одлуката
од страна на политичарите.

 

И покрај тоа што законодавството
на Велика Британија, а особено
она во областа на уредувањето
на просторот, ги промовира
определбите за јавна консултација
при изградба, адаптација и доградба
на објекти, истата ги ограничува
основите според кои засегнатото
правно или физичко лице може да
даде приговор при разгледување на
барање за урбанистичка согласнот.
Примери за кои може да се даде
приговор се: предложената градба
е во спротивност со урбанистичките
планови и проекти; несоодветен
изглед на предложената градба;
несоодветни материјали на
предложената градба; лош пристап
до предложената градба или до
постојните објекти како резултат
на истата; зголеменото ниво
на сообраќај како резултат на
предложената градба; нарушување
на осветлувањето и приватноста
на постојните објекти;
зголемено ниво на бука како
резултат на предложената градба;
недоволни слободни површини
како резултат на предложената
градба, предложената градба го
нарушува карактерот на средината
во која се наоѓа, кога станува збор
за заштитени амбиентални средини,
технички пропусти при водењето на
постапката по барањето за издавање
на урбанистичка согласност.
Од друга страна британското
законодавство не дозволува
обжалување по однос, на пример,
на намалена вредност на постојниот
недвижен имот како резултат на
новоградбата, нарушени визури
на постојниот објект, и сл.

 

Обединетото Кралство на Велика
Британија и Северна Ирска од
неодамна има нова коалициона влада
помеѓу Конзевативната и Либерал-
демократската партија, која би сакала
да ја изведе земјата од сложената
економска криза како последица
на глобалната финансиска. Според
најавите, владата планира во текот на
својот мандат да разгледа и аспекти
од сферата на уредувањето на
просторот. При ова, една од првите
определби е да се доведат вон сила,
да престанат да важат, прописите
донесени од страна на претходната
Лабуристичка влада, според кои
се инсистираше на доста високо
згуснување на урбаната структура.
Така, голем број на индивидуални
станбени објекти, двокуќи или куќи
во низа беа изградени на многу
мали локации, но на 3-4 нивоа.

 

За владата ова е неприфатливо
ниво на згуснување. Истовремено
владата размислува за воведување
на даночни ослободувања за оние
што ќе ги поддржат, односно нема
да се спротивстават на предлозите
за изградба во нивната непосредна
околина. Според британскиот печат,
станува збор за предлог според
кој на домаќинствата што нема да
се спротивстават на предложената
новоградба, им следува намалување
на локалниот (општински) данок
што се наплаќа според проценетата
вредност на недвижниот имот.
Информациите за тоа како овој
предлог би се спровел се уште се
штури, но очигледно е дека владата
би сакала да овозможи побрзо
реализирање на новите градежни
зафати во земјата. Ваквиот пристап
може да доведе до забрзување
на реализацијата на нови градби
во земјата, но постои опасност
да дојде до концентрација на
новоградби во посиромашните
средини, со оглед на тоа што ним
намалениот општински данок може
најмногу економски да им значи,
особено во услови на економска
криза. На прв поглед тешко може
да се согледа како предлогот
може да ја забрза реализацијата
на новоградби во побогатите
средини, каде може да се очекува
дека заштедата во општинскиот
данок може да биде незначителна
во однос на евентуалните
последици од новоградбите.

 

Откога ќе бидат познати деталите
за предлогот на владата, можеби
ќе може да се согледа дали
предложениот закон „нимбиата“,
„бананите“ и „кеивите“ ќе ги
преобрати во „јимби“ и „јимфи“
преку намaлен данок на имот,
односно општински данок, или пак
ќе биде дополнителен начин за
концентрација на новоградби без
оглед на нивниот квалитет во оние
средини каде економските услови
го притискаат локалното население
да се сложи на новоградби кои
можеби не се најсоодветни, но
при што согласноста ќе резултира
во одредено намалување
на редовните финансиски
притисоци врз домаќинстватa во
услови на економска криза.

Испрати коментар

Scroll To Top