На Белите планини во Калифорнија, на околу 3.000 метри надморска
височина, расте исклучително издржлив вид на бодлив бор, иглолисно дрво
кое е познато под латинското име Pinus aristata ( фам. Pinaceae).
Подоцна е востановено дека тоа е најстарото растение во светот.
Вообичаено, овој вид достигнува до десет метри височина, но има и
постари единки кои достигнуваат димензии поголеми и од гигантските
секвои.
Овој бор успева во исклучително тешки услови. Во области каде што годишните врнежи се само 250 милиметри, а почвата е сиромашна, карпеста. Надворешниот изглед на единките се оформува под влијание на многу силни бури кои се развиваат на отворените падини. Зависно од вкусот на поединци, за некого тие претставуваат карикатури, а за други вистински ремек-дела на природата. Стеблото и гранките им се странично искривени, а деблото е засукано, со голем број надолжни пукнатини. На платото од полупустината Каибаб, која е изолирана од три страни со длабоки кањони, се наоѓа девствена шума од овој вид на бодлив бор. Таа создава прекрасна композиција заедно со карпите што навлегуваат во неа.
Возраста на најстарата жива единка од видот Pinus aristata, која неодамна е отсечена, е 4.900 години, со што е прогласено за најстаро растение на земјата. Возраста на најстарите, веќе мртви дрвја, достигнува до 7.100 години. Одредувањето на возраста кај нив е покомплицирана за разлика од живите единки, при што се користи радиојаглеродна метода за одредување на староста на единките. Пронајдените мртви остатоци од овие борови на планините во Калифорнија имаат големо значење за науката. Така, врз основа на годишните варијации на димензиите на годовите, тие овозможуваат да се истражуваат климатските услови кои влијаеле на конкретното станиште пред цели 7.000 години. Годишните кругови кај овие борови се невообичаено блиски. На пример, на едно парче дрво од овој вид со ширина од само 2,5 сантиметри може да се избројат 75 прстени. Покрај оваа единка од видот Pinus aristata, постојат и голем број други единки и видови кои имаат достигнато "длабока старост".
Меѓу оние што заслужиле да се најдат на листата од најстари растенија на светот вреди да се споменат дрвото со име Prometheus од видот Pinus longaeva, кое се наоѓало во Велер Пек, Невада. Тоа загинало во 1964 година, по преживеани 4.844 години. Уште една единка од видот Pinus longaeva, позната под името Methuselah има достигнато возраст од 4.843/4.844 години. Тоа се наоѓа во Inyo Country во Калифорнија и моментално претставува најстарото живо растение. Во оваа листа преовладуваат голем број дрвја кои претежно растеле на посиромашни станишта, па како нивни најчести локации се сретнуваат Невада, Колорадо, Калифорнија во Соединетите американски држави, како и во пустинските делови од Чиле. Како најстаро растение кое се наоѓа на европска почва се смета Llangernyw Yew, од видот Taxus baccata. Тоа се наоѓа во северен Велс и е старо околу 4.000 години.
ОХРИДСКИОТ ЧИНАР
Во Македонија како најстаро дрво се смета познатиот Чинар во центарот на Охрид (Platanus orientalis). Според легендата него го има засадено лично св. Климент Охридски во IХ век. Староста на ова дрво се проценува на 1100 години. Во 2002 година истиот е оштетен под влијание на силниот ветер, по што е извршена санација на слабото атрофирано стебло, иако многу експерти тврделе дека санацијата требало да се изврши многу поодамна.
Филип Филипоски, дипл.шум.инж.